Македонија
Полицијата потфрли во превенција на скандалозните настани, Тошковски сè уште никаде го нема, велат од СДСМ
Министерството за внатрешни работи, предводено од министерот Панче Тошковски, очигледно целосно потфрли во превенцијата и контролата на ситуацијата. Граѓаните имаат право да прашаат – зошто полицијата не беше присутна и зошто немаше брза и одлучна интервенција за спречување на овие инциденти? Министерството мора да објасни зошто не ја презеде својата одговорност и дали воопшто имало план за управување со ваквите ситуации. Очигледно МВР воопшто ниту била подготвена да реагира, ниту имала увид во она што се случувало во текот на речиси целиот ден вчера, велат од СДСМ.
„СДСМ прашува: каде беа вчера вечер премиерот Христијан Мицкоски и министерот Панче Тошковски, да се обратат со државнички пораки за смирување на состојбите? Наместо тоа, нивната тишина само ги продлабочи тензиите и создаде чувство дека институциите се парализирани. Наместо лидерство и одговорност, сведочиме на отсуство на реакција од ВМРО-ДПМНЕ, која целосно ја занемари својата должност кон граѓаните.
СДСМ бара Мицкоски и Тошковски веднаш да излезат пред граѓаните и да објаснат зошто превенцијата целосно потфрли? Министерството за внатрешни работи мора итно да ги преземе сите потребни мерки за идентификација и казнување на сторителите. Законот мора да важи подеднакво за сите граѓани.
Почитувањето на симболите и идентитетот на секоја заедница е клуч за заедничкиот напредок. Секое однесување кое предизвикува поделби и тензии е спротивно на вредностите на едно општество за сите и мора да биде санкционирано.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ покажува неспособност да управува со кризни ситуации. СДСМ останува посветена на заштитата на државните симболи, достоинството на граѓаните и зачувувањето на меѓуетничкиот соживот“, соопшти СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Инспекциска акција во Центар, нема да толерираме диви депонии и небезбедни напуштени објекти, порача Герасимовски
Инспекциските служби на општина Центар започнаа со расчистување на два напуштени објекти на улиците „Тетовска“ бр. 20 во Ново Маало и „Владимир Полежиновски“ бр. 7, во близина на ТЦ Буњаковец.
На првата локација, во близина на гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“, со асистенција на Министерството за внатрешни работи, се иселени бездомните лица, затекнати во руинираниот објект, по што започна расчистување на сметот во и околу куќата, извести Општината.

Интервенцијата е извршена по пријава и барање на жителите од околните згради, поради страв од пожари, кражби и загрозување на безбедноста и здравјето.
На втората локација во Буњаковец, поради присуство на малолетни бездомни лица, во акцијата е вклучена и социјалната служба. По завршување на постапката, ќе се пристапи кон целосно расчистување на просторот кој е претворен во мини депонија.

Ова не е првпат инспекциските служби на општина Центар да интервенираат на овие локации по барање на жителите. И покрај претходните интервенции, бездомни лица повторно се вселуваат во напуштени објекти, користејќи го фактот дека станува збор за куќи со нерешени имотно правни односи. Иако сопствениците се контактирани, поради недостиг на соодветна реакција, Општината е принудена постојано да интервенира со цел заштита на јавната безбедност, велат од Центар.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски посочи дека ваквите објкети во кои се собираат бездомници и се создаваат диви депонии, не се само лоша слика за централното градско подрачје, туку и реална опасност за околината.

„Ги повикувам сопствениците да бидат одговорни, а граѓаните навремено да пријавуваат, за да можеме навреме и ефикасно да реагираме“, порача Герасимовски.
Македонија
По информациите за енормно загадување на водата за пиење во Струга, обвинителството оформи предмет
Во врска со информациите за енормно загадување на водата за пиење и за основни животни потреби на подрачјето на градот Струга, Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет за да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата.
Во координација со МВР – ОВР Струга, издадена e наредба за правосудната полиција да изврши увид на локација во селото Шум, каде се сместени изворите од кои подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење.
При увидот треба да бидат присутни и надлежни инспекциски служби од областа на животната средина, од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и од Центарот за јавно здравје.
Ќе бидат преземени и други дејствија на проверки, соопшти обвинителството.
Македонија
Советник на Мицкоски за нов уставен судија – толку од независноста на судството, велат од СДСМ
Гоце Наумовски, кој е надворешен советник на премиерот Мицкоски за правни работи, е предлог за нов уставен судија кој се очекува да биде изгласан наскоро, истакнуваат од СДСМ.
„Кадровско решение од кабинетот на премиерот во највисоката судска инстанца во државата.
Дополнително, Гоце Наумовски е брат на поранешниот вицепремиер за евроинтеграции од ВМРО, Васко Наумовски, со што политичките релации и влијанија се уште еднаш потврдени.
Власта ги зема под целосна своја контрола судството и обвинителството.
Го сменија јавниот обвинител и планираниот избор на обвинител под своја контрола. Сопруга на градоначалник на ВМРО назначија за член на Судски совет. Сега советник на Мицкоски во Уставниот суд“.
Според СДСМ, додека Мицкоски од собраниска говорница им дели задачи и им кажува што и како да работат, носат закони за правосудатво кои се спротивни на препораките на ЕУ.
„Тотална партизација на државата, партиски контролирано судство, судии и обвинители од тефтерчињата. Исто како во времето на Никола Груевски.
Следува целосно погребување на правдата и правната држава“.

