Македонија
(Видео) Поплава во средното уметничко училиште во Скопје
Во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје вчера настанала поплава, откако избил вентилот за парно греење за време на часот по македонски јазик. Вода избивала од главниот вентил, учениците во паника почнале да се качуваат по клупите, а водата набрзо се разлеала по ходниците. Од видеата што ни ги испратија читатели може да се види што се случувало вчера во училиштето кое буквално е пред распаѓање.
Димитар Филиповски, директор на „Лазар Личеноски“, вели дека денеска штетата е санирана, но дека останува фактот дека објектот на училиштето е супстандарден.
„Откако изби вентилот, веднаш се јавив во БЕГ, експресно се реагираше, меѓутоа водата се разлеа по ходниците. Вентилот беше затворен и заменет, а техничкиот персонал ја собра водата. Факт е дека објектот е многу стар и супстандарден и последен пат е саниран пред десетина години. Ѕидовите се во распаѓање, има влага, нешто успеваме да санираме, но тоа не е доволно“, изјави Филиповски за „Макфакс“, откако го добивме на мобилниот телефон, бидејќи телефонот во училиштето беше „времено исклучен“.
Во „Лазар Личеноски“ учат 230 ученици и ова училиште, заедно со фискултурното и со музичкото спаѓаат под Министерството за образование, за разлика од останатите средни училишта кои се под Град Скопје.
Токму годинава „Лазар Личеноски“ одбележува 75 години постоење и на 7 јуни планирана е изложба на учениците и друга културна програма.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска дел од Сарај и високата зона во населба Ѓорче Петров
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради дефект на затварач со пречник од Ф-350 мм на ул. 20 во нас. Сарај, од 07:30 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Лака, Крушопек, Грчец, Шишево, Глумово, Горна и Долна Матка, Арнакија, Љубин и село Сарај, (Општина Сарај) и високата зона, односно повисоките катови од зградите во населба Ѓорче Петров.
Македонија
Дел од Бутел денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 09:30 часот, објектот на ДОГАН ИНВЕСТ ДООЕЛ-СКОПЈЕ, односно објектот на Форд на самата раскрсница булевар Македонско-Косовска Бригада со булевар Босна и Херцеговина. (Општина Бутел)
Македонија
Продолжува периодот на стабилно и релативно топло време за овој период од годината
Сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 11 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на стабилно и релативно топло време за овој период од годината. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намалува.

