Македонија
Петровска: Успехот кој го постигнавме како Армија е со силна поддршка од Националната гарда на Вермонт
Министерката за одбрана Славјанка Петровска се обрати на свеченоста во Министерството со која се одбележа триесет годишното партнерство помеѓу Армијата на Република Северна Македонија и Националната гарда на Вермонт, при што порача дека ова партнерство не е само потпишан документ, туку подадена рака и постојана поддршка низ 30-те години.
„30 години одбележани со над 350 активности, вежби, обуки, тренинзи низ кои поминале повеќе од 1.800 армиски припадници. Припадниците на македонската Армија ни тогаш, а ниту денес не разочараа и не потфрлија, напротив учеа и учат да се надградуваат, да споделуваат знаења и заедно со припадниците на Националната гарда на Вермонт го градат и чуваат нашето сојузништво“, рече таа.
Петровска се осврна и на заедничкото учество во наменските сили Феникс во 2010 година, каде за прв пат припадници на Националната гарда беа распоредени во мисија заедно со партнерска нација.
„Тоа е една исклучителна мисија, тешка комплицирана, опасна но сепак успешна – заедничката мисија на македонските и американските војници во Авганистан во 2010 година“, истакна министерката.
Командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт, кому министерката Петровска му врачи и државно знаме во рамка, порача дека активно учествува во ова партнерство долги години и дека отпорноста и посветеноста на луѓето од Вермонт и од Северна Македонија го направија ова партнерство и пријателство толку успешно.
„Долгогодишните пријателства што ги започнавме ние, постарата генерација, ќе продолжат и со нашите помлади офицери и подофицери додека тие ги развиваат кариерите во нивните соодветни организации. Она што е важно е да го пренесеме нашето знаење и искуство“, рече Најт.
На свеченоста беше прикажано видео со лични сведоштва на неколку припадници на Армијата од заедничкото учество во мисијата Феникс, а на амбасадорката на САД, Анџела Агелер, Баталјонот за специјални сили, Извидувачко-разузнавачкиот баталјон и Баталјонот на воената полиција, како и на неколку сектори во Министерството за одбрана и вработени во Канцеларијата за одбранбена соработка на САД им беше врачена плакета за нивниот придонес во развојот на партнерството. На свеченоста беше поставена и изложба со фотографии од заедничките активности на двете вооружени сили. Од 1993 година, реализирани се над 350 активности вклучувајќи над 1800 припадници на Армијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.

