Македонија
Под истрага началник и виш инспектор
Под истрага се двајца полициски службеници поради попречување на правдата, продолжено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување и продолжено кривично дело Фалсификување исправа.
Според прибраните докази, осомничените како службени лица – началник и виш инспектор, по претходен договор и заедно, не извршувајќи ја својата службена должност ја злоупотребиле својата службена положба со намера да го спречат докажувањето во постапки што се воделе пред ОЈО Куманово.
Така, во август 2023 година во предмет против осомничен за кривично дело Предизвикување општа опасност, иако при претрес била пронајдена пушка, второосомничениот не го известил надлежниот јавен обвинител и со Известувањето што го подготвил до ОЈО Куманово, а кое го одобрил и потпишал првоосомничениот, не го доставил пронајденото оружје, ниту побарал негово вештачење. На тој начин осомничените злоупотребувајќи ја својата положба со неизвршување на својата службена должност, го прикриле предметот што служел за докажување на стореното кривично дело и овозможиле пријавата против осомничениот да биде отфрлена со што потешко ги повредиле правата на оштетените пријавители на кривичното дело.
Кон крајот на месец декември минатата година, првоосомничениот изработил Потврда за вратени предмети со која на осомничен во предмет му вратиле возило што претходно било одземено поради постоење основи на сомневање на сторено кривично дело Фалсификување исправа. Иако знаеле дека идентитетот на возилото според извршеното вештачење е променет, првоосомничениот наместо да поднесе кривична пријава, подготвил Известување до ОЈО Куманово кое второосомничениот како началник го одобрил и потпишал, а потоа истото било доставено до обвинителството. Враќајќи го возилото осомничените му овозможиле на друг да прибави имотна корист во вредност од 7.640 евра, информираа од Обвинителството.
Согледувајќи ги околностите што укажуваат на опасност од бегство доколку осомничените се бранат од слобода, како и дека ќе ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз сведоците и соучесниците кои би дале важни информации за случените кривично правни настани, а имајќи ги предвид работните позиции, јавниот обвинител цени дека реално постојат и особени околности кои го оправдуваат стравот дека осомничените ќе го повторат кривичното дело. Затоа, до судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје обвинителството достави предлог за определување на мерка притвор за двајцата осомничени кој предлог е прифатен и со Решение им е определена мерка притвор во траење од 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

