Македонија
Петров: Обезбеден паричен надоместок за занаетчиите и оние кои останале без работа
Мерките на Владата обезбедуваат паричен надоместок за занаетчиите и оние кои останале без работа, сите се важни. Ова го изјави потпретседателот на СДСМ, Коста Петров, на прес-конференцја, каде кажа дека економските ефекти на коронавирусот ги чувствуваме сите и говореше за економските мерки.
Тој образложи дека компаниите кои сакаат да аплицираат за да ја користат мерката за субвенционирање на 50 проценти од придонесите, треба да исполнуваат услов приходите да им бидат намалени за најмалку 30 отсто, споредбено со просекот за 2019 година. Втор услов, како што рече Петров, е бројот на вработени за месеците април, мај и јуни 2020 година да не биде помал од бројот на вработени со состојба на 31.03.2020 година и да не исплатува дивиденди и бонуси од денот на објавување на уредбата до денот на поднесување на годишна сметка/финансиски извештаи за 2020 година.
Доколку, компаниите се регистрирани само неколку месеци се зема просекот од периодот во којшто функционираат. Ако компанијата има сезонска работа се зема просекот од кварталот/сезоната која е релевантна од претходната година.
Во продолжение Петров одговараше на повеќе прашања во однос на владините мерки за занаетчиите и паричниот надоместок по престанок на работниот однос.
„Дали финансиска поддршка за исплата на плата во износ до 14.500 денари се однесува на нето платата што треба да ја исплати работодавачот како минимална нето плата или се однесува на бруто платата во висина до 14.500 денари?
Работодавачите ќе добиваат по 14.500 денари нето по вработен месечно и ова не е плата, туку износ на финансиска поддршка која секоја компанија може да ги искористи.
Дали за време на користење на мерката за финансиска поддршка од 14500 денари по вработен треба да се надополни бројот на вработени, во случај на пензионирање на вработени, самоволен отказ или кршење на работниот ред?
Работодавачот кој побарува финансиска поддршка не смее бројот на вработени, да го намали за месец април, мај и јуни 2020 година во однос на бројот на вработени со состојба на 31 март 2020 година, земајќи ги во предвид и вработените, преку приватна агенција за вработување, освен во случај на пензионирање, самоволен отказ, кршење на работен ред или смрт.
Како може занаетчии, самостојни вршители на дејност да аплицирааат за мерката за плата од 14.500 денари за месец април и мај?
Лице кое врши занаетчиска дејност – барател на финансиска поддршка поднесува Барање за финансиска поддршка за исплата на финансиски средства до Управата за јавни приходи. Формата и содржината на Барањето за финансиска поддршка за исплата на финансиска средства ја пропишува Министерот за финансии.
Барањето се поднесува преку системот е-даноци на Управата за јавни приходи до 5- ти во месецот за претходниот месец, а комплетноста на Барањето го потврдува
Управата за јавни приходи, во рок од 3 дена од денот на приемот на барањето.
Во Барањето, физичко лице кое врши самостојна дејност, дава Изјава за исполнетоста на условите од Уредбата.
Управата за јавни приходи ја известува Владата на Република Северна Македонија за физичките лица кои вршат самостојна дејност-баратели на финансиска поддршка кои ги исполниле условите за финансиска поддршка за исплата на финансиски средства.
Износот на финансиска поддршка се исплатува до 13-ти во месецот за претходниот месец преку Владина програма за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност.
Како да дојдете до мерката од Владата за 7000 денари помош ако сте невработени?
Доколку сте материјално необезбедено домаќинство, ве молиме да се
обратите до месно надлежниот Центар за социјална заштита за да може да поднесете право за добивање на гарантирана минимална помош, како и друго право доколку ви следува согласно Законот за социјална заштита и Законот за заштита на децата.
Како да добиете паричен надоместок во случај на престанок на работниот однос?
Доколку имате престанок на работниот однос, може да користите паричен надоместок. Право на паричен надоместок има невработено лице што било во работен однос најмалку 9 месеци непрекинато, или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци, пред престанокот на работниот однос. Надоместокот се исплатува согласно годините за работен стаж. Подетални информации за правото може да најдете на www.av.gov.mk
Исто така, доколку сметате дека ви се повредени, или прекршени работничките права, ве упатуваме да се обратите до Државниот инспекторат за труд“, рече Петров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хуманост на дело, за само шест часа собрани 3,1 милиони денари за лекувањето на малата Ана
Кампањата за лекување на осумгодишната Ана Јованчева официјално е затворена, откако за само шест часа беа собрани 3,1 милиони денари, објави доктор Ненад Лазаров.
Станува збор за една од најбрзите и најмасовни хуманитарни акции во последниот период, со што целосно се обезбедени средствата потребни за хируршката интервенција и лекувањето во странство. Со ова, како што посочи Лазаров, семејството на Ана е барем финансиски растоварено во најтешкиот период од нивниот живот.
Ана има дијагностициран редок и исклучително агресивен тумор на синусите – Tu Foss pterygopalatina Sinus sphenodalis lat dex et orbitae lat dex, со зафатена орбита. Дијагнозата е потврдена во Хрватска, каде што се бара специјализиран хирург за изведување на сложената и деликатна операција.
Болеста е сериозна и со висок ризик, а времето беше клучен фактор, поради што кампањата беше означена како најитна досега. Масовниот одѕив на граѓаните за неколку часа покажа силна солидарност и сплотеност кога е во прашање животот на дете.
„Секоја среќа ти посакуваме, Ана. Цела држава стана за тебе“, порача Лазаров, додавајќи дека поддршката за девојчето и нејзините родители ќе продолжи и во наредниот период.
Македонија
Љубов или вино: што навистина славиме на 14 февруари?
Секој 14 февруари, истата ситуација – некои го препознаваат само Свети Трифун, додека други го сметаат Свети Валентин, или Денот на вљубените, за поинтересен. За други, единственото нешто што е важно е да се забавуваат на тој ден.
Најмногу профитираат трговците и угостителите, на кои не им требаше многу за да ја спојат романтиката со добро вино и да најдат начин да заработат добри пари на тој празник. Сепак, повеќето луѓе всушност знаат малку за светците кои ја предизвикале целата расправија, како и за тоа како дошло до тоа Денот на вљубените и Фестивалот на виното да „паѓаат“ на ист ден.На тој 14 февруари, има двајца светци – едниот кој има многу долга традиција и е почитуван со векови, а другиот, понов кој, преку медиумите, стана глобален феномен надвор од христијанските земји.
Може ли Свети Трифун да се заљуби, а Свети Валентин да се опие?
Прво, зборуваме за два сосема различни светци кои ги почитуваат и православната и католичката црква. Свети Трифун, како светец-заштитник на лозарите и винарите, не може да биде замена за Свети Валентин, ниту обратно. Католичката црква го слави Свети Трифун, но на 10 ноември. Од друга страна, православната црква на Свети Валентин се сеќава на 12 август. Сепак, никој тогаш дури и не помислува на Денот на вљубените, бидејќи Денот на вљубените на 14 февруари стана глобален феномен.Свети Трифун живеел во 3 век од н.е. во Мала Азија. Легендата вели дека имал чудотворен дар за лекување и дека успеал да ја излечи ќерката на римскиот император Гордиј „од зол дух“. Тој ги делел богатите кралски подароци на сиромашните и живеел како скромен чувар на гуски до крајот на својот живот. За време на големиот прогон, тој одбил да се откаже од Христос, поради што бил убиен во 250 година од н.е. на овој ден. Свети Валентин живеел некаде околу тоа време. Тој го посветил својот живот на тајно женење на војници, на кои им било забрането да основаат семејство, со нивните избрани жени. Поради оваа помош на заљубените парови, Валентин бил обезглавен во 269 година.
И што да се слави денес?
Благодарение на Холивуд и добриот маркетинг, Денот на вљубените стана глобален феномен, а подарувањето бомбони, срца и други посебни подароци на саканата личност на крајот се прошири и во Србија. Сепак, има и такви кои сè уште го „препознаваат“ само Свети Трифун како празник. На која било група да припаѓате, имаме совет за вас – Прегрнете некого што го сакате… Отворете шише добро вино… И уживајте во животот.
Македонија
Изменет сообраќаен режим поради Задушница
Поради верскиот празник Задушница денеска од 6:00 часот ќе биде воведен посебен режим на сообраќај во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од Единицата за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје информираат дека сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока, односно кружно. Сите возила ќе се упатуваат по улица „Бутелска”, лево по улица „Александар Урдаревски”, лево по улица „Боца Иванова” и десно до влезот на гробиштата Бутел. За излез, возилата ќе се движат десно по улица „Боца Иванова”, до кружниот тек на улица „Бутелска”, па лево по улица „Бутелска” и десно по улица „Кемал Сејфула”.
Посебен режим на сообраќај ќе биде воведен и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

