Македонија
Побаран нов притвор за несреќата во Кочани: вкупниот број се искачува на 18 лица

Основното јавно обвинителство Кочани до надлежниот суд доставил предлози за продолжување на мерката краткотраен притвор за нови 48 часа за 16 лица досега опфатени со постапката, а на кои оваа мерка им истекува во текот на денот.
На уште две лица, по предлог на Обвинителството, притвор им е определен во текот на вчерашниот ден и тој сѐ уште трае.
До овој момент мерката краткотраен притвор е побарана за 18 лица, соопшти Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Погребот на починатите во пожарот во Кочани ќе биде утре во Кочани, Штип, Облешево и Скопје

Погребот на починатите во пожарот во Кочани ќе се одржи утре.
Погребните церемонии, според надлежните, ќе бидат во 11 часот во Штип, во 12 часот во Кочани и во 13 часот во Облешево. Другите погреби ќе се одржат исто така во текот на утрешниот ден во разни временски периоди.
„Погребот на настраданите во ужасниот пожар во Кочани ќе се одржи утре (четврток, 20.3.2025 година) во следниот период:
11 часот на градските гробошта во Штип,
12 часот на градските гробишта во Кочани,
13 часот на гробиштата во с. Облешево.
Другите погреби ќе се одржат во разни временски периоди во текот на утрешниот ден.
Свештениците од локалните цркви ќе им се јават на сите ужалени семејства со детали во врска со погребот“, соопшти ЦУК.
Од Центарот ги замолуваат сите граѓани за достоинствено испраќање на жртвите и разумно постапување во текот на утрешниот тажен ден.
Македонија
Митева: Од 12 контролирани објекти со активна лиценца, до сега кај три е утврдено дека не исполнуваат услови, следува забрана за вршење дејност

Последните инспекции потврдија сериозни регулаторни прекршувања. Доказите се јасни: од вчерашната направена контрола на 12 објекти со активна важечка лиценца, до овој момент е утврдено дека 3 од нив не исполнуваат услови, односно минимум технички услови, а сепак имаат активна лиценца за вршење дејност. За другите 9 ве информирам дека сѐ уште е во тек проверката на документацијата и во текот на денот ќе излеземе со дополнителни информации, изјави на денешната прес-конфереција портпаролката на Владата, Марија Митева.
„Во однос на ваквата состојба, веднаш до Министерството за економија ќе биде испратено барање за одземање на лиценцата, забрана за вршење дејност и сите казнени одредби што се возможни во согласност со законот ќе бидат преземени. На терен во секој момент овие денови се над 10 тима, кои вршат контрола и во текот на денешниот и ќе продолжат и во текот на утрешниот ден. Ќе се проверат сите, до детаљ. Сакам да ја информирам и јавноста дека е направен и план и за проверка на оние коишто немаат важечка лиценца, а работеле во минатото“, додаде Митева.
Она што се случи во Кочани не е само изолирана трагедија, посочи Митева, и истакна дека тоа е симптом на расипан систем наследен од долгогодишна корупција.
„Ниту ќе замижуваме ниту ќе заштитуваме. Сакам да истакнам дека ја разбираме фрустрацијата. Луѓето бараат правда и ќе ја добијат“, заврши Митева.
Македонија
Мицкоски го посети Кочани и се потпиша во книгата на жалост: Во солзи и тишина даваме почит за жртвите

Денес, премиерот Христијан Мицкоски го посети Кочани и се потпиша во Книгата на жалост во чест на жртвите од трагичниот пожар.
Во овие тешки моменти, Кочани, Македонија и целиот наш народ тагуваат за младите животи што згаснаа прерано, за соништата што останаа неостварени.
„Денес, во тишина, со солзи и со почит, се поклонуваме пред жртвите и нивните семејства. Вечна им слава. Нека почиваат во мир,“ напиша премиерот Мицкоски во Книгата на жалост.
Посетата беше чин на длабока почит и солидарност со семејствата кои поминуваат низ најтешките моменти. Владата останува посветена на целосно расчистување на трагедијата и поддршка на погодените.