Македонија
Повреденото 16-месечно дете има хематом на главата и скршеници на градите, од Св. Еразмо пренесено е на Детска хирургија во Скопје
16- месечното дете кое со тешки телесни повреди вчера било донесено во болницата за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид, има хематом на главата, скршеници на градите и други повреди по телото. Директорот на „Св.Еразмо“, Ацо Велески, за „Макфакс“ вели дека детето е испратено на Клиниката за детска хирургија во Скопје откако кај нив му била укажана помош и било дијагностицирано.
„Од она што утрово ми го реферираа колегите кои вчера го примиле 16-месечното дете, тоа имало фрактури на градите, хематом на главата и други повреди по телото. Му била укажана помош, било дијагностицирано и испратено на Детска хирургија во Скопје. Во нашата болница било донесено со Итна помош од Струга, а со истото возило било испратено и за Скопје“, рече директорот Велески кој нагласи дека кај нив нема податоци како е повредено детето.
Славица Литајковска, директорка на Клиниката за детска хирургија за „Макфакс“ изјави дека 16-месечното дете е во стабилна состојба, но го чека операција.
„Детето е на интензивна нега на нашата клиника, во стабилна состојба. Има скршеница на левата надлактица и ставено е на програм за операција за утре. Има скршеници на градите и постојано ја следиме неговата состојба со контролни рендгени . Хематомот на главата не е единствен, при прегледите утврдивме и стари хематоми“, рече директорката Литајковска.
На Клиниката за хирургија вчера биле мајката и таткото на детето, а денес за состојбата добиле известување телефонски.
Од СВР Охрид за „Макфакс“ велат дека засега можат само да потврдат дека се известени за повреденото дете.
„Сè уште се прибираат информации за случајот. Можеме само да потврдиме дека има повредено 16-месечно дете за кое вчера во 11 часот било пријавено дека е донесено во болницата Св. Еразмо“, кусо изјави Стефан Димоски од СВР Охрид.
За овој случај освен полицијата, алармирани се и социјалните служби оти не е исклучена можноста за семејно насилство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лимани: Судот ја прифати жалбата на коалицијата ВЛЕН за „бугарскиот воз“ во Липково, се докажа изборниот инженеринг на ДУИ
Валбон Лимани од коалицијата ВЛЕН денеска на прес-конференција го презентираше решението на Управниот суд со кое се прифаќа жалбата на коалицијата ВЛЕН за полнење кутии во Липково.
„Управниот суд ја прифати жалбата на Коалицијата ВЛЕН за гласачко место во Липково, каде што имало полнење на кутија од страна на блиски луѓе на носителот на листа на ДУИ во оваа зона, со техника позната како „бугарски воз“. Во судската одлука стои дека тужбата на кандидатот на претседателските избори во 2024 година, Арбен Таравари, е прифатена“, рече Лимани.
Според Лиман, со ова се докажува изборниот инженеринг на ДУИ на претседателските избори на 24 април и ги повика надлежните институции да постапат за кражбата на гласови и чинителите да се изведат пред правдата.
„По парламентарните избори нод 8 мај, режимот на ДУИ ќе се сруши. Коалицијата ВЛЕН, како следна влада, ветува дека ќе го санкционира секој обид на владата во заминување да краде или купи гласови“, рече Лимани.
Македонија
Над 150 пијани возачи затекна полицијата на 1 Мај
Санкционирани се 157 возачи на територијата на целата држава, при полициски контроли за време на празничниот 1 Мај.
Од нив 41 на територија на СВР Куманово, по 34 на територија на СВР Битола, објави МВР.
За време на контролата санкционирани се и 183 други видови на сообраќајни прекршоци.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Се апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.
Македонија
Османи: Со Рамковниот договор неопходни се две мнозинства за формирање Влада – парламентарното од 61 плус Бадентеровото
Со Рамковниот договор неопходни се две мнозинства за формирање Влада – парламентарното од 61 плус Бадентеровото, вели портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.
На прес-конференција тој тврдеше дека не може да има Влада без двојно мнозинство, повикувајќи се на Рамковниот.
„Охридскиот рамковен доведе до две мнозинства, 61 и мнозинство по Бадентер. Забораваме и размислуваме само за едното мнозинство од 61. Едното секогаш оди со Бадентеровото. Ќе треба време за да ја сфатиме логиката на Охридскиот договор. Рамковниот договор има механизми за заштита на заедниците од надгласување, не е за заштита на мнозинската заедница. Затоа бара покрај 61 и Бадентерово мнозинство. Јалови се сите обиди да се потцени второто мнозинство при било кои избори по 2001 година“, рече Османи.
Тој упати низа обвинувања до ВМРО-ДПМНЕ, мѓу кои дека секојдневно рециклираат националистички тези, флертуваат со проруски интереси, отворено се закнуваат на, како што рече, славното востание од 2001, ги зголемуваат тензиите меѓу етничките и верските заедници, додека ДУИ гарантираат стабилност и соживот.
Во врска со тоа како ќе настапат во вториот круг од претседателските избори, односно дали и кој од двајцата кандидати ДУИ ќе го поддржат, одлуката ќе биде соопштена во наредните денови.