Македонија
Помал одѕив на вториот бојкот на маркетите, прометот опаднал за 22 отсто наспроти 46,59 отсто минатиот петок
Управата за јавни приходи (УЈП) извести дека вториот масовен бојкот поминал со 22, 12 отсто пад на прометот во осумте големи синџири на маркети во земјава. Во однос на минатиот петок, кога граѓаните првпат се организираа на бојкот поради високите цени, на 07.02.2025 година е остварен 36,95 отсто поголем промет.
Од УЈП нагласуваат дека при споредбата треба да се имаат предвид различни фактори кои влијаат на потрошувачката.
„При споредба на регистрираниот промет на крајот на месецот односно 31.01 и петок 07.02.20025 година треба да се имаат предвид различните фактори кои можат да влијаат на потрошувачките навики. Еден од тие фактори е тоа што голем дел од граѓаните примаат плата и пензии на почеток од месецот, што создава и промени во нивното потрошувачко однесување“, велат од УЈП.
Системот за регистрирање готовински промет во осумте поголеми синџири на маркети во четвртокот на 06.02.2025 година до полноќ регистрирал вкупен промет во износ од 232.791.773 денари, а издадени се 417.866 фискални сметки.
Во петок, на 07.02.2025 година до полноќ, во системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 181.288.348 денари, а издадени се 346.317 фискални сметки.
Кај овој анализиран период кај осумте поголеми синџири на маркети е забележан пад на вкупниот промет за 22,12%.
Минатиот петок, кога првпат беше организиран бојкот, прометот кај големите синџири на маркети падна за 46,59 отсто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МЕД: Над 44 различни видови водни птици се попишани за време на зимското пребројување во Македонија
Над 35.300 единки од 44 различни видови на водни птици беа попишани за време на зимското пребројување на птици на трите природни езера во Македонија, што под водство на Македонското еколошко друштво кај нас се случува секој јануари од 2010 година наваму како дел од Меѓународниот зимски цензус на водни птици.
„Споредено со податоците од претходните пет години, популациите на птици на Дојранското Езеро, иако мали, се стабилни. На Преспанското Езеро се бележат флуктуации, додека промените на Охридското Езеро се најдинамични. Причините за овие промени ќе се утврдуваат откако ќе се разгледаат сите фактори што би можеле да влијаат на ваквите податоци и во контекст на пребројувањата од другите европски земји“, истакнува Данка Узунова, орнитолог и проектна координаторка во Македонското еколошко друштво (МЕД).
Овдешното зимско пребројување на птици се прави истовремено на целата територија на трите природни езера во сите држави, поради што во него учествуваат и соработници од Националниот парк „Галичица“, Паркот на природата „Езерани“, Друштвото за заштита и зачувување на природната средина од Албанија (PPNEA) и од Друштвото за заштита на Преспа (SPP) и Националниот парк „Езеро Керкини“ од Грција. Освен тоа што ја координира акцијата на македонската страна и ги обработува собраните податоци, МЕД исто така ги советува и насочува волонтерите во броењето на птици.
„Меѓу луѓето кои доаѓаат на терен има научници и професионални истражувачи, но и вљубеници во природата со голема страст за птиците, кои своето слободно време доброволно го поминуваат со нас, на отворено, пред телескоп, со двоглед или фотоапарат в рака. Нивниот придонес е исклучително скапоцен, а за возврат имаат можност да стекнат нови познанства, да си го надградат знаењето и да уживаат во глетките коишто понекогаш се баш несекојдневни“, истакнува Узунова.
Зимското пребројување во земјава е дел од Меѓународниот зимски цензус на водни птици којшто се случува полни 60 години, со што се вбројува меѓу најголемите и најдолго спроведуваните програми за граѓанска наука во светот. Од 1967 година до денес, со зимските пребројувања се посетени над 67.000 влажни живеалишта во 189 земји и територии, почнувајќи од крајбрежните области на Северна Европа до тропските речни устија во Азија и Африка. На овој начин досега се евидентирани речиси 2 милијарди птици и идентификувани се илјадници водни живеалишта од меѓународно значење.
Македонија
Потпорен ѕид се урна во Штип и оштети автомобили кај болницата
Потпорен ѕид на улицата Љубен Иванов во Штип, во близина на клиничката болница, утрово околу 9 часот се сруши и падна врз две паркирани возила, јавуваат локалните медиуми.
Во инцидентот нема повредени лица, а на местото на настанот веднаш излегле надлежните служби.
Според првичните информации, причина за уривањето на ѕидот се неповолните временски услови.
Македонија
Јаневска: Почнуваме нов циклус вложувања во 160 образовни инфраструктурни објекти
Почнуваме нов циклус на вложување во образовни инфраструктурни објекти, кои се еден од основните елементи за подигнување на квалитетот на образованието и за развој на психичкото и физичкото здравје на учениците. Лани вложивме 67 милиони за инфраструктурата. Годинава почнуваме нови 160 инвестиции, од кои 60 се спортски сали.
Ова го изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска по поставувањето на камен-темелникот на новата спортска сала во ОУ „Григор Прличев“ во скопска Железара, каде присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„Она што Владата, Министерството и општините го ветуваат, заеднички работејќи го исполнуваат. Почнуваме со изградба на нови 30 спортски сали и уште 30 се во процес на реновирање“, рече министерката Јаневска.
Вкупната инвестиција во спортската сала во ОУ „Григор Прличев“ изнесува 39 милиони денари, а денес почнува со реализација првата фаза во вкупен износ од 20 милиони денари. Салата ќе ги има сите пропратни содржини со што учениците и младите ќе добијат современи услови за спорт и рекреација.

