Македонија
Попладнево преговори за покачување на платите во образованието и прекин на штрајкот
Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) доби покана за продолжување на преговорите во 15 часот во просториите на Министерство за образование.
Претходно денеска, министерот за образование Јетон Шаќири во телевизиско гостување изјави дека е подготвен да пренаменат дел од буџетските средства на МОН за да се доближат до процентот на покачување на платите што го бара СОНК.
Синдикатот ја поздрави заложбата.
„Ова нека биде добар пример и поттик за Министерството за труд и социјална политика во правец на надминување на моментната ситуација“, порача првиот човек на Синдикатот, Јаким Неделков. Тој деновиве изрази надеж дека надлежните ќе излезат со прифатлив предлог за зголемување на платите по што ќе се донесе одлука за прекин на штрајкот.
Денеска е трет ден од штрајкот на вработените во образованието. СОНК не отстапува платите на вработените во дејностите образование и детска заштита веднаш да бидат зголемени 18,4 отсто во согласност со порастот на минималната плата, која од овој месец е 18.000 денари и, дополнително, таа да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работните места. Министерот за образование и наука Јетон Шаќири истакна дека ставот на Владата и на Министерството за образование е дека зголемување на платите на наставниците треба да има и дека преку преговори треба да се утврди најдобриот начин тоа да се направи. Истовремено, рече Шаќири, од прекинот на работа во чувствителната дејност, како што е образованието, губат сите – и децата, и наставниците и државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Започнува доградбата на ООУ „Јоаким Крчоски“ во Ѓорче Петров, инвестиција од 42 милиони денари
Општина Ѓорче Петров денес официјално го потпиша договорот за доградба на ООУ „Јоаким Крчоски“, со што започнува реализацијата на инвестиција вредна 42 милиони денари.
Проектот опфаќа проширување на училиштето со современ, функционален и енергетски ефикасен простор со површина од околу 600 метри квадратни, целосно прилагоден на потребите на учениците и наставниот кадар.
Со доградбата, училиштето ќе добие осум нови училници на две нивоа, придружени со нови санитарни простории, современ скалишен простор и комуникациски ходници, како и нов влез кој ќе го поврзува проширениот дел со постојниот објект. Преку т.н. „топла врска“ ќе се обезбеди непречено движење и целосна интеграција на новиот дел со училиштето, што значително ќе го подобри функционирањето и ќе обезбеди подобри услови за сите.
Во новиот објект ќе биде инсталиран и модерен систем за греење и ладење со топлинска пумпа, кој ќе овозможи висока енергетска ефикасност и стабилна температура во текот на целата година, создавајќи пријатна и продуктивна средина за учење.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, истакна дека проектот е директна инвестиција во иднината на најмладите.
„За нас, најмладите се највисок приоритет. Со оваа доградба, создаваме подобри услови за работа, поголеми капацитети и современо училиште какво што им доликува на нашите деца – модерно, безбедно и подготвено за иднината“, рече Стојкоски.
Македонија
„Син ми многу сакаше кафе, напијте се”: мајка на загинато дете ги послужи новинарските екипи на паузата од судењето
На првата пуаза од судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, откога многумина бранители побараа одлагање на судењето и нова листа на докази бидејќи обвинителството ги спои постапките за дискотеката „Пулс“ и за агенцијата „Рубикон“, мајка на едно од загинатите деца пред објектот на судницата ги послужи кафе новинарските екипи и семејствата на загинатите.
„Никаде не одиме без кафе, син ми многу пиеше кафе. Ајде напијте се“, рече таа.

Во тек е пауза на судењето. Судијката одобри 15 минути пауза затоа што голем број од обвинетите побараа пауза за тоалет.
Македонија
Муцунски во работна посета на Брисел: во фокусот унапредување на соработката меѓу ЕУ и регионот, со акцент на безбедноста, одбраната, справувањето со хибридните закани
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денеска во Брисел ќе присуствува на неформалната вечера на Советот за надворешни работи на Европската унија, по покана на високата претставничка на ЕУ, Каја Калас. Настанот ги обединува министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ и на земјите од Западен Балкан.
На состанокот е предвидено да се разговара за унапредување на соработката меѓу Европската унија и регионот, со акцент на безбедноста, одбраната, справувањето со хибридните закани и зајакнувањето на демократската отпорност.
Во рамки на посетата на Брисел, министерот Муцунски ќе има и одвоени средби со европската комесарка за проширување, Марта Кос, како и со Глен Микалиф, европски комесар за меѓугенерациска правичност, млади, култура и спорт

