Македонија
Пецаков: Не сме против нов клинички туку против кражба на 400 милиони евра
ВМРО-ДПМНЕ не е против изградба на клинички центар, вели пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Пецаков. Неговата партија, како што дополни, е против мега криминалот што го подготвува најкорумпираната власт на Заев.
„Власта на Заев по 4 години одлагања и шетања на проектот нов Клинички центар, сака со 30-тина страни физибилити студија да потроши над 500 милиони евра за изградба на клинички центар. Овој проект е безмалку идентичен со тој во Белград и според површината и според бројот на болнички легла и според бројот на болнички соби и операциони сали, Но има една голема разлика. Во Србија ваквиот проект за изградба и опремување чини 125 милиони евра, а кај нас тој е проектиран на над 500 милиони евра“, нагласи Пецаков.
Според Пецаков, ако СДСМ сакаше да направи нешто за јавното здравје ќе изградеше, како што рече, клинички центар за кој имаше и план и целосна финансиска конструкција од страна на претходната власт на ВМРО ДПМНЕ кој ќе чинеше речиси десет пати помалку.
„Тогаш од СДСМ велеа дека наместо во објекти ќе работат за приватизација на здравството. Со други зборови, да беше ВМРО-ДПМНЕ досега граѓаните ќе имаа современ клинички центар“, смета Пецаков.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи кражба на векот од оваа, како што ја нарече, најкорумпирана власт во Европа, затоа што тие 400 милиони евра се, како што рече, пари на граѓаните.
„Овие 400 милиони евра не се пари на Заеви или Филипче, ама постои основен сомнеж дека со ваков криминален проект ќе станат. Костадин Костадинов почна самиот себеси да се лаже, кога веќе не можат да ја излажат јавноста“, истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ навраќајќи се на прес конференцијата на Костадинов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Да не се потпаѓа на шпекулации, Македонија продолжува со дијалог, велат од Транспорт за проблемот со превозниците
Министерството за транспорт апелира да не се потпаѓа на шпекулации и секаков вид непроверени информации кои може да наштетат на дијалогот, а особено не на шпекулации од соседните држави. Секоја држава одлучува за себе, Македонија продолжува со дијалог за трајно решение, соопштија од Министерството по најавата на балканските превозници за нови блокади на границите.
„Во врска со престојот на превозниците во Шенген зоната би сакале да информираме дека во координација со Европската Комосија се работи на трајно решение. Ресорните министерства изминатиот период се во интензивна комуникација со ЕК со цел да се изнајде трајно решение. Министерството за транпсорт е во постојана комуникација со превозниците, како и со Европската комисија со цел изнаоѓање решение во рамки на новата визна стратегија која ја промовираше Европската Унија каде што се отвора можноста возачите да бидат третирани како професионалци како и можностите за друг вид визи“, соопштија од Министерството.
Од таму потенцираат дека е најавено одложување на примената на ЕЕС системот и дека активно сите чинители работат на решавање на овој проблем.
„Дијалогот со Европската Комисија е активен и сите можности се разгледуваат од страна на техничка работна група составена од сите ресорни министерства и претставници на Европската Комисија. Во следниот период разговорите продолжуваат со засилена динамика со цел наоѓање трајно решение кое е прифатливо за сите страни“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
Законот за пушење следната недела пред Владата – фазната имплементација не значи одложување, појаснува Министерството за здравство
Министерството за здравство соопшти дека останува целосно посветено на донесување и имплементација на Законот за заштита од пушење, согласно законските рокови.
Во моментот, како што велат од Министерството, се финализира анализата на пристигнатите коментари од јавната расправа на ЕНЕР, како и ставовите доставени од засегнатите страни, институциите и бизнис заедницата, по што следната недела финалната верзија ќе биде доставена до Владата.
„Потенцираме дека овие усогласувања не ја менуваат суштината на законот. Целите остануваат јасни и непроменети: спречување на започнување со пушење кај младите и создавање генерации без никотинска зависност, заштита на работниците и граѓаните од пасивно пушење во затворени јавни и работни простории.
Во однос на наводите за „фазна имплементација“, појаснуваме дека тоа не значи одложување на неговата имплементација по усвојувањето во Собранието. Законот ќе стапи на сила по неговото донесување согласно законските рокови. Фазноста се однесува на начинот на примена во почетниот период, при што првата фаза ќе биде со засилен надзор, информирање и опомени. Целта е институциите, угостителите, и граѓаните да се адаптираат, да добијат јасни упатства и поддршка, а културата на почитување на правилата да се изгради одржливо на долг рок“, велат од Министерството.
Се додава дека остануваат отворени за комуникација и навремено информирање на јавноста за секој следен чекор од процесот.
Македонија
Герасимовски: Го чуваме редот и јавниот простор во Центар, 86 казни за непрописно паркирање за три дена
Комуналните инспектори и комуналните редари на општина Центар претходната недела изрекоа вкупно 86 казни за непрописно паркирање на јавни и зелени површини, од кои досега 24 се платени.
Контролите се фокусирани на подрачјата на Дебар Маало и Градски ѕид, каде најчесто се евидентираат вакви прекршоци. Засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период, известуваат од општина Центар.

На секое непрописно паркирано возило се остава известување за сторен прекршок, а казната изнесува 50 евра, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на Општина Центар. Доколку прекршочниот платен налог се подигне и се плати во рок од осум дена, сторителот има можност да плати половина од износот на изречената казна.
„Редот мора да се почитува, а безбедноста на пешаците и заштитата на јавниот простор се наши приоритети. Апелирам до сите граѓани да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, за да имаме уредна, безбедна и хумана средина за сите,“ рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, со цел заштита на пешаците и јавниот простор.

