Македонија
Петровска – Тагaрeв: соработката во одбраната може да биде позитивен пример како да се развиваат односите меѓу двете држави
Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Ново Село, Бугарија ќе ги посети припадниците на Армијата на Република Северна Македонија кои се дел од мултинационалните сили на НАТО.
Во пресрет на посетата на македонскиот контингент, министерката Петровска разговараше со министерот за одбрана на Бугарија, Тодор Тагарев по што истакна дека соработката помеѓу Северна Македонија и Бугарија е исклучително значајна и дека е на ниво кое доликува на две сојузнички земји во НАТО.
„Денеска со мојот колега Тагарев заедно ќе ги посетиме нашите мултинационални сили што се стационирани овде во Бугарија и се дел од зајакнатото присуство на НАТО Алијансата на целата своја територија. Мене ми е задоволство што и минатата година имав можност за прв пат да ја посетам и официјално Бугарија меѓутоа и сега при оваа моја посета ќе констатирам дека соработката во одбраната помеѓу двете земји е исклучително значајна и се одвива онака како што им доликува на две земји кои што се членки на НАТО алијансата“, рече Петровска.
Министерката додаде дека тема на разговорот ќе бидат начините како дополнително да се развие соработката, при што порача дека „таа како и досега и во иднина ќе преставува позитивен пример за тоа како да се развиваат односите помеѓу нашите две држави“.
Министерот Тагарев порача дека односите во одбраната помеѓу двете земји се многу добри и дека високо го цени придонесот на Северна Македонија во мултинационалните сили на НАТО во Бугарија. Додаде дека односите во одбраната се на високо ниво и дека ќе работи на нивен развој и во иднина.
Учеството на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во рамките на НАТО силите во Бугарија е врз основа на одлуките на Владата на Република Северна Македонија. Нашиот придонес во силите во Бугарија започна во ноември 2022 со испраќање на еден вод и еден штабен офицер каде заедно со припадниците на вооружените сојузнички сили се составен дел од колективниот систем за одвраќање и одбрана. Македонскиот контингент во мултинационалните сили во Бугарија е во големина на еден вод. Во овие сили има над 1.000 припадници од сојузниците Северна Македонија, Бугарија, Албанија, Грција, Црна Гора, Турција и САД, под водство на Италија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со слаби локални врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините врнежи од слаб снег. По одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со појава на магла. Во делови од котлината ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 5 степени.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.

