Македонија
Помошник-државен секретар на САД му изрази сочувство на Заев за трагедијата во Бугарија

Премиерот Зоран Заев доцна синоќа остварил телефонски разговор со помошник-државниот секретар на САД, Карен Донфрид, која на премиерот во име на САД и американските граѓани му изразила длабоко сочувство до македонските граѓани за загинатите во автобуската несреќа во Бугарија.
„Заев и Донфрид разговараа за евроинтегративниот процес на Северна Македонија, при што беше изразена целосна поддршка од страна на САД за отворање на преговорите со ЕУ во декември оваа година. Соговорниците се согласија дека отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија е надворешнополитички и геостратешки интерес на САД“, се наведува во владиното соопштение.
Во телефонскиот разговор било потврдено и стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и САД, кои сега се партнери и во НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Филипче од Крушево: Илинден е нашиот темел – заедно да ја продолжиме борбата за Македонија

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска од Крушево го честита 2 Август, Денот на Републиката – Илинден.
„Го честитам празникот Илинден од историското и храбро Крушево, од каде што тргна револуцијата, од каде што тргна големата борба, епопејата за слободна, независна држава. Денеска ги славиме и двата Илиндени, и тој од 1903-та и тој од 1944-та и АСНОМ. Мора прво да се присетиме и да оддадеме признание на сите жртви коишто со својата крв, со својата жртва се вградија во темелите на нашата модерна држава. Тие ја започнаа борбата за да од една сиромашна, полуфеудална и неразвиена земја ние сега живееме денеска во модерна и развиена држава“, кажа Филипче.
Тој додава дека „нашата мирновременска борба не е завршена, дека мораме уште многу напорно да работиме, да конечно станеме дел од Европа каде што припаѓаме, и цивилизациски, и културно, и географски“.
„Сите заедно мора да работиме и да ги оставиме настрана и поделбите и квалификациите на патриоти и предавници, затоа што вистински патриотизам е само унапредување на нашата држава“, истакна претседателот на СДСМ.
Македонија
Kостадиновски: Нашето современо илинденско наследство е вистинската посветеност на владеењето на правото и правната држава

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, упати честитка по повод Денот на Републиката, 2 август – Илинден.
„Денес, 122 години од Илинденското востание и 81 година од Првото заседание на АСНОМ, со воодушевеност си припомнуваме за епохалните победи и незаборавените жртви на нашите илинденци, на создателите на нашата Република.
Илинден е вечна инспирација за современа и праведна држава, симбол на визионерство и непокор, но и потсетник за должноста којашто ја имаме кон нашите предци и иднината којашто им ја должиме на нашите деца.
Чекориме во слободна држава, во земја која ги слави и возвишува идеалите на патриотизмот преку слободно и достоинствено живеење.
Чин на највисок патриотизам денес претставува вистинската посветеност на владеењето на правото и градењето на правната држава. Тоа е нашето современо илинденско наследство.
Да продолжиме со истиот жар и стремеж за правда, секој од нас да ја исполни обврската кон илинденците и никогаш да не згасне борбата за просперитетна, прогресивна, но пред сè правна држава!
Нека ни е честит Денот на Републиката!
Честит Илинден!“, стои во честитката на Костадиновски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Илинден е ден на обединување, ден кога сите треба да се поклониме пред минатото и да се заветиме за иднината

ВМРО-ДПМНЕ упати честитка по повод Илинден.
„Илинден е симбол на нашата непокорност, заветот на Крушево и борбата на партизаните за слободна Македонија. Тоа е ден кога се преклопуваат идеалите на сите генерации кои сонуваа за држава своја, слободна и праведна.
Илинден е и Крушевската Републикa, замислена како дом на сите луѓе, без разлика на вера и народност. Илинден е и АСНОМ, темелот на современата македонска држава, каде што повторно се повтори истиот идеал: Слободна Македонија, за македонскиот народ и за сите нејзини граѓани.
Денес, на нас е да ја чуваме слободата, да ја унапредуваме демократијата, да ја развиваме државата. И тоа во услови кога има многу предизвици, негаторски политики и разлилни пропаганди.
Илинден е и ден на обединување.Тоа е ден кога сите треба да се поклониме пред минатото и да се заветиме за иднината.
Нашата мисија е јасна, Македонија мора да победи. Да ја вратиме правдата, да го зачуваме идентитетот, да ја изградиме државата која ќе биде дом на достоинството и просперитетот. Илинден е најголемата вистина која живее, епопејата на народот за слобода и своја држава.
Честит Илинден!
Да живее Македонија!“, стои во честитката на ВМРО-ДПМНЕ.