Македонија
Повлечен амбасадорот на Македонија од Токио, откако беше прозван дека вршел сексуално вознемирување
Со указ за отповикување потпишан од претседателот Стево Пендаровски, повлечен е македонскиот амбасадор од Токио кој претходно минатиот месец беше прозван од пратеникот Антонијо Милошоски дека вршел сексуално вознемирување.
Согласно законските надлежности и интерните процедури, Комисиjата во рамките на Министерството за надворешни работи му препорача на Министерот за надворешни работи, да ѝ предложи на Владата повлекување на досегашниот амбасадор во Јапонија.
Потоа, Владата го прифати предлогот на Министерот за отповикување на вонредниот и ополномоштен амбасадор, по што, Претседателот на државата го потпиша указот за отповикување, кој што беше објавен во Службен весник.
Предлогот, како што информираа од МНР, бил даден врз основа на член 3 од Уредбата за утврдување на работи кои се сметаат како незадоволителни резултати и работи со кои им се причинува штета на интересите на државата во работата на амбасадорот.
Претходно, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ објави дека против македонскиот амбасадор во Токио има две пријави за непристојно однесување и за сексуално вознемирување.
„Повеќе од 10 месеци во Амбасадата се стигнати две сериозни претставки од две жени. Едната од вработена во амбасадата во Токио, а другата од јапонска државјанка која имал аповремени проекти со македонската амбасада во Токио. Двете поплаки се однесуваат на понижувачко, непристојно и непрофесионално однесување од страна на амбасадорот кон македонската државјанка, додека од јапонската државјанка, за жал, обвинувањата одат во насока за сексуално вознемирување“, рече тогаш Милошоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Топло со умерена облачност, температурата до 25 степени
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. На североистокот ќе има услови за појава на краткотраен дожд.
Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието краткотрајно засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 25 степен.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Ќе настапи преодно стабилизирање на времето со позначителен пораст на дневната температура. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекува нестабилно време со локален пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Повремена претежно попладневна нестабилност со пороен дожд и грмежи, со променлив интензитет, ќе има се до средината на следната недела.
Скопје
108 санкционирани возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територија на град Скопје изречени се вкупно 108 мерки, меѓу кои девет мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за користење на мобилен телефон при возење, осум санкции за некористење на сигурносен појас…“, извести МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.