Македонија
Полицијата казнуваше и денес, откри 96 сообраќајни прекршоци

Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје денеска во периодот од 08:30 до 16:00 часот спроведе зајакната акциска контрола во делот на сообраќајот на територијата на град Скопје.
При контролата санкционирани се вкупно 96 учесници во сообраќајот, од кои изречена е 41 мерка за возење со брзина поголема од дозволената, 15 санкции за возачи на мотоцикл кои управувале без заштитна кацига, четири мерки за возење без возачка дозвола, две санкции за возење мотоцикл без поседување на дозвола со соодветна категорија, две мерки за малолетни лица за управување мотоцикл кои при тоа немале положено возачки испит за познавање на сообраќајните знаци и правила на сообраќајот, а едно лице било приведено во полициска станица за утврдување на идентитет за сторен сообраќаен прекршок по член 211 поради непочитување на знаци и наредби од полициски службеници и 31 мерка по други сообраќајни прекршоци, соопшти МВР.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Полицијата апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и сите заеднички да придонесат за подобри, посигурни и побезбедни патишта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево време со температура до 25 степени

Времето денеска ќе биде поведро и посвежо, преку денот сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 8, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје, сончево со слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Следува период на сончево и потопло време со мала до умерена облачност и со умерен северен ветер. Денеска и во среда утринските температури ќе бидат пониски, а дневните ќе бидат во постепен пораст.
Македонија
Чучер Сандево денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 16.00 часот, корисниците од селата Побожје, Бродец, Малино, Танушевци, Брест во општина Чучер Сандево.
Македонија
Филипче: Македонија годинава ќе биде со најнизок економски раст во регионот

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска беше во посета на Радовиш, каде што се сретна со граѓаните и разговараше за предизвиците со кои се соочуваат во секојдневниот живот.
„По десет месеци од новата власт, разочарувањето е големо. Цените продолжуваат да растат, платите стагнираат, а граѓаните сè потешко врзуваат крај со крај“, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче нагласи дека СДСМ со месеци дава конкретни предлози и закони за раздвижување на економијата и зголемување на платите, но дека власта останува глува.
„СДСМ со месеци дава конкретни предлози и закони со кои ќе се раздвижи економијата и ќе се зголемат платите, но власта е глува. Со месеци предупредувавме дека економијата тоне, а денес таа потврда стигна и од проекциите на Светската банка. Македонија, за жал, оваа година ќе биде со најмал економски раст во регионот. Владата ветуваше дека ќе бидеме лидери во регионот, но очигледно ќе бидеме последни. Ова е резултат на погрешни економски политики, но и целосна негрижа за граѓаните“, изјави Филипче.
Во своето обраќање, тој подвлече дека СДСМ останува на страната на граѓаните и ќе продолжи да работи за подобар живот за сите
„СДСМ ќе продолжи да работи и нуди решенија, силно верувам дека граѓаните ќе ја препознаат искрената намера и чесните политики кои се наменети за подобар живот“, додаде претседателот на СДСМ.