Македонија
Полицискиот синдикат: Работиме професионално, а не водени од предрасуди и стереотипи
Во однос на наводите од невладината „Платформа за родова еднаквост“, Македонскиот полициски синдикат реагира преку соопштение. Во него се вели дека полициските службеници имаат изграденo голем професинализам и интегритет во работење и во никој случај при своето професионално работење и постапување со граѓаните не се водени од родовите стереотипи и предрасуди.
„Нема да дозволиме како синдикат одделни случаи да бидат генарилизирани и на тој начин да се навредуваат и омаловажуваат полициските припадници дека се непрофесинални, неетички, а најмалку дека се родово несензибилизирани или во рамките на своите полициски постапувања и овлстувања тие се водени од прерасуди и стереотипи.
Македонскиот полициски синдикат во континуитет работи на заштита на правата на полициските службеници и нивните секојдневни обврски што тие ги имаат во извршувањето на службените задачи и во никој случај нема да дозволи на ваков начин да бидат омаловажени и навредени. Колку за потсетување, сведоци сме и свесни сме дека полицаец го загуби животот при интервинарање по пријава за семејно насилство во Куманово, што, за жал, можеме да констатираме дека на ваков начин докажуваме оти полициските службеници по секоја пријава постапуваат и преземаат мерки, со што, за жал, понекогаш има и трагичен крај.
Потенцираме и стоиме цврсто на ставот дека дека нема потреба од дополнителни правни акти во МВР за уредување санкционирање во случај на семејно насиство затоа што, доколку другите институции надлежни за справување и заштита на жртвите од семејното и родово базираното насиство би биле законски уредени и подредени, како тоа што е правно и институционално регулирано како во МВР, тогаш со сигурност би тврделе дека насилниците ќе бидат соодветно санкцинирани“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МЕД: Над 44 различни видови водни птици се попишани за време на зимското пребројување во Македонија
Над 35.300 единки од 44 различни видови на водни птици беа попишани за време на зимското пребројување на птици на трите природни езера во Македонија, што под водство на Македонското еколошко друштво кај нас се случува секој јануари од 2010 година наваму како дел од Меѓународниот зимски цензус на водни птици.
„Споредено со податоците од претходните пет години, популациите на птици на Дојранското Езеро, иако мали, се стабилни. На Преспанското Езеро се бележат флуктуации, додека промените на Охридското Езеро се најдинамични. Причините за овие промени ќе се утврдуваат откако ќе се разгледаат сите фактори што би можеле да влијаат на ваквите податоци и во контекст на пребројувањата од другите европски земји“, истакнува Данка Узунова, орнитолог и проектна координаторка во Македонското еколошко друштво (МЕД).
Овдешното зимско пребројување на птици се прави истовремено на целата територија на трите природни езера во сите држави, поради што во него учествуваат и соработници од Националниот парк „Галичица“, Паркот на природата „Езерани“, Друштвото за заштита и зачувување на природната средина од Албанија (PPNEA) и од Друштвото за заштита на Преспа (SPP) и Националниот парк „Езеро Керкини“ од Грција. Освен тоа што ја координира акцијата на македонската страна и ги обработува собраните податоци, МЕД исто така ги советува и насочува волонтерите во броењето на птици.
„Меѓу луѓето кои доаѓаат на терен има научници и професионални истражувачи, но и вљубеници во природата со голема страст за птиците, кои своето слободно време доброволно го поминуваат со нас, на отворено, пред телескоп, со двоглед или фотоапарат в рака. Нивниот придонес е исклучително скапоцен, а за возврат имаат можност да стекнат нови познанства, да си го надградат знаењето и да уживаат во глетките коишто понекогаш се баш несекојдневни“, истакнува Узунова.
Зимското пребројување во земјава е дел од Меѓународниот зимски цензус на водни птици којшто се случува полни 60 години, со што се вбројува меѓу најголемите и најдолго спроведуваните програми за граѓанска наука во светот. Од 1967 година до денес, со зимските пребројувања се посетени над 67.000 влажни живеалишта во 189 земји и територии, почнувајќи од крајбрежните области на Северна Европа до тропските речни устија во Азија и Африка. На овој начин досега се евидентирани речиси 2 милијарди птици и идентификувани се илјадници водни живеалишта од меѓународно значење.
Македонија
Потпорен ѕид се урна во Штип и оштети автомобили кај болницата
Потпорен ѕид на улицата Љубен Иванов во Штип, во близина на клиничката болница, утрово околу 9 часот се сруши и падна врз две паркирани возила, јавуваат локалните медиуми.
Во инцидентот нема повредени лица, а на местото на настанот веднаш излегле надлежните служби.
Според првичните информации, причина за уривањето на ѕидот се неповолните временски услови.
Македонија
Јаневска: Почнуваме нов циклус вложувања во 160 образовни инфраструктурни објекти
Почнуваме нов циклус на вложување во образовни инфраструктурни објекти, кои се еден од основните елементи за подигнување на квалитетот на образованието и за развој на психичкото и физичкото здравје на учениците. Лани вложивме 67 милиони за инфраструктурата. Годинава почнуваме нови 160 инвестиции, од кои 60 се спортски сали.
Ова го изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска по поставувањето на камен-темелникот на новата спортска сала во ОУ „Григор Прличев“ во скопска Железара, каде присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„Она што Владата, Министерството и општините го ветуваат, заеднички работејќи го исполнуваат. Почнуваме со изградба на нови 30 спортски сали и уште 30 се во процес на реновирање“, рече министерката Јаневска.
Вкупната инвестиција во спортската сала во ОУ „Григор Прличев“ изнесува 39 милиони денари, а денес почнува со реализација првата фаза во вкупен износ од 20 милиони денари. Салата ќе ги има сите пропратни содржини со што учениците и младите ќе добијат современи услови за спорт и рекреација.

