Македонија
Полициските функционери кои се приведени дале согласност дека кабарето во Кочани ги исполнува условите за јавен ред и мир без целосна проверка

МВР поднесе кривична пријава против седуммината високи полициски функционери од полицијата во Штип и Кочани за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ со кривично дело „предизвикување општа опасност“.
Од МВР информираа дека кривичната пројава е поднесена против В.П (главен инспектор за сообраќајни работи во Штип.), В.Н. ( самостоен инспектор за планирање, резервен состав, превенција и справување со кризна состојба во Штип), Ј.Т. (началник на Одделение за полиција во СВР Штип), Б.Г. (началник во Штип), В.И. (документарист во Полициската станица Кочани), Г.И. (заменик командир на Полициската станица Кочани) и А.М. ( началник на Одделение за внатрешни работи Кочани).
Според МВР, првопријавен е главниот инспектор за сообраќајни работи во Штип кој заедно со В.Н., на 6 март 2023 година, до Министерство за економија доставиле известување каде, спротивно на членот 6 став 3 од Законот за угостителска дејност, констатирале дека кабарето „Пулс“ од Кочани ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и во делот на сообраќај и покрај тоа што не извршиле целосна проверка пред да ја издадат позитивната согласност за издавање на лиценца за кабаре.
Началникот на Одделението за полиција во СВР Штип за време и началникот од СВР Штип, истиот ден го одобриле и потпишале известувањето до Министерство за економија во кое е констатирано дека кабарето ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и во делот на сообраќај.
Понатаму, документаристот во кочанската полиција, истиот ден изготвил телеграма во која не дал точни и целосни податоци дека во и во близина на кабаре „Пулс“ има пријавени нарушувања на јавен ред и мир и пријавени кривични дела, односно дал податоци само дека против фирмата и против одговорното лице таму се поднесени две барања за поведување прекршочна постапка.
Заменик командирот од Кочани и началникот од Кочани, иако знаеле дека има повеќе пријавени нарушувања на јавен ред и мир во и во близина на кабарето, ја потпишале телеграмата, со што не постапиле според прописите за мерките за заштита и не извршиле целосна и детална проверка во врска со издавање на позитивна согласност за издавање лиценца за кабаре, велат од МВР.
По наредба на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција дадена е наредба за приведување и нивно спроведување на суд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Привршува реновирањето на училиштата во Аеродром пред почетокот на учебната година

В. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, утрово ги посети основните училишта „Браќа Миладиновци“, „Блаже Конески“, „Љубен Лапе“ и „Александар Македонски“, кои ги завршуваат последните подготовки пред почетокот на новата учебна година.
Во ОУ „Браќа Миладиновци“ летово беше реновирана училишната спортска сала, која ќе овозможи подобри услови за спортските активности на учениците. Во основното училиште „Блаже Конески“ се молерисуваат ѕидовите и се поставува фасада на новиот дел од објектот, каде неодамна беа инсталирани прозорци, што значи дека училиштето ќе биде енергетски ефикасно.
Во ОУ „Љубен Лапе“ целосно е реновиран главниот влез, вклучувајќи нова фасада, гранитни нелизгачки плочки на платото и скалите, како и железна ограда за поголема безбедност на учениците. Исто така, се реновираа две училници и се варосаа ходниците на првиот кат, а главниот влез се реновира и во училиштето „Александар Македонски“.
„Нашата цел е секое дете да учи во безбедна и современа средина. Со овие значајни инвестиции во реновирањата на училиштата, создаваме подобри услови за учење и развој на младите генерации во Аеродром. Ќе продолжиме да вложуваме во инфраструктурата за квалитетно образование и безбедност на учениците“, изјави Митески за време на посетата.
Македонија
(Фото) Пожарот во ловиштето Јасен не е изгаснат, еден крак е се уште активен

Пожарот во ловиштето Јасен се уште не е изгаснат. Еден крак е се уште активен. Дождот којшто заврна во мала количина не го изгасна, извести директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Како што извести тој, се дејствува со два „Ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување. Една жешка точка има високо на сртот, а од спротивната страна две жешки точки со чадење. Се работи за екстремно стрмен терен и терен со зимзелена шума што е исклучително ризично да се спуштат луѓе.
„Нашиот фокус е со двата „Ер трактори“ и со полицискиот хеликоптер да дејствуваме на оваа точка. Ќе дадеме се од себе во текот на денешниот ден да го ставиме целосно под контрола и овој преостанат крак од пожарот“, додаде Ангелов.
Македонија
Ревизија: Отсуство на кадар и процедури го загрозуваат квалитетот на податоците во Централниот регистер на население

Државниот завод за ревизија спроведе проверка на информациските системи со фокус на усогласеноста на процедурите за безбедност на податоците од Централниот регистар на население кај Министерството за дигитална трансформација, за периодот од 2019 до 2024 година.
„Врз основа на извршената ревизија, заклучивме дека освен за состојбите кои се однесуваат на капацитетот на човечки ресурси, недефинирани чувствителни работни позиции, отсуство на процедури за активностите поврзани со функционирање на Централниот регистар на население, за утврдување на исполнување на стандардите за квалитет на податоците, недостаток на дефинирани стандарди за примена на ИТ безбедност, системски контроли за размена на податоци меѓу институциите кои би спречиле заобиколување на Централниот регистар на население, активности за функционирање на Централен регистар на население во сите материјални аспекти се во согласност со релевантната законска и подзаконска регулатива, стратешки документи, стандарди, упатства, договори и воспоставени политики,“ наведуваат од ДЗР.
Централниот регистар на население е интегрирана база на лични податоци која се води во електронска форма во Министерството за дигитална трансформација, врз основа на автоматско интегрирање на податоците од поединечните бази што ги водат надлежните органи, меѓу кои Министерството за внатрешни работи, Управата за водење на матични книги и органот за водење на адресниот регистар.
Според ревизијата, „утврдивме отсуство на стручен и квалификуван кадар особено во одделението за стандардизација и сертификација во министерството, како и отсуство на процедури за утврдување на исполнување на стандардите за квалитет на податоците, што влијае врз квалитетот на податоците во ЦРН“.
Исто така, „синхронизацијата на податоците од изворниците со ЦРН е на дневна основа, што остава можност за фреквентни промени на податоци кај изворниците во текот на 24 часа, поради што постојат разлики помеѓу податоците во ЦРН и податоците во изворникот“.
Во извештајот се нагласува дека „недостатокот на пишани процедури за управување со ЦРН не е во согласност со законската регулатива и стандарди, и може да доведе до неконзистентно толкување на законските надлежности за одобрување на пристапот до ЦРН, без ревизорска трага и двојна контрола“.
ДЗР утврдил дека во 2024 година „дозвола за пристап и користење на податоци од ЦРН имаат 11 надлежни органи и други субјекти и реализирани 1.634.415 повици, од кои 23.658 се неуспешни“. Објавениот регистар на овие субјекти „содржи нецелосна евиденција на податоците, како и до кои податоци на граѓаните имаат дозвола за пристап“, при што е забележана и „размена на податоци со заобиколување на ЦРН“.
„Отсуството на контрола од страна на Министерството врз изворниците на податоци во исполнување на минималните стандарди за административна безбедност создава ризик за безбедноста на податоците,“ наведува ДЗР, додавајќи дека тоа може да ја намали довербата во системот.
Меѓу препораките се бара „преземање на мерки и активности за подобрување на состојбите со човечките капацитети, подготовка и одобрување на пишани процедури за ЦРН и другите системи, подготовка на прирачници и воведување на механизми за проверка на стандардите за квалитет на податоците, детални контроли за проверка на минималните физички и административни услови за безбедност, воведување на системски контроли за размена на податоци меѓу институциите и воведување на автоматизиран и координиран механизам за следење на нотификациите за несовпаѓање на личните податоци“.
Од Министерството за дигитална трансформација доставиле забелешки на Нацрт извештајот, а од ДЗР потврдуваат дека „истите се разгледани и утврдено е дека двете забелешки претставуваат известување за преземени активности“.