Македонија
Полицијата за еден ден казни 172 возачи поради брзо возење

Во текот на вчерашниот ден, Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на државата за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената.
Како што информираа од МВР, санкционирани се 172 возачи. Од нив пет возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а две возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 96 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 76 надвор од населено место.
Засилените акциски контроли продолжуваат и во наредните денови.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, велат од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски: Поставени шест куќи засолништа за бездомни животни во Паркот на франкофонијата

Општина Центар доби шест куќички-засолништа за бездомни животни како донација од Амбасадата на САД. Куќичките, изработени од локални архитекти, се поставени во Паркот на Франкофонијата во рамки на проектот „Унапредување на благосостојбата на животните преку волонтерство“, соопштија од општината.
Проектот, како што велат, има за цел подобрување на условите за бездомните животни и поттикнување на инклузивноста во јавните простори.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски вели дека ова е пример за вистинска соработка помеѓу граѓанскиот сектор, меѓународната заедница и локалната самоуправа.
„Благодарни сме на Амбасадата на САД за поддршката, како и на организацијата Хумани градови за иницијативата и за тоа што ја препознаа Општина Центар како партнер за реализација на овој хуман проект. Оваа донација е поттик и обврска да продолжиме со политики што ја промовираат грижата за животната средина и за сите живи суштества што делат простор со нас”, рече Герасимовски.
Со поставувањето на засолништата, според него, Паркот на Франкофонијата добива нова, хумана димензија, простор за заштита на животните и пример за одговорно и инклузивно уредување на јавните површини.
Македонија
Утре, без вода делови од Ѓорче Петров

Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека утре ( среда ) поради промена на затварач од ф – 250 мм во пумпна станица Волково, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од населбите Ново Село, Даме Груев, Стопански Двор и Волково. ( општина Ѓорче Петров )
Македонија
Бесплатни униформи, ранци и прибор за учениците, во тек е целосна дезинфекција на училиштата во Центар

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска одржа работен состанок со директорите на сите општински основни училишта по повод започнувањето на новата учебна година. На состанокот се разгледуваа финалните подготовки за првиот училишен ден.
Во сите училишта во тек се активности за темелно чистење, а во наредните денови ќе се спроведе и задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација, со цел обезбедување на безбедни и хигиенски услови за учениците и наставниот кадар.
За прв пат оваа година, Општина Центар обезбеди бесплатни униформи за сите ученици во општинските основни училишта. Носењето на униформите ќе биде задолжително за сите ученици.
Дополнително, трета година по ред, сите првачиња ќе добијат бесплатни ранци и училишен прибор, како дел од заложбата на општината за поддршка на учениците и нивните семејства.
„Вложуваме во образованието, вложуваме во нашата иднина. Сакаме да им овозможиме на децата еднакви услови за учење и да покажеме дека образованието е еден од нашите највисоки приоритети,“ истакна градоначалникот Горан Герасимовски.