Македонија
Покрај унифицирани регистарски таблички, потребни се и санкции за оние што ги злоупотребуваат службените возила за приватни цели, велат од ЛДП

Либерално-демократската партија (ЛДП), во август минатата година предложи сите службени возила да бидат видливо и јасно обележани со иста боја, како мерка за зголемување на транспарентноста и одговорното користење на јавните ресурси. Сведоци сме на разни злоупотреби на службените возила од страна на избраните државни и јавни функционери за приватни потреби во минатото, велат од ЛДП.
„Оттука ја поздравуваме одлучноста на Владата за прифаќање на нашиот предлог.
За ЛДП, овој чекор претставува позитивен пример за тоа како добрите предлози и идеи кои се во интерес на граѓаните и државата треба да бидат прифатени и имплементирани од сите релевантни чинители.
Воедно, упатуваме апел до сите надлежни институции за побрзо завршување на постапката за воведување на оваа мерка, која доколку се спроведе и успешно реализира, веруваме дека ќе доведе до значително намалување на злоупотребата и поголема совесност на оние функционери кои имаат право на користење на возилата, спречување на нивна злоупотреба за приватни цели, зголемена доверба на граѓаните, преку видливост и отчетност на јавните ресурси, усогласеност на институциите во однос на транспарентноста и рационализацијата“, соопшти ЛДП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски ќе се сретне со Орбан во Будимпешта

Премиерот Христијан Мицкоски в петок ќе присуствува на CPAC конференција во Будимпешта, Република Унгарија, соопшти владината прес-служба.
Мицкоски во рамки на посетата ќе се сретне со унгарскиот премиер, Виктор Орбан.
Македонија
Сојузниците од НАТО треба да трошат по 5 отсто од БДП за одбраната, му рекол Рубио на Муцунски

Државниот секретар на САД, Марко Рубио на средбата со шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, нагласил дека е неопходно сојузниците во НАТО да дадат поддршка и да постигнат 5 отсто издвојување за одбраната, соопшти Стејт Департментот во соопштение по средбата.
Двајцата ја потврдиле силната врска меѓу Соединетите Американски Држави и Северна Македонија и ги истакнале заедничките интереси во однос на регионалната стабилност, економската соработка и НАТО.
Тие разговарале и за можностите за проширување на економската соработка, вклучувајќи ја трговијата и инвестициите.
Муцунски по средбата соопшти дека е потврдено стратешкото партнерство со САД, а нашата држава продолжува да дава активен придонес како кредибилен сојузник, со инвестиции повеќе од 2 отсто од БДП во одбранбениот сектор.
Македонија
Не се глупирајте, му порача Арсовска на Изет Меџити

Кажете колку пари земавте за нелегалните објекти и не се глупирајте, му порача градоначалничката Данела Арсовска на вицепремиерот, Изет Меџити, кој претходно денес и’ најави кривична пријава.
Меџити ја нарече Арсовска инструмент за остварување на планот на ДУИ за дестабилизација преку општините, на што градоначалничката реагираше преку Фејсбук статус попладнево.
„Изет изјавил дека ќе сум ја дестабилизирала државата. Изет, единствена дестабилизација од мене ќе добиете ти и твојот измеќар Висар што ти ги потпишувал незаконските дивоградби за кои луѓе ви платиле милиони евра, а сте ги лажеле дека ќе можат да ги легализираат. Не се глупирајте, ви ја знаеме играта, ви ги знаеме лагите, знаеме кога се обидувате да манипулирате со јавноста и да ја дефокусирате. Како тоа секогаш кога некој ќе ви чепне во криминалот тоа е „обид за дестабилизација“? Каква е таа матрица на ВМРО-ДПМНЕ и измеќарите од ВЛЕН? Секогаш кога се во тесно, кога флагрантно се фатени со „рачињата во медот“, тоа било обид за дестабилизација. Каква дестабилизација? Што ќе се дестабилизира? Ќе ви кажам јас што. Единствено нешто што ќе се дестабилизира од откривањето на криминалот со дивоградбите во Чаир е вашата комоција и прилив на нелегални пари. Тоа ќе биде дестабилизирано. Кажете колку пари земавте за нелегалните објекти, не се глупирајте“, напиша Арсовска.
Меџити претходно ѝ порача на Арсовска да се занимава со своите надлежности и најави и пријава против неа за, како што рече, лажни тврдења во врска со објектот во Чаир пред кој се сликала и го објавила. Меџити овој случај го квалификува како „последен обид и план на Ахмети за дестабилизација преку општините“.