Македонија
Поднесено обвинение за измама против Жан Митрев и неговата клиника
Основното јавно обвинение поднесе обвинение против кардиохирургот Жан Митрев, но и против Клиниката „Жан Митрев“, за продолжено кривично дело измама.
„По спроведена претходна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, денеска, до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт против едно физичко лице и обвинителен предлог против правно лице, кои се товарат за продолжено кривично дело измама од член 247 од Кривичниот законик“, информираа од Јавното обвинителство.
Од таму посочуваат дека „во текот на постапката првично оформена по допрен глас, јавниот обвинител обезбеди докази за поткрепа на основаните сомненија дека обвинетиот во периодот од јуни 2020 година до јуни 2022 година, со намера за правното лице – приватна здравствена установа да прибави значителна противправна имотна корист, со прикривање факти ги довел во заблуда оштетените пациенти лекувани во болницата од Кови-19 кај кои е извршена хемофилтрација, но и членовите на нивните семејства, со што ги навел секој од нив да стори штета на својот имот во разни износи, а во вкупен износ од 97.461.600 денар“.
„Обвинетиот на пациентите и во јавноста прикажувал дека методот хемофилтрација е одобрен да се применува и е ефикасен за лекување на Ковид-19, притоа користејќи ги условите на здравствената криза предизвикана од пандемијата. Тој се повикувал на документ издаден од Американската управа за храна и лекови во април 2020 година, со кој на компанијата „Бакстер“ ѝ било издадено овластување за вонредна употреба на сетот „оксирис“ (Oxiris Set Device) како медицинско средство со кое се спроведува постапката за хемофилтрација кај пациенти со потврден коронавирус на возраст од 18 години или повеќе, а кои се на интензивна нега со потврдена или итна респираторна слабост и потреба за прочистување на крвта. Меѓутоа, можноста за употреба на методот кај пациенти заболени од Ковид-19 тој не смеел да ја промовира истовремено прикривајќи го фактот дека методот не е одобрен во третманот на оваа болест ниту од издавачот ниту во нашата земја, како и дека овластувањето за медицинското средство е издадено само во вонредна постапка поради пандемијата, со дефинирани критериуми и опсег на примена. Исто така, покрај потенцијалниот бенефит, третманот имал и сериозни потенцијални ризици за кои пациентот морал да биде запознаен, па средството не смеело да се прикажува како безбедно или ефикасно во третманот или превенцијата од Ковид-19“, се вели во соопштението од ОЈО.
Појаснуваат дека „на овој начин обвинетиот кај секој од оштетените создал лажна претстава и заблуда, па повеќето од нив при приемот на конкретен пациент во болницата однапред уплаќале средства за два циклуса хемофилтрација како дел од болнички пакети, без да им бидат објаснети овoj метод и потенцијалните ризици од него и без да се прибави соодветна согласност за примената на таква процедура кај пациентите, што е спротивно на условите утврдени во овластувањето и на здравствените прописи и стандарди“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.

