Македонија
Поведена истрага по откриена лабораторија за производство на марихуана и хашиш во Скопје
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/10/kanabis-marihuana.jpg)
Против 44-годишен скопјанец е поведена истрага поради основано сомневање за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Во текот на 2023 година, во куќата во која престојувал на улицата Анатолиј Зографски во населбата Лисиче, тој неовластено произведувал наркотична дрога. Така, при претресот извршен на 15 ноември таму биле пронајдени 154 стебла од растението канабис со поединечна висина, која се движи од 65 до 130 см, како и 4 шприца со волумен од 10 мл, од кои три исполнети со темнокафеава смолеста материја – хашиш-смола, а еден исполнет со 2 мл смолеста материја – хашиш-смола. Осомничениот за продажба држел и 12 најлонски кеси со марихуана, со вкупна нето-маса од 41,6 грам.
Во подрумските простории од куќата во која престојувал инсталирал опрема за одржување на температурата, опрема за вентилација и наводнување, соодветни ламби за вештачка светлина, вештачки ѓубрива и набавил семки од растението канабис. Ги засадил во засебни саксии, ги сместил и одгледувал во веќе опремена просторија во куќата, а од нив произведувал марихуана и хашиш.
Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
(Видео) Мицкоски: Повративме 3/4 од тоа што СДС го имаше кон ДУИ, додека сите работат за Македонија ќе бидеме еднакви партнери во владата
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/thumbnail_слика-3.jpg)
За неколку дена Македонија ќе ја добие новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Во изминатиот период кога се договораше оваа влада внимателно ги следев оние пораки од одредени политички центри од новата опозиција дека премногу им се дало на коалицијата Вреди што е ноторна измислица, замислете тие кои коленичеа во Речица кои 7 години беа главни измеќари на ДУИ нам кои повративме најмалку три четвртини од позициите кои ги изгубија ни велат дека сме дале премногу. Нека биде и така, рече претседателот Христијан Мицкоски на денешната прослава на 34 роденден на партијата.
Мицкоски укажа „сакам да кажам дека ние не даваме, ниту земаме, затоа што Македонија е заедничка држава и се додека албанските и другите коалициони партнери работат по закон и во интерес на државата ќе бидеме еднакви партнери во Владата“.
Според Мицкоски ако било кој застрани со криминални или други агенди ќе биде веднаш санкциониран кој и да е, вклучително и од ВМРО-ДПМНЕ и ќе биде повикан на одговорност додавајќи дека нема да дозволи ВМРО – ДПМНЕ да стане тоа што беше и е СДСМ.
„Ниту па ќе дозволам Вреди да стане тоа што беше ДУИ. Ќе има работа, но и одговорност. И тука никој не треба да има дилеми. И колку и да се обидуваат поразените конкуренти да го одвлекуваат вниманието од вистинските теми, да прават диверзии, чудно да откажуваат кислородните компресори во хируршките сали и да нема операции, да снемува документи по институции, да се измислуваат медицински факултети по приватни фирми на кадри на ДУИ преку ноќ, треба да знаат дека ќе ги решаваме сите проблеми, со голема посветеност“, кажа Мицкоски.
Мицкоски додаде дека „додека тие се однесуваат како разгалено дете кое мисли дека го има природното право на фотелјата дадена од народот, додека не бираат зборови и навреди да го омаловажат секој наш чекор, јас одбирам да не се занимавам со нивните валканици, туку да го реализираме она што го ветувавме пред изборите“.
Скопје
Најдобрите ученици на државните натпревари од Илинден на прием кај градоначалникот Алекдандар Георгиевски
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/priznanija-2024-12.jpg)
И оваа година Градоначалникот на општина Илинден Александар Георгиевски приреди прием на учениците од основните и средното училиште од општината кои освоија високи места на државните натпревари и им додели признанија за постигнатите резултати.
Градоначалникот им ги честиташе успесите на учениците и нивните ментори и истакна дека прекрасно е чувството што има голем број наградени ученици од Илинден. Тој додаде дека како локална самоуправа посветено се работи на дополнителна промоција на успеси и достигнувањата на учениците.
-На 30 тина ученици и нивните ментори и оваа година им доделивме признанија за постигнатиот успех на државните натпревари кои се одржаа во текот на годината. Овој настан ќе продолжи и понатаму затоа што претставува признание за нивниот труд но и мотив за сите останати. Им го честитам крајот на учебната година, им посакувам убав летен одмор и во следната година подолеми достигнувања, истакна градоначалникот Георгиевски.
Високи достигнувања имат учениците на државните натпревари по македонски јазик, англиски јазик, хемија, биологија, природни науки, физичко во ракомет, како и на натпреварот по Информатичко размислување.
Македонија
Продолжуваат заедничките хуманитарни активности на „Алкалоид“ и Црвениот крст: Заедно можеме повеќе!
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/1-13.jpg)
Масовниот одговор од страна на вработените во „Алкалоид“, на повиците за хуманост во општествени рамки, е најдоследна потврда за хуманата мисија која компанијата ја негува речиси девет децении. Одлучноста и подготвеноста за колективна помош и за брз хуманитарен одговор во заедницата, беше стартна позиција на многу значајни проекти и активности во знакот на солидарноста, реализирани под закрила на „Алкалоид“ и „Црвениот крст“.
И годинава „Алкалоид“ АД Скопје, во соработка со „Црвен крст на РСМ – Црвен крст на Град Скопје“, социјалното претпријатие „Копче“ и со „Институтот за трансфузиона медицина“, реализираше неколку хуманитарни активности, меѓу кои акции за донација на облека и на храна, како и масовна крводарителска акција.
Во рамки на собирната акција на облека, беа донирани речиси 2 тона облека со одлична употребна вредност, додека пак, во акцијата за донација на храна беа собрани трајни намирници во количина од речиси 1 тон, наменети за помош на граѓаните кои живеат во социјален ризик. Во делот на крводарителството, продолжувајќи ја повеќедецениската традиција, во новата уште помасовна крводарителска акција „Дарувај крв, спаси живот“, повеќе од 240 алкалоидовци ја изразија својата волја и желба за доброволно дарување крв.
Изминативе години, „Алкалоид“ има спроведено низа активности во соработка со „Црвен Крст на РСМ“ и „Црвен крст на Град Скопје“, како во делот на социјално-хуманитарната дејност, така и на полето на здравствено-превентивната дејност и крводарителството. Покрај редовните донаторски и крводарителски акции, „Алкалоид“ во 2013 година го помогна реновирањето и ребрендирањето на Дневниот центар за дарување крв и континуирано дава придонес во тековното функционирање на истиот. Компанијата го поддржа и проектот „Водич во болница“, инициран во 2019 година, а сесрдно дава своја поддршка и придонес и на апелите на „Црвен крст“, кога станува збор за ублажување на последици од природни непогоди, како: поплави во земјата и регионот, земјотреси, рударски несреќи и слични трагедии. Бездомниците, бегалците и мигрантите се исто така многу горливи категории, каде компанијата помага во смисла на одржување и задржување на интегритетот на луѓе кои против своја волја биле принудени да живеат поинаку. Една таква поголема акција наменета за овие ранливи категории, во рамки на „Алкалоид“, беше спроведена во 2015 година, кога на организираниот хуманитарен пикник, отворен за сите вработени во компанијата, беа собрани над 750.000 денари кои се донираа на „Црвениот Крст“.
Афирмирајќи ја низ дела својата позиција на партнер на општеството, посветен на поттикнување значајни промени и остварување позитивно влијание, „Алкалоид“ континуирано ги исполнува своите заложби од корпоративната општествено-одговорна стратегија, низ која вработените на компанијата се издвојуваат како вистински амбасадори на доброто дело.
ПР