Македонија
Петровска со кривични пријави против министерот Чулев: „Ја загрози безбедноста на граѓаните“
Kривични пријави против техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев ќе поднесе дополнителната заменик министерка во МВР Славјанка Петровска.
Таа најави дека кривичните пријави ќе ги поднесе до надлежното обвинителство поради несовесно и нестручно работење од страна на Чулев, затоа што, како што тврди, го нарушил работењето на полицијата и ја загрозил безбедноста на граѓаните.
„Техничкиот министер Чулев вчера (10.01.2020) потпишал телеграма која е доставена до сите организациски единици во МВР, со која ги известува раководителите на организациските единици дека наредбите донесени согласно член 154 од Законот за внатрешни работи, со кои на работниците им се наредува да извршуваат задачи во други организациони единици престануваат да важат. Веднаш по доставувањето на телеграмата се обратив писмено до техничкиот министер Чулев и му посочив дека телеграмата е донесена без мое запознавање и согласност и му укажав на сериозноста на оваа негова одлука и последиците со кои ќе се соочи МВР во делот на извршувањето на својата основна функција. Со престанокот на важењето на писмените наредби се создава недостаток на човечки ресурси во делот на обезбедувањето на личности и објекти и со тоа директно се загрозува безбедноста на лицата и објектите кои МВР има обврска да ги обезбедува, како на пример амбасадите на Чешка, Босна и Херцеговина, Бугарија, резиденцијата на амбасадорот на ЕУ… Отежнато е постапувањето и по плановите за зајакнати мерки за обезбедување на амбасадите на Албанија и Турција“, вели Петровска.
Таа нагласува дека директно загрозено е и обезбедувањето на делови од државната граница, граничните премини, особено делот на северната граница поради недостатокот на полициски службеници кој настана со одлуката на Чулев. Полициската станица за граничен премин Долно Блаце, вели Петровска, поседува 11 контролни пунктови за пасошка контрола, кои мора да бидат пополнети со цел нормално функционирање, а Граничниот премин Јажинце ќе престане да функционира.
„Со ваквото неодговорно и незаконско работење Чулев ја доведува во опасност безбедноста на границата, на највисоките државни претставници,како и на амбасадите во нашата држава односно ја загрозува целокупната безбедносна состојба во државата, со што прави кривично дело, но и создава услови за извршување на кривични дела од други лица, кои ќе го загрозат територијалниот интегритет на државата“, додава Петровска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Измамена 76-годишна битолчанка: се претставил како лекар и ѝ зел 7.000 евра за да ја спаси внуката повредена во сообраќајка
Во полицијата во Битола, 76-годишна жена вчера пријавила дека била измамена за 7.000 евра.
„76-годишна жена од Битола пријави дека била измамена од страна на непознато машко лице, кое и се јавило на телефон и ѝ се претставило како лекар, по што и кажало дека нејзината внука е тешко повредена во сообраќајна несреќа и треба да даде пари за да ѝ го спаси животот. Пријавителката заедно со сопругот однеле 7000 евра и ги дале на едно лице кое, според договорот, ги чекало кај саатот во Битола. Подоцна, пријавителката сфатила дека била измамена односно дека нејзината внука не учествувала во сообраќајна несреќа“, соопшти МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Панична пропаганда се за Петрушевски обвинувањата од СДСМ за реформите во ВМРО-ДПМНЕ
„Обвинувањата на СДС се класичен пример на панична пропаганда без факти и без аргументи“, рече денес пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, одговарајќи на обвинувањата од СДСМ дека место нови лица старата банда е реформата во ВМРО-ДПМНЕ.
„Факт е дека Драган Ковачки поседува валиден НАТО сертификат, што целосно ги демантира лагите дека бил ’одбиен од НАТО’ или дека не исполнувал безбедносни услови. Сѐ друго е злонамерна конструкција за дневнополитички потреби. ВМРО-ДПМНЕ спроведува внатрепартиски реформи согласно Статутот и со јасна цел, ефикасна, одговорна и европски ориентирана партија. Обвинувањата за наводна контрола врз институции и медиуми се неосновани и доаѓаат од структури кои со години ја злоупотребуваа државата и сега се плашат од одговорност“, рече Петрушевски.
ВМРО-ДПМНЕ, како што нагласи Петрушевски, останува цврсто посветена на политиките што значат Македонија интегрирана во ЕУ, стабилен НАТО партнер и заштита на државните и националните интереси.
Македонија
Во 15 контејнери собран над еден тон текстилен отпад во Кисела Вода: жителите на Расадник со најголем интерес
Еден тон текстилен отпад е собран за само еден месец од поставувањето на првите контејнери за текстилен отпад на територијата на општина Кисела Вода, соопштија денес општинските власти.
Според податоците добиени од лиценцираната компанија ЕКО-ТЕКС ГРУП ДОО Скопје, најголема количина е собрана од контејнерот поставен во населбата Расадник, што општинарите велат дека укажува на висок интерес и активна вклученост на граѓаните во процесот на селектирање и правилно одлагање на текстилниот отпад.
„Во моментов се поставени 15 контејнери на различни локации пред месните заедници, а паралелно се изработуваат уште 15 нови, кои во следната фаза ќе бидат поставени пред основните училишта и детските градинки. Со тоа, вкупниот број ќе достигне 30 контејнери, а иницијативата ќе добие и силна едукативна компонента, насочена кон најмладите“, велат од Општината.
Ова е првпат во општина Кисела Вода да се воспоставува ваков систем за собирање текстилен отпад, преку договорот што беше потпишан меѓу градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска и Фаик Мифтари, управител на ЕКО-ТЕКС ГРУП ДОО Скопје.
„Со поставувањето на контејнерите за текстилен отпад правиме уште еден суштински исчекор кон современо, одговорно и одржливо управување со отпадот. Фактот што за само еден месец е собран еден тон текстилен отпад покажува дека граѓаните ја препознаваат важноста на оваа иницијатива. Ова партнерство не претставува само техничко решение, туку вложување во едукацијата, свеста и иднината на нашата заедница. Преку ваквите проекти испраќаме јасна порака дека заштитата на животната средина е заедничка обврска и трајна вредност. Искрена благодарност до ЕКО-ТЕКС ГРУП за нивната општествена одговорност и придонесот кон почиста и поздрава околина“, рече градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

