Македонија
Платформа за родова еднаквост: Неопходни се системски реформи и построги казни за злосторства против девојчиња и жени
„Пресудата која Основниот Кривичен Суд во Скопје ја донесе против 13 лица за трговија со дете, полов напад и силување, и производство и дистрибуција на детска порнографија е огромно разочарување и несоодветно ја рефлектира тежината на извршените дела. Овие дела не се само сериозно нарушување на правата на жртвата туку и директен напад врз основите на родовата еднаквост и заштита на децата. Изречените затворски казни под законски утврдениот минимум за вакви сериозни дела од организиран криминал, ја минимизираат правата тежина на овие дела и со тоа ја амнестираат кривичната одговорност на сторителите. Ваквите ублажени казни, наместо да ги одвратат од сторување на исти или слични дела може да ги охрабрат мажите во иднина повторно да вршат вакви форми на родово базирано и сексуално насилство. Тривијализирањето на страдањето на жртвите и во јавноста праќа вознемирувачка порака за тоа како нашето општество ја вреднува безбедноста и добросостојбата на девојчињата и жените“, велат од Платформата за родова еднаквост.
„Дополнително, судот, иако имаше обврска да одлучи за барањето за надомест на штета од страна на жртвата, истото го одби, а жртвата ја упати своето право да го остварува во граѓанска постапка. Секое дополнително одлагање на правдата претставува виктимизација за жртвата и го оневозможува нејзиното опоравување и реинтеграција.
Уште позагрижувачки е наративот на одбраната кој индиректно ја обвини малолетната жртва, – па наместо фокусот да се кривичните дела на вршителите, карактерот и минатото на жртвата беа истакнати како причини кои го оправдуваат нарушувањето на телесниот интегритет, безбедност и благосостојба. Ваквиот дискурс во јавноста само ги зајакнува опасните стереотипи, ја одржува системската дискриминација и може да ги обесхрабри другите жртви на насилство да бараат правда. Карактерот на жртвата не е составен дел на обележјето на кривичните дела и не може да биде аргумент за одбрана на сторителите на трговија со дете и силување. Нејзиното минато и личните околности не смеат да се користат за оправдување или намалување на злосторствата извршени против неа. Со ова се одвлекува фокусот дека злосторството започнува со заведување малолетно лице и дека наштетувањето на честа и угледот на малолетното девојче е направено токму од страна на злосторниците преку уцена и присилување, до полов напад, силување и трговија со дете.
Од друга страна, не може да се занемари отсуството на било каква јавна реакција на Јавното обвинителство за организиран криминал по однос на вака утврдени санкции за овие сериозни дела и погоре споменатите изјави на судот и одбраната. Дополнително, очекуваме Адвокатската комора но и другите професионални здруженија и тела од правосудниот систем како Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да го следат овој случај и да постапат согласно законските одредби и Етичките кодекси.
Затоа, бараме одговорност за правните професионалци кои прибегнуваат кон неетичко обвинување на жртви, бидејќи тоа ги поткопува принципите на правда и еднаквост. Нашата платформа уште еднаш ја повторува посветеноста во залагањето за правата и достоинството на сите жртви на родово-базирано насилство.
Платформата за родова еднаквост го повикува второстепениот суд при разгледувањето на случајот да ја има предвид родовата перспектива, распространетоста на овие кривични дела и последиците врз жртвата, но и врз сите засрамени и замолчени жртви кои не се охрабриле да преземат дејствие. Второстепениот суд има можност да донесе правда со изрекување на соодветни и пропорционални казни кои ќе имаат за цел да ги одвратат и другите потенцијални сторители на вакви злосторства и да досуди правичен надоместок за жртвата.
Овој случај ја нагласува итната потреба од системски реформи, вклучително и построги казни за злосторства против девојчиња и жени. Остануваме вложени во напорите и притисокот да се отстранат мизогините наративи од правните постапки, а ја поттикнуваме јавноста будно да ја следи работата на институциите и да бара правда. А правдата мора да биде брза, фер и недвосмислена во осудата на оние кои нанесуваат штета на најранливите.
Како што се приближуваме до почетокот на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“, повикуваме на колективна солидарност и непоколеблива посветеност кон искоренување на родово базираното насилство во сите негови форми. Насилството, вкоренето во системските нееднаквости и патријархални норми, преку неказнивост и нормализација на злоставувањето продолжува несразмерно повеќе да ги погодува жените и маргинализираните лица на глобално ниво“, се наведува во соопштението на Платформата за родова еднаквост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.

