Македонија
Петрушевски за полициската акција: ЕСМ и РЕК „Битола“ беа користени од поранешните функционери за испумпување милиони преку тендери
ВМРО-ДПМНЕ ги охрабрува институциите да продолжат во спроведување на законот и овозможување на правдата во врска со денешната полициска акција насочена кон поранешни директори на државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ и на енергетските капацитети што се под нејзина капа, меѓу кои и поранешниот генерален директор на ЕСМ, Васко Ковачевски.
Пратеникот Бране Петрушевски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ со години гласно зборуваше за криминалот во ЕСМ и РЕК.
„Двата енергетски комбината и ЕСМ и РЕК ‘Битола’ беа користени од функционерите на поранешната власт како претпријатија за испумпување милиони преку тендери додека народот плаќаше скапа струја. ВМРО-ДПМНЕ ја предупредуваше власта на СДС и ДУИ да не ја крадат државата и дека одговорност за криминалот ќе има. Сите наши апели не вродија со плод, СДС и ДУИ ја ограбија државата, но затоа сега одговорност ќе има и секој ќе одговара за она што правел“, рече Петрушевски.
Како што додаде, за да има милиони за тендери на Ковачевски, Заев и Филипче, цената на производство на струја ја качија од 33 евра за мегават-час на над 100 евра. Сето тоа го направија преку осакатување на системот, недоволна експлоатација на сопствен јаглен, скап увозен и неквалитетен јаглен, што влијаеше за дефекти на постројките.
Најмалку десетина луѓе се уапсени во акцијата поврзани со РЕК „Битола“, ТЕЦ „Осломеј“ и ТЕЦ „Неготино“. Од МВР велат дека во тек е полициска акција и дека по завршувањето, ќе бидат соопштени детали. Истрагата ја водат двајца обвинители од Обвинителството за борба против организирниот криминал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бегај од Скопје се сели во Тетово, Гостивар и Дебар, улиците ќе бидат затворени
Во Тетово, Гостивар и Дебар денеска ќе има посебен сообраќаен режим поради престојот на претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, кој ја завршува тридневната официјална посета на земјава.
Општина Тетово и СВР Тетово информираат дека денеска во градот ќе има привремени безбедносни мерки, посебен режим во сообраќајот и забрана за паркирање на повеќе улици по повод посетата на претседателот на Република Албанија Бајрам Бегај на Тетово.
Општина Тетово препорачува возила да не се паркираат на булевар „Маршал Тито“ од почетокот до кружниот тек кај пазарот со булевар „Благоја Тоска“, на булевар „Благоја Тоска“ од кружниот тек со булевар „Маршал Тито“ до зградата на Општина Тетово, на улица „ЈНА“ („Дервиш Цара“) во целост, до семафорите, на улица „Илинденска“ од Основен суд до Универзитетот на Југоисточна Европа, на улица „Киро Ристоски-Дрнц до Арабати Баба Теќе, на улица „ВонВардарска“ и на улица „172“.
-Возилата паркирани спротивно на известувањето ќе бидат отстранети од страна на службите, наведуваат од Општина Тетово.
СВР Тетово апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и упатствата што ќе ги даваат полициските службеници, со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
-Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово и Полициското одделение за безбедноста на патниот сообраќај Гостивар при СВР Тетово ќе преземат мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на Тетово и Гостивар, посочија од СВР Тетово.
Согласно агендата, претседателот Бегај ќе ја посети Општина Тетово, ООУ „Лирија“, Шарената џамија и Арабати Баба Теќе.
Албанскиот претседател, Бајрам Бегај, кој е во тридневна официјална посета на земјава, по посетата на општина Гостивар, престојот ќе го заокружи со посета на Дебар, во попладевните часови, од каде преку граничниот премин Блато ќе замине за Албанија.
По тој повод од ОВР Дебар соопштија дека попландево во сила ќе биде посебен сообраќаен режим со цел непречено движење на возилата од делегацијата и непречено одвивање на предвидените активности.
-За таа цел, полициски службеници од ОВР Дебар и СВР Охрид, ќе вршат физичко обезбедување на трасата на движење како и на објектите каде се предвидени работни средби. Мерките стартуваат утре, 28 февуари од 12 часот и ќе траат до 19 часот, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секорот за внатрешни работи -Охрид.
Дообјаснува дека посебниот сообраќаен режим ќе се спроведува со повремено затворање за сообраќај на регионалниот пат Р-1202, од Бошков мост до Дебар, улиците „Елена Ѓика“ од АД „Кнауф“ до кружен тек „Енѓи“, улиците „Иса Болетини“, „Јусуф Грвала“ и регионалниот пат Р-1201 до улиците „Мојси Големи“, „Амди Леши“, Јосиф Багери и регионалниот пат 1202 Дебар- граничен премин Блато.
-Апелираме до граѓаните и до сите учесници во сообраќајот, да се придржуваат до насоките на полициските службеници кои ќе вршат обезбедување и на исклучивост во користењето на своите моторни возила во овој временски период, посочува Димоски.
Според Општна Дебар, Бегај ќе се сретне со градоначалникот, Фисник Меља, но не се предвидени изјави.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера со државни и воени почести го пречека претседателот на Албанија Бајрам Бегај.
Македонија
Орце во ноќен увид на улиците кои се реконструираат низ Скопје, вели се работи и дење и ноќе
Во завршна фаза е изградбата на улицата „Фрањо Клуз“ во Аеродром која е една од најзначајните сообраќајници во овој дел од градот. Се работи со полна динамика, и дење и ноќе, затоа што скопјани заслужуваат модерен, функционален и безбеден град, објави вчера вечерта градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
-Делата говорат. Скопје не смее да чека. Скопје мора да се развива – посветено и со визија. Она што со години било запоставувано и туркано под тепих, денес се решава темелно и одговорно – објави на Фејсбук Ѓорѓиевски.

Реконструкцијата опфаќа нов тампон, двослоен асфалт, нови рабници, а во овој момент интензивно се асфалтираат тротоарите. Во должина од еден километар се изведуваат нови тротоари, се поставува современо улично осветлување и се гради нова атмосферска канализација.
– Од наредната недела, жителите на Аеродром ќе возат по нова, современа и безбедна улица. За само три месеци од преземањето на функцијата градоначалник на Скопје, покажавме дека кога се работи со срце, визија и чесна намера – резултатите се очигледни. Не ветивме чуда, туку работа. И работиме – објави Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски, вели дека ова е само почеток и најавува дека следува најголемата инфраструктурна обнова досега.
– Ќе се работи рамномерно, во секој дел на Скопје. Затоа што секој заслужува исти услови, исти шанси и ист квалитет на живот.
Мојот народ го заслужува најдоброто – објави Ѓорѓиевски.
Македонија
Пролетен ден во зима, денес сонце и температури до 15 степени
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 15 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени и по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

