Македонија
Петрушевски: По дебаклот на изборите, СДС не знае кај тера, парите од заемот ќе се инвестираат кај граѓаните и во македонската економија
Очигледно е дека после дебаклот на последните избори, СДСМ тотално го загуби правецот на делување и тоа се гледа во последните нивни политики, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски од собранискита говорници каде што се дискутира за законското решение за заемот од 500 милиони евра од унгарската влада.
Петрушевски истакна дека е срамота за еден поранешен вицепремиер за економски прашања, обраќајќи му се на пратеникот Фатмир Битиќи, да излегува на говорница и да критикува за некакво задолжување, најпрвин од причина што во негово време, неговата влада го дуплира јавниот долг на Република Македонија од 4,7 милијарди евра на 8,9 милијарди евра.
„Срамота е затоа што ова задолжување од 500 милиони евра е предвидено во буџетот кој што предложи и го донесе претходното мнозинство. 500 милиони евра стојат како финансирање во нивниот буџет. Да се зборува за тајност за едно задолжување кое беше најавено уште во предизборниот период, за едно задолжување за кое што се дебатира со месеци е смешно“, рече Петрушевски.
Меѓутоа, додаде тој, тоа е така затоа што свесни се дека ова задолжување е далеку поевтино од сите нивни претхотни задолжувања, затоа што владата на овој поранешен вицепремиер само од јануари до јуни 2024 година, за само шест месеци направиле вкупни трошоци за камати во буџетот од 182 милиони евра, а во истиот период во 2023 година биле 108 милиони евра, а во 2022 биле 83 милиони евра.
„И да биде парадоксот поголем, го критикува задолжувањето без да спомене ниту една бројка. Па, зошто почитуван поранешен вицепремиере не кажете дека се работи за задолжување со каматна стапка од 3,25%, далеку најевтина каматна стапка за било какво можно задолжување? Зошто не ги кажете поволностите кои што се однесуваат на три годишен грејс период и 15 години рок на отплата? Очигледно затоа што не ви оди во прилог. Уште еднаш, повикот за општините е објавен, со коморите е договорено, парите ќе се инвестираат кај граѓаните и во македонската економија“, рече Петрушевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ во Собранието го поднесе Законот за минимална плата од 600 евра за работниците
Пратеничката група на СДСМ денеска во Собранието го поднесе предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, соопштија од оваа партија.
„Согласно потребите на работниците и барањата на синдикатите, со измените вистината на минималната плата се одредува на 36.960 денари односно 600 евра.
Во образложението се наведува дека во текот на 2025 година е евидентиран континуиран пораст на инфлацијата, при што индексот на трошоците на живот бележи значително зголемување. Особено кај основните прехранбени производи, енергенсите, комуналните услуги и здравствените трошоци, кои имаат директно и најсилно влијание врз месечните трошоци на домаќинствата.
Поскапувањата кај храната и основните животни намирници, како и растот на цените на електричната енергија, греењето и услугите, реално ја намалуваат куповната моќ на работниците, особено на оние кои примаат минимална плата“.
Ова, како што велат, особено се одразува врз најранливите категории на работници, кај кои минималната плата претставува единствен или доминантен извор на приходи.
Дополнително, според СДСМ,синдикатите, како легитимни претставници и заштитници на правата на работниците, во континуитет укажуваат на потребата од дополнително зголемување на минималната плата, со цел ублажување на ефектите од инфлацијата, обезбедување достоинствен животен стандард и зголемување на социјалната сигурност на работниците и нивните семејства.
„Финансиските импликации за овој закон се во износ од 7.500.000.000 денари.
СДСМ е на страна на работниците. Очекуваме поддршка од сите парламентарни партии.
Ајде да обезбедиме достоинствена плата за работниците. Време е“.
Македонија
Ѓорѓиевски: Воведувањето на комунална полиција приоритет, политиката нема да има место во управниот одбор на ЗЕЛС
Градоначалникот на Град Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, денес ја предводеше втората седница на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) во новиот состав, на која беа разгледани и усвоени повеќе прашања од суштинско значење за понатамошното јакнење на локалната самоуправа и унапредувањето на јавната администрација во државата.
Седницата беше со посебен фокус на деполитизацијата на работата на Управниот одбор, јакнењето на институционалните капацитети на општините и воспоставувањето поефикасни, потранспарентни и поодговорни системи за управување. Во таа насока, беше истакната важноста од воведувањето на современи дигитални решенија за управување со човечки ресурси во јавниот сектор, како и приоритетот за воспоставување комунална полиција преку законски измени, со цел поголем ред, дисциплина и ефикасност на локално ниво.
Дополнително, беше нагласена потребата ЗЕЛС да настапува обединето и со единствен став по клучните прашања, со што се зацврстува неговата улога како кредибилен партнер на институциите и силен застапник на интересите на општините и граѓаните.
претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски:
Денес ја одржавме втората седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, на која разгледавме и усвоивме неколку значајни точки од суштинско значење за понатамошното јакнење на локалната самоуправа, објави претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.
„Особена чест ни беше присуството на министерот за јавна администрација, Горан Минчев, кој го презентираше надградениот софтвер за управување со човечки ресурси, сега поставен како единствен информативен центар за целата администрација.
Со ова решение, ќе се воспостави современ и функционален модел за собирање и управување со податоци за сите вработени, што претставува сериозен исчекор кон поефикасна, потранспарентна и поодговорна јавна администрација.
Неговата имплементација е повеќе од добредојдена и ќе донесе конкретни придобивки и за вработените и за јавните претпријатија.
И на оваа седница, повторно јасно нагласив дека Управниот одбор на ЗЕЛС е тело во кое политиката нема да има место.
Така беше и во мојот претходен мандат, така ќе биде и во иднина.
Овде сме обединети околу заеднички цели и за многу прашања ќе мораме да настапуваме со единствен, заеднички став.
Очекувам силна, искрена и плодна соработка со сите членови, затоа што колку ЗЕЛС е пообединет, толку повеќе добиваат општините, а со тоа и нашиот народ.
Воведувањето на комуналната полиција, преку новите законски измени, останува наш јасен приоритет за конечно воспоставување ред, дисциплина и поголема ефикасност на локално ниво.
Убеден сум дека овој состав на Управниот одбор ќе остави значаен белег во унапредувањето на локалната самоуправа и во продлабочувањето на процесот на децентрализација, во интерес на граѓаните и рамномерниот развој на општините.
Македонија
Мицкоски: Обезбедени се средства за набавка на 150 електрични автобуси за Скопје и општините
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа каков е планот за набавка на најавените нови еколошки автобуси, изјави:
„Па ние на владина седница донесовме одлука, во рамките на „Влада со Влада“ договорот којшто го имаме со Унгарија. Дел ќе биде кредит, под оние исти услови коишто ги имавме и во претходниот случај, односно 3 години грејс период, дополнителни 12 години отплата, значи 15 години со истата каматна стапка“.
Градот Скопје во претходна анкета побара 250 вакви автобуси, кажа Мицкоски.
„За него ќе бидат отстапени 100, со 50 полначи, а останатите општини коишто имаат организиран градски превоз, побараа, мислам дека побараа 89, а ќе добијат 50, со 25 полначи“.

