Македонија
Пописот да се одржи во април 2021, предлага Државниот завод за статистика
Државниот завод за статистика предлага пописот да се пролонгира до април 2021 година, а Законот за пописот да биде донесен пред формирање техничка влада. Од таму велат дека во согласност со меѓународната пракса, активностите за попис и за избори не може да се одвиваат паралелно имајќи предвид дека се закажани предвремени парламентарни избори за април в година.
„Во однос на пописот на населението, домаќинствата и становите, Државниот завод за статистика информира дека во согласност со воспоставената меѓународна пракса и искуство, пописните и изборните активности не може да се одвиваат паралелно. Во таа насока Државниот завод за статистика ќе даде предлог до Министерството за правда, кое е официјален предлагач на Законот за пописот на населението, домаќинствата и становите, периодот на спроведување на пописот да се пролонгира за април 2021 година, а Законот за пописот на населението, домаќинствата и становите да биде донесен пред формирање на техничката влада“, се наведува во соопштението.
Од Државниот завод за статистика велат дека се подготвени за разгледување на можностите за усогласување на сите отворени забелешки поврзани со пописот со сите релевантни фактори во државава.
Првично беше предвидено пописот да се одржи на 1 април 2020 година, но поради вонредните избори, од Заводот неколкупати изјавија дека нема да биде можно да се спроведе во ек на изборна кампања. Пописот е предвидено да чини 8,5 милиони евра и да се спроведе по електронски пат и со теренско попишување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· Во периодот од 09:00 – 10:00 часот дел од корисниците од село Кучково кон Манастир, општина Ѓорче Петров;
· Во периодот од 09:00 – 12:00 часот дел од корисниците на улицата Гаврил Констатиновиќ (околу бр.57), општина Аеродром;
· Во периодот од 09:00 – 10:00 часот корисниците од улицата Алексо Демниевски 17, 11 и други куќи во близина, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, попладне нестабилно со пороен дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 12, а максималната ќе достигне од 17 до 25 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремен локален дожд.
Македонија
Предложен притвор за кичевецот кој утрово со секира си го уби таткото и тешко ја повреди мајка си

Основното јавно обвинителство Кичево поведе истражна постапка против кичевец осомничен за кривични дела убиство и обид за убиство.
„При вршење семејно насилство рано утрово, во дворот на семејната куќа во селото Србјани, осомничениот 47-годишник го лишил од живот својот татко, а се обидел да ја убие и својата мајка. При вербална расправија, со нож и секира најпрво го нападнал таткото, прободувајќи го по телото и удирајќи го со секирата по главата. Потоа и нанел убоди со нож во вратот и на неговата мајка. Од многубројните повреди оштетениот маж починал при укажување прва помош, а жената е пренесена на Ургентниот центар во Скопје во тешка состојба“, извести вечерва Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кичево вечерва достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Осомничениот беше уапсен откога самиот пријавил во Итната медицинска помош дека ги нападнал родителите.