Македонија
Пожар зафати три куќи во Дорјан, се врши евакуација

Пожар зафати три куќи во Дојран.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, информира дека засега нема повредени.
„Во Дојран од огнот се зафатени три куќи. Се врши евакуација. Нема повредени“, вели Ангелов.
Според информациите, пожарот првично зафатил депонија по што се проширил кон Карабалија.
Заменик-генералниот директор на „Национални шуми“, Кире Михаилов, го повика на одговорност градоначалникот на Дојран, Aнго Ангов, за пожарот. Тој тврди дека дојранската депонија, кога се запалила, била заклучена и оставена без чувар и поради тоа екипите на противпожарната бригада не биле во можност да влезат во депонијата и да спречат огнот да се прошири.
Ангелов соопшти дека и на Пониква има два тешки шумски пожара.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) „Хаос на Онкологија, пациентите со рак на бели дробови власта повторно ги остави без терапија“, велат од СДСМ

„Состојбата во здравството е катастрофална и нечовечна. Владата на ВМРО-ДПМНЕ, министерот за здравство и директорот на Фондот за здравство ги оставија пациентите со рак на бели дробови без терапија. Додека министрите заедно со уште по мининимум 5 до 10 луѓе од кабинетите патуваат на скапи службени патувања, пациенти со рак умираат во неизвесност, без основна хемотерапија, без лек“, кажа Елена Радеска – Комисија за здравство на СДСМ.
„На Клиниката за Онкологија нема лекови за пациентите со рак на бели дробови – ниту класична хемотерапија, ниту неопходната биолошка терапија како што е лекот erlotinib, која е недостапна на клиниката од средината на мај.
Скоро месец и половина. Ова не е бирократски пропуст. Ова е загрозување на човечки животи поради неспособност на актуелната власт и директорот на Фондот за здравство.
Министерот нема појма што се случув, „мисли“ дека лековите се пристигнати, и продолжува да се бави со криминалниот проект на неговиот претходник за тендерот за паркинг места.
Додека пак директорот на Универзитетската клиника за Онкологија и Радиотерапија признаваат дека „понекогаш недостигаат лекови“ но не преземаат ништо.
Лековите ги нема, а пациентите страдаат. Тоа е вистината. Како може во 2025 година, со сите ветувања дека ќе се надмине проблемот онколошките пациенти да бидат оставени без терапија?
Како држава членка на ОН и потписничка на здравствени повелби дозволуваме лекот кој е на листата на основни лекови на СЗО (erlotinib) да не е достапен?
Каде се парите од Фондот за здравство? Зошто нема итен план кога пациентите зависат од лекови за да преживеат?
Бараме владата на ВМРО-ДПМНЕ, директорот на Фондот, Клековски и новиот Министер за Здравство очекуваме уште во текот на денешниот ден да обезбедат хемотерапија.
Министерството за здравство јавно да соопшти каде е проблемот и кој ќе сноси одговорност за оваа хумана катастрофа.
Гаранции за непрекинат третман за сите пациенти со рак. И конечно одговороност, и тоаа онаа иста одговорност на премиерот што нема да поштеди никого. А што ние до сега не ја ни видовме
Здравството не е трошок. Тоа е обврска! Животот нема алтернатива! Затоа, не прифаќаме молк! Не прифаќаме празни ветувања! Одговорност мора да има!“, соопшти на денешната прес-конференција, Елена Радеска, Комисија за здравство на СДСМ.
Македонија
(Фото) Нови линии за улично осветлување на повеќе локации во општина Илинден

Општина Илинден продолжува со реализација на проектот „Илинден-Светла Општина”, кој опфаќа проширување и модернизација на уличното осветлување, со поставување нови линии на улиците во сите населени места, поставување на електрични столбови, зголемување на бројот на електрични светилки и тековно одржување на јавното осветлување, известува Општината.
Во рамките на овој проект поставени се нови линии на улично осветлување во повеќе населени места на територија на општина Илинден со вкупна должина од околу 2120 метри. Поставена е нова линија во населено место Илинден во вкупна должина од 180 метри и тоа на улиците „7“, „9“, „12“, и „30“, во Марино во должина од 150 метри на крак од улица „500“, во Кадино во должина од 200 метри на улица „7“, во населба Јака на дел од улица „6“ и „18“ во должина од 200 метри. Во населено место Ајватовци на краци на улица„1“ во должина од 220 метри, во Миладиновци на улица „2“ во должина од 130 метри, во Дељадровци на краци од улица „2“ во должина од 410 метри, во Бучинци со вкупна должина од 630 метри на улица „4“, детското игралиште и пешачката патека на Бучинско езеро, соопшти Општината.
„Екипите на ЈКП „Илинден“ покрај активностите за поставување на нови линии за улично осветлување, вршат и докомплетирање на постојните линии и се вршат интервенции за отстранување на оштетените сијалични места пришто се вградуваат нови.
Општина Илинден и ЈКП „Илинден” и во наредниот период ќе продолжат со поставувањето на нови линии во сите населени места, со цел посветла Општина Илинден“, се додава во соопштението.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Центарци со позитивни реакции за реновирањето на култната сала „Работнички“

Во рамки на караванот „Се гледаме во маало“, вчера градоначалникот Горан Герасимовски заедно со својот тим од општина Центар беше во Градскиот парк, кадешто разговараше со граѓаните за проектите кои досега беа имплементирани, но и за предизвиците со кои се соочуваат како би се помогнало во подобрување на квалитетот на живот во оваа општина.
Граѓаните изразија позитивни реакции за досегашното работење на општината, за отворањето на новата градинка во населбата Пролет, за поставувањето на СМАРТ осветлување, како и за реконструкцијата на култната сала „Работнички“. Жителите, укажаа на еден од клучните проблеми, а тоа е паркирањето, особено во реонот на Дебар Маало, каде што жителите сè почесто се соочуваат со недостиг од паркинг простор поради возила кои доаѓаат од други делови на градот, соопштува општина Центар.
Герасимовски истакна дека Општината веќе работи на пилот-проект за ограничување на движењето на возила во внатрешноста на Дебар Маало за време на викендите.
Маалските средби продолжуваат и денеска во 18.30 часот, на Водно (Кошот на Тинекс).