Македонија
Половина милијарда денари ќе чинат пет години необезбедените учебници по странски јазици за основните училишта
Јавната набавка, која треба да ја реализира Министерството за образование и наука за да обезбеди учебници по странски јазици за основните училишта, чини половина милијарда денари или 8,1 милиони евра. Четворица министри за образование не успеаја да ја реализираат набавката петта година по ред во основните училишта странски јазици се учат без учебници. Сегашната министерка за образование, Весна Јаневска, вината за ненабавените учебници посочи дека е во претходното раководство на Министерството, кое, поради неквалитет, ја поништило постапката за јавна набавка. Не можела за оваа учебна година да набави учебници по странски јазици оти сè уште траат жалбени постапки, но најави дека штом завршат жалбените постапки, тие ќе објават нов оглас за набавка на учебниците.
„За следната учебна година сите учебници по странски јазици ќе бидат обезбедени. Според процените, ќе биде потребен буџет од речиси 500 милиони денари“, велат од кабинетот на министерката Јаневска за „Макфакс“.
Од кабинетот не одговорија на прашањето зошто учебниците по странски јазици не може да се обезбедат за второто полугодие од оваа учебна година имајќи предвид дека доцнат петта учебна година по ред.

Вишиот просветен инспектор во пензија, Ѓорѓи Илиевски, кој четири децении го следи образовниот процес кај нас, вели дека не се сеќава оти некогаш учебници доцнеле како сега. Тој посочи дека одговорност за ненабавените учебници треба да се бара кај четворицата министри за образование, Арбр Адеми, Мила Царовска, Јетон Шаќири и сегашната Весна Јаневска, кои не си ја завршиле обврската и сите еднакво манипулирале со учениците, наставниците и со родителите постојано изјавувајќи дека учебниците ќе бидат набавени. Тој смета дека проблем за набавката е распределбата на тендерите.
„Ниедна реална причина не може да ја одложува набавката на учебници со години. Ако не бил квалитетен еден предложен учебник, можел да се замени со друг, иако искуството покажува дека еден учебник може да има отстапки, но не во целост. Оние делови што нема да поминат, доволно е да се вратат на преработка за да се приспособат на програмите од Бирото за развој на образованието и тоа не е процес што би траел седум, не пет години, како што сега вели министерката. Ова остава простор сериозно да се сомневаме дека тендерите и договорите кому да му се додели издавањето на учебниците се пречката што го кочи обезбедувањето учебници. Ниеден од овие министри не кажа јавно каков проблем има со учебниците по странски јазици“, вели инспекторот во пензија, Илиевски, кој смета дека прирачник за учениците и наставниците може да биде решение на проблемот додека се обезбедат учебниците.
Единствената тужба за необезбедени учебници е откажана
Единствен обид да се побара одговорност за необезбедените учебници беше оној на Комисијата за спречување и заштита од дискриминацијата од лани кога учебната година почна без да се обезбеди една третина од учебниците. Тогашната претседателка на Комисијата, Весна Бендевска, на посебна прес-конференција, кусо, по почетокот на учебната година, соопшти дека првпат во историјата ќе биде поднесена тужба против Министерството за образование и против тогашниот министер Јетон Шаќири затоа што недостигаа 34 отсто од учебниците, односно од вкупно 126 учебници, не беа обезбедени 43 учебници. За трето и за шесто одделение немаше ниеден учебник, а учебници недостигаа и за сите други одделенија. Комисијата извести дека размислува за тужбата, потоа дека ја подготвува тужбата, но не свика прес-конференција по одлуката да не поднесе тужба, која била донесена три месеци по најавата дека ќе тужи.

„Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на 31. седница, одржана на 11.12.2023 година, донесе одлука за поништување на одлуката за поднесување тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес против Министерството за образование за сторена дискриминација врз учениците во основното образование со необезбедување учебници. Ваквата одлука следува по утврдената фактичка состојба при собирање на доказите во подготовка на тужбата, која се разликува од фактичката состојба утврдена во моментот на донесување на одлуката за поведување на оваа постапка. Во согласност со податоците од МОН, Комисијата заклучи дека во меѓувреме се обезбедени учебници по сите наставни предмети за прво, четврто и за шесто одделение, кои беа земени како одделенија кои се понеповолно третирани во споредба со другите одделенија“, објаснија од Комисијата за „Макфакс“.
До Комисијата годинава не стигнале претставки за необезбедени учебници, а бидејќи учебниците за странски јазици ги нема за сите одделенија, Комисијата смета дека нема дискриминација.
„Доколку нема учебници по странски јазици за сите ученици, Комисијата не може да поведе постапка за заштита од дискриминација бидејќи повредата на правото е насочена кон сите ученици, а не кон одредени ученици врз основа на некоја нивна заштитна карактеристика. Оттука, ваквата повреда може да се третира како повреда на право од задолжително образование, но не претставува дискриминација во согласност со Законот за спречување и заштита од дискриминацијата“, велат од Комисијата и посочуваат дека проблемот може да го разгледуваат Државниот просветен инспекторат и Народниот правобранител.

Пензионираниот инспектор Илиевски, сепак, вели дека има дискриминација со необезбедените учебници по странски јазици.
„Сметам дека Комисијата треба подетаљно да навлезе во анализа на проблемот. Дискриминација има. Оние деца чии родители не може да платат курсеви за странски јазици се дискриминирани“, рече Илиевски.
Државниот просветен инспекторат не одговори на прашањата од „Макфакс“ за недостигот на учебници по странски јазици и за мерките што досега ги презеле.
Канцеларијата на Народниот правобранител, пак, годинава, исто како и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, нема претставки од граѓаните за учебниците по странски јазици.
„Со оглед на тоа што беше најавено дека ќе нема учебници по странски јазици, ги охрабрувам и учениците, и наставниците, и родителите, ако забележат проблем во образовниот процес по странски јазици, тоа да го пријават за да можеме да поведеме постапка“, вели Васка Бајрамовска-Мустафа, раководител на одделението за детски права во канцеларијата на Народниот правобранител.
Конкретен чекор, но не кај домашните, туку кај странските институции, ќе преземе пензионираниот инспектор Илиевски. Најави дека недостигот од учебници по странски јазици за сите одделенија, кој се провлекува со години, ќе го пријави во УНИЦЕФ.
Со овој текст „Макфакс“ се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од британската амбасада.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, разговараа за предизвиците на превозниците
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево оствари телефонски разговор со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Фокусот на разговорот беше ставен на актуелните економски предизвици и евроинтегративниот процес, соопштија од Министерството.
„Соговорниците разменија мислења за изнаоѓање конкретно и одржливо решение за предизвиците со кои се соочуваат професионалните превозници, како и за прашањето поврзано со тарифите за челик. Во тој контекст, министерот Муцунски ја нагласи потребата од навремена и координирана реакција, со цел да се избегнат дополнителни негативни ефекти врз домашната економија“, се наведува во соопштението.
Во контекст на евроинтегративниот пат на државата, министерот Муцунски ја потврди јасната и силна посветеност кон реформскиот процес, обезбедувањето континуитет во неговото спроведување, како и усвојувањето на законите кои се составен дел од европската агенда.
Македонија
Гаши на средба со австрискиот амбасадор
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, на денешната средба со амбасадорот на Република Австрија ги истакна пријателските односи помеѓу двете земји и се заблагодари за подршката на Австрија на интегративниот пат на нашата земја во Европската Унија.
Амбасадорот Памер, во контекст на одличните односи помеѓу двете држави, го информираше претседателот за проект кој ќе го унапреди културното поврзување меѓу двете држави. Амбасадорот истакна дека за вакви големи проекти е потребна поддршка од највисоките институции, вклучително и од Собранието.
Претседателот истакна дека ги поддржуваа проектите кои ја унапредуваат соработката и ги продлабочуваат односите на билатерално ниво и оттука Собранието е на располагање да го поддржи проектот.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните политички случувања кај нас и во светот, како и за процесот на европската интеграција.
Македонија
Мицкоски: Ако заѕиданите пари биле од продажба на нива, што би барале во ѕидот?
Којзнае колку илјадници евра биле заѕидани, изедени и потрошени, ова е последица на антиуставниот имплант СЈО, вели премиерот Христијан Мицкоски.
„Презумција на невиност мора секој да почитува и никој не е виновен додека тоа не биде правосилно. Но од друга страна, сега зборувам како човек, ако навистина е точно дека тие заѕидани средства се предмет на легална трансакција, продажба на нива и слично, тогаш што би правеле во ѕидот?! Логично е тие да се наоѓаат на друго место, а не во ѕидот. И ако е така, кога ќе ви дојдат дома истражители и ќе ви ја пребаруваат куќата, тогаш логично е да им кажете, видете јас за да се обезбедам од крадци ги заѕидав парите во ѕид, ако тука копате ќе најдете 350 илјади евра. Но кога ќе ги најдете треба да знаете дека тие ми се од таа и таа продадена нива. Логично, а не да чекате после два дена да бидат откриени“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на пратеничкото прашање упатено до него за коментар на состојбите во правосудството и актуелната афера за најдените пари заѕидани во ѕид во куќата на родителите на судијата Ѓоко Ристов.
Според премиерот подраматично што овој случај може да е еден од стотици, можеби илјадници случаи во историјата на независноста на државата.
„Суштината на проблемот лежи во два процеси. Првиот процес е изборот на стотици судии во Собранието во периодот 1994-1998, мислам дека беше 1996, кога се бираа по пат на едноумие, бидејќи за жал тогаш опозицијата реши да го бојкотира вториот изборен круг на изборите во 1994 година, па немаше свои претставници и тука во Собранието имаше едноумие. И денес тие судии му пресудуваат на народот на Македонија и на правдата на државата. Тоа е првиот, според мене, лош пример. И вториот лош пример е оној антиуставен имплант СЈО, кое до ден денес претставува проблем за правдата во Македонија“, посочи Мицкоски и дополни дека ова со 350 илјади евра заѕидани во ѕид се само последица.
„Којзнае колку има заѕидани такви илјадници евра и потрошени и изедени и испиени и не знам што. И затоа е таква перцепцијата на сите оние кои треба да бидат заштитници на правдата. Не се сите такви, мал дел се, но тој мал дел ги контаминира сите“, изјави Мицкоски и забележа дека тоа е главната причина зошто нема правда во Македонија и се чувствува правна несигурност кај граѓаните и инвеститорите.
„Да оставиме судот да пресуди и тој што е виновен да одговара. Но да ве потсетам, овој случај имаше и прво полувреме, ова со заѕиданите пари е второ полувреме. Мораме да ги гледаме холистички работите“, заклучи премиерот Христијан Мицкоски и истакна дека за Владата друга опција и друг избор освен борбата за правда нема.

