Македонија
Повеќе чкртаници од гласови за Наке Георгиев – го поддржале шест од 13 судии кои гласале
Повеќе чкртаници и неважечки гласачки ливчиња отколку гласови за судијата Наке Георгиев да биде член на Судскиот совет има од судиите во Врховниот суд. На гласање излегле 13 лица, меѓу кои е и тој самиот, а глас за него дале шест. Тој е избран како единствен кандидат, а со оглед дека нема законски одредби со кои се бара цензус.
„Запишани се 16 судии, вкупен број на гласачи – 13, број на неважечки гласачки ливчиња – 7, неупотребени се 3“, рече Субхи Јакупи, претседател на Комисијата за избори.
Тој рече дека Гоергиев е избран со шест гласа.
„Вкупниот број што ги добил кандидатот од листата на Врховен суд е Наке Георгиев со шест гласа. Бидејќи немаше друг кандидат, беше единствен, врз основа на податоците и нивно сумирање избран е Наке Георгиев.
Освен Георгиев, со 110 гласа, за член на Советот е избрана судијката од Граѓанскиот суд Скопје, Антоанета Димовска.
Изборите доаѓаат во време кога највисокото судско тело е цел на критичната јавност. Министерот за правда Кренар Лога предложи негово распуштање. Премиерот Димитар Ковачевски порача дека треба ремонт. Невладините организации, меѓу кои и „Коалицијата за правично судење“, побараа сите членови да поднесат оставки. Холандија стави во мирување проект со Судскиот совет поради скандалите.
Кандидатската листа дополнително влијаеше негативно врз рејтингот на ова тело откога се дозна дека на кандидатот Наке Георгиев му била запрена постапка за утврдување одговорност непосредно пред да бара доверба за да биде член на Судскиот совет. Вториот кандидат, судијата Лазар Нанев, немал комплетна документација, но мнозинството членови гласале тоа да не биде пречка за тој да остане кандидат. Нанев истовремено е судијата што навиваше на трибини со ексминистерот за правда, Никола Тупанчески, и обвинителката Фатиме Фетаи, на сметка на ФФМ. Забелешката кај кандидатката Антонета Димовска е што е сестра на пратеничката од СДСМ, Снежана Калеска-Ванчева, но нема дисциплински и постапки за утврдување одговорност. Димовска важи и за критичар на судството, која потенцира дека му е потребна реформа.
Судскиот совет, кој брои 15 члена, изминатиот период се соочи со голем број критики во јавноста. Сè почна со писмото на Амбасадата на САД, во кое беа изразени загриженоста и разочараноста при постапувањето на судовите. Потоа почнаа караниците на седниците. Потпретседателот Селим Адеми рече дека тогашната претседателка Весна Дамева го криела писмото и за него дознале од медиумите. Таа се правдаше дека била на одмор и тој требало да го презентира писмото.
По ова, следуваше разрешување на Дамева. На јавна седница за нејзина смена гласаа седум члена. Потоа, во четири ѕида, била повлечена одлуката за разрешување на Дамева со седум гласа, па повторно се гласало и со девет гласа ја тргнале од функцијата. Сашко Георгиев, новиот избран претседател, уште неседнат, рече дека свесно била исклучена јавноста.
Жестоки реакции имаше и од правната фела, кои констатираа низа нерегуларности.
Критики упати и холандскиот амбасадор, кој го оцени ова тело како нелегитимно, а набргу потоа, пред речиси еден месец, судиите Зоран Герасимовски и Мирјана Радевска-Стефкова поднесоа оставки од функциите членови на Судскиот совет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Велеа решен проблем со транспортерите, а не е, ќе понесе ли Николоски одговорност
Вицепремиерот Николовски велеше не се секирајте проблемот на транспортерите е решен, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем, но еве не е решен, укажа претседателот на СДСМ, Венко Филипче на средбата со Општинската организација на СДСМ во Гевгелија. Филипче посочи дека дел од компаниите веќе се селат во Бугарија и во Хрватска.
„Гледате како излажа вицепремиерот Николовски за транспортерите. Што велеше, не се секирајте, завршен е проблемот, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем. Еве, не е така. Ќе понесе ли одговорност затоа што не ја зборел вистината? Зборувавме со неколку компании. Веќе се селат во Бугарија и во Хрватска. Таму ќе ги регистрираат транспортните компании“, рече Филипче.
Во обраќањето Филипче нагласи дека владата на ВМРО-ДПМНЕ свесно ја доведе државата до состојба на изолација и без јасен план за напредок, што носи сериозни последици врз економијата, компаниите, граѓаните.
„Целосно не изолираа, целосно не изолираа. Ќе го враќаа името, ќе обезбедеа подобра преговарачка позиција. Ништо од тоа. Ништо. Ние сме изолирани, слепо црево на Балканот. Нема план како напред, кажува премиерот, што не кажуваше пред изборите 2024 дека ќе го запре целосно европскиот пат и нема да има уставни измени. Тој велеше и ветуваше, ќе има подобра преговарачка позиција за земјата. Затоа му дадоа поддршка луѓето, не за да го запре европскиот пат на земјата којшто трае од 1991 прва година“, рече Филипче.
Тој додаде дека премиерот Мицкоски нема право да ја држи изолирана државата и да ја загрозува иднината на граѓаните.
„Тој нема право да го прави тоа, тој нема никакво право, ни морално, ни политичко, да ја запре земјата, да ја изолира, да не стави целосно на страна, под силно влијание на српско-унгарски интереси, на медиумска мрежа којашто не ја кажавме ние, ја анализираа независни истражувачки новинари.Кажаа дека таква мрежа, која што шири антиевропски наратив, проруски наратив е контролирана од Орбан. 40% од медиумите кај нас се под контрола на Орбановата мрежа на медиуми“, рече Филипче.
Македонија
Воена вежба на крајбрежјето и во водите на Охридското Езеро, надлежните апелираат на внимателност до месното население
СВР Охрид известува дека, утре (17.02.2026 година) од 04 до 09 часот, на крајбрежјето и во водите на Охридското Езеро кај караулата во струшкото село Радожда, воена вежба ќе реализираат припадниците на македонската и белгиската армија.
„При извршување на вежбовните активности, ќе биде употребена маневарска муниција поради што, апелираме до месното население на адаптирање на своите обврски и внимателност при нивното извршување како и придржување до насоките на униформираните службени лица задолжени за безбедноста на подрачјето“.
Македонија
Филипче: Премиерот се луксузирал со владин авион на одмор додека нема пари за плати
„Гледаме како се луксузирал премиерот, како го користел владиниот авион да оди на одмор без никаков срам. Треба да одговори на прашањето кој бил со него во авионот? Треба да одговори на прашањето зошто најавуваат купување на нов владин авион, за повторно да го користи во приватни цели за приватни патувања?“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на попладневната средба со партиското членство од општинската организација на СДСМ Гевгелија, во рамки на теренските активности на партијата.
Филипче ја критикуваше власта за луксузирањето и што велат од партијата, негрижата за животниот стандард на граѓаните. Тој нагласи дека во време кога граѓаните се соочуваат со постојани поскапувања и ниски примања, власта се луксузира на грбот на народот.
„Тоа ли е целта? Во време кога не сака да им зголеми плати на работниците, прават такви трошоци, луксузирање на сметка на сите граѓани. Сите граѓани го плаќаат керозинот за тој авион“, истакна Филипче.
Се осврна на животниот стандард и одбивањето на власта да ја зголеми минималната плата.
„Ние ги премоливме, дававме закони два пати, ова е втор пат како го даваме законот за минималната плата. Луѓето не можат крај со крај да врзат. 600 евра плата не е луксуз, минимална плата. Основни потреби не може да задоволува луѓето. Колку е сметка за струја, колку е потрошувачка кошничка, не може да преживеат. Нема слух, нема слух“, порача Филипче.
Тој заклучи дека Владата нема визија и нема план за подобрување на животниот стандард, туку само задолжувања и луксузирање, додека граѓаните едвај преживуваат.

