Македонија
Погребот во Кочани без дронови, новинарите во посебна зона на 300 метри од влезот на капелата
Владата во координација со Министерството за внатрешни работи (МВР) и во консултација со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), како и со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изготвија протокол за безбедност при известување од погребот на жртвите од трагичниот настан што се случи на 16 март во Кочани.
За претставниците на медиумите кои ќе известуваат за настанот, полициските службеници ќе обезбедат посебна зона од патот на поворката, на 300 метри од влезот на капелата до градските гробишта во Кочани. Овој простор ќе биде обезбеден од припадници на МВР со цел да се гарантира ред и безбедност во означената област. На оваа зона исто така ќе важи забраната за управување со беспилотни летала (дронови).
Овој медиумски протокол има за цел да ја заштити приватноста на семејствата на жртвите, додека истовремено овозможува новинарите и снимателите безбедно да го следат настанот од соодветна дистанца.
Имајќи ја предвид чувствителноста на оваа трагедија и универзалните етички стандарди за професионално известување, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ги повикува сите новинари и медиуми да се придржуваат кон следниве етички принципи:
Почитување на личната болка и достоинството – Новинарите треба да известуваат со емпатија, без да навлегуваат во приватноста на семејствата на жртвите.
Избегнување на сензационализам – Известувањето за трагични настани мора да биде ослободено од сензации, шпекулации или емотивно набиени наративи, фотографии и видеа.
Објавување на проверени информации – Треба да се пренесуваат потврдени факти за да се спречат дезинформации.
Зачувување на баланс и непристрасност – Медиумите треба да се осигураат дека нивното известување не придонесува за јавна вознемиреност.
Меѓународната федерација на новинари (IFJ) во своето соопштение од 18 март за оваа трагедија, исто така ја истакна важноста на етичкото известување. Глобалната повелба за етика на IFJ ја подвлекува должноста на новинарите да го почитуваат достоинството на луѓето и да ја стават точноста над брзината при пренесувањето на вестите од овој трагичен настан.
Со цел да се обезбеди непречено движење и идентификација, медиумските работници треба да поседуваат со себе ПРЕСС обележја и новинарски легитимации издадени од нивните матични медиумски куќи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

