Македонија
Петровска: Северна Македонија е кредибилен сојузник, кој инвестира во националната и во колективната одбрана
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска, се сретна со директорот на Директоратот за одбранбено планирање во алијансата, Карл Форд, кој заедно со својот тим учествува на редовните билатерални консултации помеѓу Република Северна Македонија и НАТО.
На состанокот министерката Петровска порача дека Северна Македонија е посветен и активен НАТО-сојузник, кој дава суштински придонес во рамките на колективната безбедност.
„Со придонесот во мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Романија и во Бугарија, македонската Армија ја зацврстува колективната безбедност и безбедноста на секој граѓанин на алијансата. Ние остануваме посветени и на регионалната безбедност кон која придонесуваме преку нашето учество во мисијата на НАТО во Косово, КФОР“, рече министерката.
Петровска додаде дека Северна Македонија ќе продолжи да инвестира во својата Армија, а доказ за тоа е фактот дека в година 2 процента од домашниот бруто-производ ќе бидат одвоени за одбрана, од кои една третина за модернизација и опремување.
Директорот за одбранбено планирање, Форд, го поздрави придонесот на Северна Македонија кон колективната безбедност, а особено во рамките на мултинационалните сили на НАТО во источното крило.
За време на билатералните консултации, кои вчера и денеска од страна на Министерството за одбрана ги предводеше државниот секретар Владимир Анчев, се разговараше за напредокот во имплементацијата на доделените НАТО-цели на способности во рамките на повеќе области, како одбранбената политика, финансиите, копнените сили, логистиката, воздухопловните сили, специјалните сили, капацитетите за стабилизација и реконструкција, како и цивилната подготвеност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 12 затворени улици во Скопје, ќе се протестира против Усје
Во централното подрачје на Скопје денеска ќе биде воведен посебен режим на сообраќај поради протестниот марш „Стоп за Цементара“, закажан во 12 часот.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, маршот почнува пред Владата на булевар „Илинден“, десно по булевар „ВМРО“, во продолжение по улицата „Васил Главинов“, лево по улицата „Димитрие Чуповски“, во продолжение по улица „11 Октомври“ до пред Собрание и лево по улица „Филип Втори Македонски“ до пред Министерство за животна средина во Скопје.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на град Скопје.
– Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници, се наведува во соопштението.
Македонија
Прoменливо облачно со слаб повремен локален дожд
Времето денеска ќе биде прoменливо облачно со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места ќе има слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до шест, а максималната ќе достигне од седум до 11 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до пет, а максималната ќе достигне до 10 степени.
УХМР информира дека ќе продолжи периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има утре кога ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.

