Македонија
Пожарот што зафати дел над селото Лојане, Општина Липково, во голем дел е локализиран и изгаснат
Пожарот што зафати дел над селото Лојане, Општина Липково, во голем дел е локализиран и изгаснат. Селото е целосно заштитено, а интензитетот на горењето во појасот на боровата шума значително е намален, информира вечерва директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Мухамед Али.
Со отворањето на патот за пристап, како што наведува, се овозможи пешадиско дејствување на екипите на „Национални шуми“, што значително придонесе кон ограничување на ширењето на огнот.
– Во акцијата беа ангажирани хеликоптер Бел-412 на МВР, две екипи на Територијалната противпожарна единица Куманово со соодветни противпожарни возила, како и екипи на „Национални шуми“ – Подружница Куманово со специјализирани возила за шумски пожари. Активно учество зема и месното население, чија помош беше од големо значење. Како директор на Центарот за управување со кризи, лично ги координирав активностите на терен, осигурувајќи соработка меѓу институциите и брза реакција за заштита на животите и имотот на граѓаните. Благодарност до сите учесници за професионалниот ангажман и посветеност, нагласи Али.
ЦУК соопшти дека вечерва до 18:00 часот на територијата на цела држава има вкупно 19 пожари на отворен простор, од кои четири се активни, а 15 се изгаснати. Освен пожарот во селата Лојане и Табановце, активни пожари има и во повеќенаменското подрачје „Јасен“, во општина Јегуновце, меѓу селата Рогачево, Јажинце, Долно Орешје, каде се зафатени пасишта и мешана шума и во кумановското село Черкези.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Врнежи од слаб снег на неколку патни правци, патот кон село Герман е блокиран од паднато дрво
Од синоќа е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар. Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Патот кон село Герман е блокиран кај село Станча, од паднато дрво и не е прооден.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози. Врнежи од слаб снег има во Крива Паланка – г.п Деве Баир, г.п Делчево, Страцин, и на Пониква, но во моментов не претставуваат пречка за одвивање на сообракајот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: По две децении, Драчево повторно доби свое кино
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи извести дека по две децении, Драчево повторно доби свое кино.
„Особено ми е драго што иницијативата што ја започнавме пред завршувањето на мојот мандат како градоначалник на Кисела Вода, денес прерасна во реалност. Овој проект беше визија за враќање на културниот живот таму каде што му е местото, меѓу мојот народ. Од денес, таа визија живее“, вели градоначалникот.
„Киното ќе функционира во рамки на Домот на културата во Драчево, простор кој повторно ќе стане собиралиште на уметноста, емоцијата и заедничките доживувања.
Покрај Кисела Вода, сега и драчевчани ќе бидат дел од КИНОВЕРЗУМ и ќе имаат можност да уживаат во најновите филмски достигнувања и најголемите светски хитови, блиску до својот дом.
Филмското искуство повеќе нема да значи патување километри далеку, туку тука – дома. Културата повторно пулсира во Драчево“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улицата Христо Смирненски од бр. 19 до крајот на улицата кон булеварот Партизански Одреди, општина Центар;
· од 08:30 до 14:00 часот, Индустриските објекти на булеварот Босна и Херцеговина, (Фурна – Диме, поранешни магацини – Центро и поранешна фабрика ИГМ), општина Бутел;
· од 08:40 до 09:40 часот, корисниците од дел од улицата Козле, општина Карпош.

