Македонија
Пецаков: Со чесна и транспарентна работа промените во Охрид се гледаат
Охрид, со својата историја, култура, природни убавини и туристички потецијали е многу значаен центар на Македонија и затоа заслужува да сјае како вистински бисер на развојот, во секоја сфера од живеењето. Со големо задоволство, можам да кажам дека како посветена локална власт, во изминатите три години гордо чекориме по зацртаниот пат за напредок и обезбедување подобри услови во сите урбани и рурални средини. Од десетте приоритетни проекти кои ги ветивме на почетокот на мандатот, девет проекти се финализирани или се во напредна фаза на реализација. Ова претставува исклучителен успех кој ја потврдува мојата доследност и големата ангажираност на тимот со кој работам, вели Кирил Пецаков, градоначалник на општина Охрид.
-Како прво и најважно, би сакал да потсетам дека Општина Охрид беше најзадолжена општина во државата, но со голем труд и финансиска дисциплина, успеавме да го завршиме процесот на раздолжување и да ја одблокираме сметката. Сега општината може да гради буџет на здрава основа и е подготвена за капитални инвестиции, големи проекти и користење на средствата од меѓународни фондови.
Реализиравме низа проекти за изградба и реконструкција на комуналната и сообраќајната инфраструктура. Дваесетина градски улици и голем број локални патишта добија нова функционалност, симболизирајќи ја обновата на Охрид како урбана и модерна заедница. Современ лик добија улиците „Македонски Просветители“ и „7-ми Ноември, а улицата „Гоце Делчев“ е во завршна фаза од реконструкцијата. Поставивме асфалт на педесетина локации во сите рурални средини, изградивме потпорни ѕидови, поставивме нови водоводни линии и системи за отпадни води. Го ставивме под контрола урбанистичкото планирање и завршивме илјадници предмети за легализација кои беа заглавени со години.
Особено внимание посветивме на образовните институции, знаејќи дека се тие камен-темелник за иднината. Тука се голем број проекти за реконструкција на објектите од средното образование, економското училиште и гимназијата, каде што се инвестирани значителни средства. Исто така, го решивме проблемот со ООУ „Кочо Рацин“ кое наскоро ќе биде дислоцирано во нови современи простории во Охридската касарна. Градиме нова спортска сала во ООУ „Ванчо Николески“ во Лескоец и извршивме комплетна реконструкција на ООУ „Свети Наум Охридски“ во Пештани, потенцира Пецаков и додава:
„Во насока на обезбедување на подобри услови за спортскиот развој на децата, изградивме нови спортски и детски игралишта и комплетно ги реконструиравме постоечките. Отворањето на првиот Младински центар во Охрид ја покажува вистинската грижа која ја имаме за младите. Со овој проект нашата општина стана лидер и пример за креирање на младински политики во Македонија.
Бевме исклучително посветени на културната дејност и развојот на спортот и поддржавме низа важни манифестации и настани. Тука би сакал да ги издвојам Фестивалот на вино, Ohrid Water Festival и Охридскиот џез фестивал, како нови содржини кои ја збогатија туристичката понуда на Охрид, надвор од шпицот на летната сезона.
Со знаење, чесна и транспарентна работа, промените, проектите и победите јасно се гледаат во Охрид. Изразувам длабока благодарност на сите граѓани за довербата, соработката и за поддршката која секојдневно ни ја даваат. Пред нас стојат нови предизвици и со заеднички сили, продолжуваме да работиме за подобра иднина на Охрид, за нашите семејства и за сите генерации што доаѓаат“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.
Македонија
Сè помалубројни, постари и понеисправни автобуси во кои се возат сè помалку патници, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации
Центарот за граѓански комуникации ги објави истражувањето и базата на податоци за капацитетите на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје.
Нивното истражување покажува дека:
– Само за десет години, бројот на превезени патници со автобусите на ЈСП Скопје е намален за 30 милиони годишно – во 2015 година се возеле по 52 милиони патници годишно, а сега бројот на превезени патници е сведен само на 22 милиони годишно.
– ЈСП располага со вкупно 341 автобус, од кои дневно се исправни 185 автобуси, а во работа се пуштаат само по 157 автобуси дневно.
– Бројот на автобуси на ЈСП Скопје континуирано се намалува во последните десет години. Пред десет години претпријатието имало 316 исправни автобуси, а денеска само 185.
– Со опаѓањето на бројот на автобуси, расте нивната просечна старост која сега изнесува 13,3 години, највисока во последните десет години.
– Доминантен дел од автобусите, односно повеќе од 80 % се од кинеските „Јутонг“ и од украинските „ЛАЗ“. ЈСП има и десет автобуси од марката Санос, стари по 33 години.
– Само 10 % од автобусите на ЈСП имаат највисок еколошки стандард Еуро 6, додека другите се со еколошки стандард Еуро 4 и Еуро 5.

