Македонија
Половина милион евра наместо кај поплавените во Василево завршиле во туѓи раце
Градоначалник на Василево од сметката за солидарност од буџетот на општината исплатил повеќе од половина милион евра или точно 33.762.784 денари за отштета од поплавите што ја зафатија општината во 2013 година иако немал докази за претрпена штета кај жителите на чии сметки отишле парите. Исплатата на средства ја вршел во периодот од 2014 до 2017 година.
Покрај ова, средствата за штетите од поплавите биле нерамномерно и несразмерно распределени. Пет лица членови и претседател на општинската комисија за проценка и утврдување на штетите од елементарни непогоди не изготвиле записници за увид на самото место и извршиле фиктивна проценка на штетите. Елаборатот со лажни податоци го испратиле до Владата од каде што биле добиени средства за исплата на штетите од поплавите во износ од 38.656.106 денари.
Од МВР информираат дека е поднесена кривична пријава против В.С (51) од с. Едрениково, во својство на градоначалник; против С.Н (46) од с.Градашорци; М.Т (54) и М.Ѓ (28), и двајцата од Василево; М.Ј (58) од с.Сушево и Б.С (59) од с.Моноспитово, поради постоење основано сомневање дека првопријавениот како градоначалник на општина Василево го сторил кривичното дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, а останатите пријавени лица ги сториле кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување и уништување деловни книги“.
„Имено, В.С во својство на градоначалник на општина Василево искористувајќи ја својата службена положба, без да постојат соодветни писмени докази дека физичките и правни лица од oпштина Василево навистина ја претрпеле пријавената штета од поплавите во општина Василево на 24.02.2013 , 25.02.2013 и 26.02.2013 година, донел решенија за исплата на средства од елементарна непогода од сметката за солидарност на буџетот на општина Василево. На тој начин по добивањето на дотација од Министерството за финансии на износ од 38.656.106 денари, согласно со донесената одлука на Влада за надомест на штети од поплавите во висина од 15% од настанатата штета, првопријавениот во текот на 2014, 2015, 2016 и 2017 година од сметката за солидарност на општината на повеќе граѓани и на неколку правни лица од Општина Василево им исплатил вкупно 33.762.784 денари без соодветен доказ за претрпена штета“, информира МВР.
Исто така, првопријавениот ги пречекорил границите на своите овластувања и по однос на распределбата на средства за претрпена штета на општина Василево, која документирано била проценета на 12.604.500 денари, од сметката за солидарност дозволил да се исплатат само 4.032.300 денари. Така, на ЈП „Турија“ од Василево за документирано проценета штета од 572.000 денари, дозволил да се исплатат само 72.600 денари, а на ООУ „Гоце Делчев“ с. Василево за документирано проценета штета од 185.000 денари дозволил да се исплатат дури 41.250 денари, што укажува дека средствата за штетите од поплавите биле нерамномерно и несразмерно распределувани.
Второ, трето и четвртопријавениот во својство на членови на општинската комисија за проценка и утврдување на штетите од елементарните непогоди, заедно со претседателот на комисијата придонеле кон извршувањето на кривичното дело, со тоа што без да изготват записници за увид на лице место и без да ги изготват соодветните обрасци извршиле фиктивна проценка на штетите на граѓаните и учествувале во изготвувањето на елаборатот од проценката на штетите во кој ги внесувале податоците од направените фиктивни проценки на штетите од поплавите, при што на крајот ставиле свој потпис на елаборатот заверувајќи ја неговата содржина како вистинита. Таквиот елаборат со недокажани и непотврдени податоци подоцна бил изгласан од Советот на Општина Василево и пратен до Владата врз основа на што биле добиени средства за исплата на штетите од поплавите во висина од 15% од претрпената штета, односно 38.656.106 денари.
Петто и шестопријавениот како членови на Комисијата за проценка на штетите, иако директно не влијаеле во гореопишаните кривично-правни настани, сепак, ставиле свои потписи на елаборатот од проценката на штетите како и на извештајот од работата на комисиите за проценка на штети, исто така заверувајќи ја содржината како вистинита.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска се заблагодари за честитката од ЕУ: Со нетпрение очекувам да ја продолжиме соработката
Силјановска Давкова се заблагодари за честитката од ЕУ и порачува дека со нетпрение очекува да ја продолжам соработка со Европската Унија за конечно заокружување на европската интеграција на целиот регион.
„Денеска, како избрана претседателка, добив официјално соопштение од Европската Унија со кое ми се честита победата на изборите. Темелот на мојата на кампања беше градењето на консензус помеѓу сите политички партии во Собранието, како од власта, така и од опозицијата, граѓанското општество и македонските граѓани, независно од нивните разлики. Нашиот клучен стратешки проект е европската интеграција и истата останува да биде темел за градењето на консензус помеѓу различните чинители во општеството. Потенцирам дека под мое водство нашата надворешна политика ќе продолжи да биде целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија. Со нетпрение очекувам да ја продолжам соработка со Европската Унија за конечно заокружување на европската интеграција на целиот регион“, се наведува во соопштенеито испратено од тимот на Гордана Силјановска Давкова.
Европската унија и честита на Гордана Силјановска Давкова за нејзината победа на претседателските избори во Македонија и со нетрпение очекува да работи со првата жена лидер во земјата, изјавија високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел и европскиот комесар за проширување и соседска политика Оливер Вархеи.
Борел и Вархеи, во заедничката изјава објавена по повод вториот круг од претседателските и редовните парламентарни избори во Северна Македонија, ги охрабрија „релевантните политички актери да работат на формирање парламент и стабилна влада“.
Македонија
(Видео) Стоилковски го поздрави лидерот на ДУИ јадејќи бисквита: „Поздрав, Али“
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, на социјалните мрежи објави видео во кое, јадејќи бисквита го поздрави лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Стоилковски вели дека оди на состанок со коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа зема бисквита и почнува да ја јаде.
„Поздрав, Али“ , вели Стоилковски.
Стоилковски алудира на изјавата на Ахмети која тој ја даде од митингот на „Европскиот фронт“ во Скопје пред одржувањето на првиот круг од претседателските избори кога рече оти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е израснат со бисквити и гурабии.
Македонија
ЕУ: Очекуваме соработка со претседателката на Македонија, парламентот и владата за да работиме на европскиот пат
Европската унија и честита на Гордана Силјановска Давкова за нејзината победа на претседателските избори во Македонија и со нетрпение очекува да работи со првата жена лидер во земјата, изјавија високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел и европскиот комесар за проширување и соседска политика Оливер Вархељи
Борел и Вархеи, во заедничката изјава објавена по повод вториот круг од претседателските и редовните парламентарни избори во Северна Македонија, ги охрабрија „релевантните политички актери да работат на формирање парламент и стабилна влада“.
„Двете институции треба да работат заедно на подобрување на европскиот пат на Северна Македонија, кој вклучува имплементација на клучните реформи, особено во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата, во интерес на сите нејзини граѓани“, се вели во заедничката изјава на Борел и Вархеи.