Македонија
Пожарите еден по еден се гаснат, но опасноста останува кај Тиквешко езеро
Утрово до 08:30 часот во Македонија евидентирани се вкупно шест пожари, од кои еден сè уште е активен, а пет се ставени под контрола, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Активниот пожар е во Општина Кавадарци, во близина на Тиквешкото Езеро, каде огнот зафатил нискостеблеста шума и сува трева. Екипите на терен работат на негово локализирање, но поради сувата вегетација и повремениот ветер гаснењето е отежнато.
Покрај овој пожар, властите потврдуваат дека пет други пожари кои вчера предизвикаа сериозни проблеми се веќе под контрола. Во Македонски Брод, во повеќенаменското подрачје „Јасен“, огнот зафати мешана шума, но со интервенција на пожарникарите и шумската полиција е спречено негово ширење.
На планината Кожуф, во Општина Гевгелија, вчерашниот приземен пожар е стабилизиран, а надлежните дежураат за да не дојде до повторно разгорување.
Во Општина Желино се случија два пожара – во селото Мерово, каде изгоре дел од мешана шума, и во селото Церово, каде пламените јазици зафатија ниска вегетација и делови од мешана шума. Двете жаришта се ставени под контрола, но остануваат ризични поради топлото време.
Пожар се случи и во селото Долгаец, во Општина Долнени, каде исто така беше зафатена мешана шума. И таму состојбата е стабилизирана.
Надлежните апелираат на максимална внимателност, бидејќи сувата вегетација и високите температури овозможуваат брзо ширење на пожарите, а најмал невнимателен потег може да предизвика сериозни последици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.
Македонија
Делови од Центар и Зелениково денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на затварач од ф – 100 мм на ул. 5 бр. 47 во село Моране, во периодот од 08.30 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од село Моране, општина Зелениково.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така информираат дека поради уличен дефект на ул. Васил Ѓорѓов б.б – пред ОУ Киро Глигоров, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улиците Васил Ѓорѓов, Адам Мицкиевиќ, дел од корисниците од улиците Киро Глигоров и Козара, како и објектот на заводот за физикална медицина и рехабилитација, општина Центар.

