Македонија
Полицијата влезе на Онкологија, се вршат претреси кај лица осомничени во случајот

Полициски екипи утрово влегле на Клиниката за онкологија во Скопје, а биле извршени и претреси на повеќе локации во објекти на лица за кои постои сомнеж дека се поврзани со случајот на Онкологија.
Од Основното јавно обвинителство за „Макфакс“ велат дека се преземаат дејства по наредба на јавен обвинител, но повеќе детали не откриваат.
Од таму додаваат дека кога ќе имаат повеќе детали, тие ќе бидат споделени со јавноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Божиновска: Признание и почит за рударите – нема компромис со законот, засилени контроли, државата стои зад сите што чесно работат

Тринаесет рудари од различни рудници низ земјата денеска беа одликувани со признанија за својата пожртвувана работа, во рамки на свеченоста што Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја организираше по повод Денот на рударите.
Меѓу нив е и Страшо Маневски од РЕК Битола – човек со речиси четири децении искуство, кој започнал како сменски инженер, а долгогодишно работел и како технички директор. Признание доби и Златко Пажески од рудникот „Сивец“ во Прилеп, кој секојдневно со гордост и посветеност влегува во јамата и во најтешки услови. Тука се и Драгољуб Димитровски од Тораница, Дарко Величковски од САСА, Тони Ѓоргиев од Боров Дол, Шериф Алиу од Гостивар, Аце Маневски од УСЈЕ, Зоран Стојчев од Гранит, Бранко Ѓорѓиев од СОПОТ, Сашо Гиланов од Суводол и други – сите тие, со својата работа и искуство, се симбол на чесност, труд и издржливост.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во своето обраќање порача дека рударите се „темелот на економијата и незаменлива сила без која нема развој и енергетска стабилност“.
„Вашата работа е животна мисија, а не само рофесија. Затоа државата има должност да ви обезбеди подобри услови, поголема безбедност и современа опрема. Но и да покаже јасна решеност дека во рударството нема компромис со законот“, истакна министерката.
Божиновска потсети дека Министерството во изминатиот период ги засилило инспекциските контроли и теренските посети, а само во последните години биле одземени 45 концесии поради непочитување на правилата.
„Државата ќе ги поддржи сите компании кои инвестираат во безбедноста на рударите, се грижат за животната средина и за локалните заедници. Но, за оние што мислат дека Македонија е место каде правилата не важат, имам јасна порака: времето на компромиси заврши. Законот важи за сите – без исклучок“, подвлече министерката.
Со свеченоста Министерството не само што оддаде признание на рударите за нивниот труд и пожртвуваност, туку и испрати порака дека рударството ќе остане силен и одржлив столб на македонската економија – со врвен приоритет секој рудар да биде безбеден и горд кога се враќа дома.
Македонија
(Видео) „Додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт, противниците на Македонија мирно спијат“, вели Филипче

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одговори на постојаните обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ посочувајќи дека се апсолутна невистини со цел лична дискредитација затоа што владата нема никаков резултат и нема што да покажат.
– Сите тие обвинувања апсолутно не се вистина. Целта е да дискредитираат. Прво, дека сум имал куќа во Нерези – за тоа пишуваше вашиот медиум, но кога една ваша колешка беше таму и сними, излезе дека не е вистина. Потоа, дека имам поклон-џип – исто така не е вистина. Дека имам зграда во Дубаи – повторно невистина. Дека имам јахта – и тоа не е вистина. Нивната мантра е: „Ти си лопов, криминалец, предавник“. Но тоа не ме прави помалку храбар, напротив – уште повеќе ме мотивира да се борам за доброто на државата. Знам дека ВМРО-ДПМНЕ и сите што го иницираат и спроведуваат тој процес, тоа го прават затоа што немаат резултати. Немаат што да покажат. Тие плаќаат луѓе за ситни пари да шират лаги, а во исто време се занимаваат со многу големи бизниси – со огромни кредити и договори во четири очи. Но полека вистината излегува на виделина: државата е ставена на слеп колосек за Европа, платите стагнираат, стандардот тоне, младите се иселуваат, рече Филипче.
Ќе завршам со тоа: Додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт, противниците на Македонија мирно спијат, рече денеска претсдателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
(Видео) „Филипче со лаги за економијата во стилот на Заев – не знае чија е јахтата, ама знае дека ќе коалира со ДУИ“, вели Стојаноски

„Денешната прес-конференција на Венко Филипче е најдобар доказ дека СДС е изгубена во сопствените лаги и дека се обидува со празни бројки и манипулации да ја прикрие вистината: Македонија денес е држава на стабилни финансии, држава која по години пустош и корупција почна да се обновува и држава која ја враќа довербата во институциите“, вели Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Како што тврдевме, така и испадна. Денеска Филипче јавно најави коалиција со ДУИ. Прашањето е едноставно: Што толку има ДУИ за него и за Заев, за да не можат да се тргнат од нивниот скут? Секојдневно зборуваат за „ново раководство“ и „автентични одлуки“, а на крајот повторно се враќаат кај старите партнери во криминал и во корупција.
Второ, зошто Филипче не собра храброст да одговори чива е јахтата на која го помина целото лето? Наместо да глуми жртва на пропаганда, нека ја каже вистината. ВМРО-ДПМНЕ никогаш не рекло дека јахтата е негова, туку дека е на неговиот ментор, оној кој и денес го контролира. Народот тоа јасно го гледа.
И уште една дилема којашто останува: Со кого беше на одмор целото лето? Со кого не разговарал за политика, туку можеби за „природата на универзумот“? Граѓаните заслужуваат искрен одговор, а не бегство од вистината зад празни флоскули.
Филипче зборува за економија, замислете истиот тој кој беше дел од владата што ја донесе највисоката инфлација во историјата на државата, најскапата струја и гориво, сиромаштија и задолжување за генерации нанапред. Под нивните политики, народот преживуваше со рекордно поскапување на лебот и основните продукти. Денес тој зборува за „стандарди“, истиот кој ја претвори македонската здравствена заштита во пепел, со крвави тендери, со аферата „Модуларна болница“, со јахти, со шеми и со договори во четири очи.
Ајде со бројки: Во времето на ВМРО-ДПМНЕ, од јули 2024 до јуни 2025, номиналниот раст на просечната нето-плата е 10.1%, а реалниот раст е 6.5%. Во времето на СДСМ, од 2017 до мај 2024, номиналниот раст е 8.2%, а реалниот раст едвај 3.5%. Истовремено, просечната стапка на инфлација под СДС беше 4.7%, а под ВМРО-ДПМНЕ е 3.6%. Само нека ги видат податоците и ќе им биде јасно кој ја лаже јавноста.
Најдрско е што Филипче ја обвинува Владата за инфлацијата и сиромаштијата, а токму тој и неговата банда се симбол за економска несигурност, криминал и корупција. Под СДСМ, Македонија беше држава на невработеност, затворени фабрики и контрола од криминални елити. Денес, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ обезбедува стабилност, нови инвестиции, нови работни места и вистински економски раст, нешто што СДС не знае ни да го замисли, а камо ли да го спроведе.
Филипче зборува за „чест“ и „борба за граѓаните“, а го видовме како ужива на јахти, во друштво на транзициски олигарси, додека народот едвај врзуваше крај со крај. И денес, наместо да одговори чива е јахтата, тој се заплеткува во лаги и полувистини. Народот го гледа тоа и знае дека СДС е партија на тајкуни и тендери, а не партија на граѓаните.
За коалиции? Филипче сам призна дека СДС и ДУИ повторно се едно исто. Две партии без легитимитет, без идеи и без визија, кои знаат само да се бранат зад етнички поделби и криминални интереси. Македонија им сврте грб и тоа ги боли.
Најголемата вистина е дека СДС нема што да понуди: нема политика, нема програма, нема енергија. Затоа единствената нивна стратегија е хаос, дезинформации и клевети.
Македонските граѓани одамна ја разбраа играта на Филипче и неговите ментори. Затоа СДСМ е четврта партија со 6% рејтинг, а ВМРО-ДПМНЕ е таа што ја води државата кон стабилност, економски раст и европска иднина.
Филипче може да држи уште илјада вакви пресови, но едно ќе остане факт: Народот не живее од неговите лаги и ПР-празнословија, туку од реалните политики и резултатите кои Владата ги испорачува секој ден“, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.