Македонија
Петровска: Пронајдени се снимките од кафеаната каде што беше Мицкоски
Одземен е уредот за снимање од кафеаната каде што седел лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кога инспектори беа спречени да извршат увид во внатрешниот дел на објектот кој според протоколите на работа не смее да работи.
Уредот е даден на вештачење, а против сите лица кои ќе се утврди дека го прекршиле протоколот ќе бидат поднесени кривични пријави. Пред да биде одземен уредот за снимање каде што се снимките од надзорните камери, сопственикот тврдел дека истиот е украден, но не знаел да одговори кога.
Освен Мицкоски, со него бил и поранешен функционер во Владата, односно МВР, кој сега е припадник на министерството.
„Со оглед дека постоеја сомневања дека има прекршувања на мерките за заштита, а со тоа и сторување на кривично дело, непочитување на донесените мерки за заштита од пандемија, известен е јавен обвинител од кого е добиена наредба за одземање на уредот за снимање од безбедносните камери во објектот. Во непосредна близина на објектот, како и во самиот објект, забележани се полициски службеници, кои по опис на своите работни места, не требало да бидат присутни таму. Ова предизвикало сомнеж за нивната намера и со оглед дека станува збор за фреквентно место, повикани се службеници на ЕБР, како превентивно обезбедување на просторот. Ангажирањето е направено според прописите на министерството. По дадената наредба за одземање на уредот за снимање, сопственикот кажал дека тој бил украден, но дека не се сеќава кога. За ова е известен јавен обвинител и во координација со судија за претходна постапка, добиена е наредба за претрес на објектот. По направениот претрес, најден е уредот за снимање на безбедносните камери и истиот е одземен. Согласно наредбата, тој сега се вештачи за да се потврди присуството на лицата во објектот“, рече дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска.
Според Петровска, инспекторите го забележале излегувањето на Мицкоски од внатрешноста на кафеаната, откако претходно, беа спречени да влезат во неа. Дури потоа, им било отворено по што виделе дека кујната била користена, односно била извршувана угостителска дејност.
„Целта на надзорот бил проверка дали угостителите ги спроведуваат мерките за заштита до Ковид-19. По нивна проценка, не е побарана полициска асистенција.При обид да се изврши надзор во угостителскиот објект ‘Чардак’, од страна на вработени во објектот, инспекторите биле попречени и не им било дозволено да извршат надзор во внатрешниот дел на објектот со образложение дека немаат клуч од тој дел од објектот. Кога инспекторите се оддалечиле од објектот и преминале кон другите објекти, забележале дека од внатрешноста излегуваат неколку лица. Потоа, тие се вратиле во објектот и инсистирале да се изврши надзорот согласно законите. МВР по јавување на еден од очевидците, упатува полициски службеници на местото на настанот. По пристигнувањето на лицето кое се претставило како еден од сопствениците на објектот, истото го отворило горниот кат, односно винаријата ‘Чардак’, по што инспекторите извршиле увид во просторот, не биле затекнати гости, но во истиот имало користени садови и чаши, остатоци од храна, што упатувало на тоа дека внатрешниот дел сепак бил користен од некого“, додаде Петровска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради сообраќајка во прекин сообраќајот на патот Битола-Државна граница со Грција
Во 20:00 часот на крак А-3 Битола – Државна Граница со Р.Грција во близина на крстосница за с.Бистрица и с.Оптичари, случена е сообраќајна незгода, поради што сообраќајот на патниот правец Битола – Држ. граница е во прекин и истиот ќе се пренасочи низ.с.Бистрица и с.Породин соопшти АМСМ.
Македонија
Сиљановска-Давкова со Ахмет бин Мохамед Ал Џарван: мирот и толеранцијата се императивни претпоставки за демократија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ахмет бин Мохамед Ал Џарван, претседател на „Глобалниот совет за толеранција и мир“, во придружба на неговите соработници.
Информирајќи дека семејството на пријателите на „Глобалниот совет“ постојано се проширува, Ал Џарван потенцираше дека стотина парламенти, ширум светот, потпишале меморандуми за соработка со оваа препознатлива и почитувана институција.
Тој, во парламентарната демократија и во меѓукултурниот дијалог препознава мировни механизми за промоција и гаранција на мирот и толеранцијата на сите нивоа и во сите средини.
Претседателката ја поздрави хуманата мисија на Глобалниот совет, истакнувајќи дека е добредојдена и делотворна во амбиент на сериозни безбедносни закани.
За неа, Меморандумот за соработка, којшто деновиве го потпиша Глобалниот совет со македонското собрание е чекор напред во одбраната и поттикнувањето на хуманите цели на човештвото, без оглед на разликите по било кој основ.
Таа особено се радува на потпишаниот договор за стипендии на студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“, нејзината матична институција, како охрабрувачки за најдобрите студенти, но и оние со лоша материјална положба и неопходна потреба од финансиска помош.
За соговорниците, мирот и толеранцијата се императивни претпоставки за демократија, развој и просперитет во национални, регионални и меѓународни рамки.
Македонија
(Видео) Во Ресенско поплавени над 50 куќи, магацински простори и земјоделско земјиште, состојбата се следи во сите засегнати региони, соопшти ЦУК
Поради обилните врнежи, на подрачјето на Општина Ресен дошло до излевање на Болнска и Источка река во селата Царев Двор и Дрмени, при што се поплавени над 50 куќи, магацински простори, визби и земјоделско земјиште, соопшти Центарот за управување со кризи.
„Поплави се евидентирани и кај с. Долна Бела Црква од излевањето на Голема Река, чиј моментален водостој изнесува 210 см.
Ангажирани се екипи на јавните претпријатија, „Македонија пат“, ЈКП „Пролетер“, како и приватни машини – вкупно 7 пумпи за испумпување вода и повеќе багери за расчистување и интервенции. Во населбата Црквиште се користат сите расположливи пумпи за санација на поплавените објекти.
ЈП “Македонија пат“ информира дека на повеќе делници има наноси од земја, кои се расчистуваат по приоритет“.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, нагласуваат од ЦУК, е во постојана координација со градоначалниците на засегнатите општини.
„Поради обилните врнежи во повеќе региони низ државата се зголемени водостоите на реките, а има и поплавени терени, подруми и земјоделски површини. На терен се ангажирани екипи на јавните претпријатија, механизација и приватни компании за испумпување вода, расчистување и интервенции.
Состојбата, според ЦУК се следи во сите засегнати региони: Ресен, Битола, Демир Хисар, Охрид, Крива Паланка и околината.
„Дежурни екипи остануваат на терен и во текот на ноќта, а Центарот за управување со кризи будно ја следи состојбата и за понатамошни интервенции“.
Фото: принтскрин

