Македонија
Поднесено обвинение за Емил Јакимовски за семејно насилство и закани кон новинарката Мери Јордановска
Скопското Обвинителство поднесе обвинение против Емил Јакимовски, поранешен вработен во Централниот регистар, за семејно насилство и закани упатени кон новинарката Мери Јордановска. Според информациите од Обвинителството, вештачењето покажало дека Јакимовски ги сторил делата во состојба на битно намалена пресметливост за да го сфати значењето на делото и да управува со своите постапки.
Против него е поднесено обвинение за загрозување на сигурноста при вршење семејно насилство и за едно кривично дело загрозување на сигурноста по пат на информатички систем.
„Обвинетиот како поранешен сопруг на една оштетена при вршење семејно насилство ѝ ја загрозил сигурноста со сериозна закана дека ќе нападне врз нејзиниот живот и тело и врз животот и телото на нејзино блиско лице – татко ѝ. Обвинетиот се товари дека второто дело го сторил на 10 јануари кога по пат на информатички систем ѝ се заканувал на оштетената дека ќе изврши кривично дело – убиство за кое е пропишана казна затвор од најмалку пет години. Заканите ги упатувал преку пораки и мобилни апликации, па оштетената се почувствувала дека ѝ е загрозена личната сигурност“, соопштија од Обвинителството.
Обвинителството ги истражувало и наводните закани кон новинарката Искра Коровешовска, но било утврдено дека во нив не постојат елементи на кривично дело, туку дека станува збор за клевети и навреди за кои оштетената може да поведе граѓанска постапка.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот ценејќи дека постои реална опасност тој да избега за да ја избегне кривичната одговорност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Агресивен карцином кај 10 годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.

