Македонија
Попладне нестабилно време со пороен дожд и грмежи
Метеоролозите најавија нестабилно време со пороен дожд и грмежи за попладнево.
Локално процесите ќе бидат и во форма на невреме, со интензивен пороен дожд, силен ветер и услови за појава на град, Врнежите ќе продолжат и преку ноќта и ќе бидат пообилни во западните делови. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 25 до 33 степени, јавува УХМР.
Во Скопје променливо облачно, попладне и во вечерните часови нестабилно со пороен дожд и грмежи, во делови од котлината со услови за појава на невреме. Врнежите ќе продолжат и преку ноќта. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 31 степен.
Повремено пороен дожд и грмежи ќе има преку ноќта кон понеделник и во понеделник. Повеќе врнежи денес и утре ќе има во западните делови каде локално се очекува да наврнат над 30 литри на метар квадратен.
Од вторник времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и со услови за слаб локален дожд. Дневната температура во однос на денешната ќе биде пониска претежно за 6 до 8 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски не знаел за инцидентот со Аца Лукас, но најави строга контрола на естрадата: Јасни се законите и правилата, секој мора да ги почитува
Премиерот Христијан Мицкоски од кого викендов на социјалните мрежи се бара извинување по приведувањето на српскиот пејач Аца Лукас во Кавадарци по утврдени низа неправилности околу настапот, вели дека во моментот на случувањата тој воопшто не знаел дека такво нешто се случува. Вели дека законите се јасни и најави дека многу строго и внимателно ќе го следи однесувањето на ваквиот тип естрадни уметници и нивните менаџери.
„Јас и не знаев дека тоа се случило, да бидам искрен. Ми се јавија луѓето од Кабинетот да ме информираат, пред неколку дена мислам тоа беше. Претпоставувам дека некој таму сака да создаде естрада која таму е присутна, да ја пренесе овде. Мислам дека не треба многу внимание да му се посветува на ова. Јасни се законите, јасни се правилата, секој мора да ги почитува и многу строго и внимателно ќе ги следиме однесувањата на ваков тип на естрадни уметници и нивни менаџери“, кажа премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања на отворањето на Ресурсниот центар за поддршка на развојот на општините,
Српскиот пејач Аца Лукас беше приведен во петокот вечерта во заедничка акција на неколку институции кои открија низа неправилности и пропусти околу организацијата и реализацијата на настанот. МВР соопшти дека Лукас настапувал без потреба дозвола за работа, се работело без издавање фискални сметки, не се почитувал законот за забрана на пушење, а констатирано беше и дека во локалот има многу повеќе гости отколку што е дозволено.
Менаџетот на Лукас и многумина негови истомисленици обвинија дека државниот врв е вмешан во приведувањето и побара премиерот и актуелната Влада да се извинат.
Македонија
СДС со истите лаги, Македонија не е изолирана, туку ослободена од нивниот хаос, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Изминатите седум дена, додека во СДС беа изгаснати светлата, веројатно беа нивните најпродуктивни денови, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Тишината им одговара многу подобро од ова денешно повторување на истите несериозни конструкции.
Парадоксално е како СДС успева да се самодискредитира секогаш кога ќе се појави. Наместо да понудат барем еден нов аргумент, повторуваат шаблони кои одамна не поминуваат кај никого. Кога нема што да понудиш, единствено што останува е да измислуваш“.
Ако продолжат вака, додаваат од владејачката партија, нивните најдобри денови, како што велат, навистина ќе останат оние кога светлата во Бихаќка се исклучени.
Македонија
СДСМ: Пропустите на концертот на Аца Лукас покажуваат дека МВР повторно затаи, Тошковски да не бега од одговорност
Пред нас е уште еден скандал кој покажува дека и после Кочани имаме целосно нефункционален систем, неспособност и потфрлање на институциите, пред се на полицијата на Тошковски обвинија од СДСМ.
„Во локал со дозволен максимум од 200 лица, имало над 700 луѓе или три и пол пати над дозволеното и спротивно на безбедносните протоколи. Опасност која можела да заврши трагично. И полицијата на Тошковски и општината на Јанчев знаеле за настанот кој бил пријавен и не презеле навреме мерки. Дозволиле настанот да започне, да се наполни до опасност, а дури потоа, среде ноќ, во 00:10 часот, да биде прекинат“, велат од СДСМ.
Од опозицијата велат дека наместо да бега, Тошковски треба да одговори на клучните прашања зошто воопшто е дозволено настанот да започне со поголем број на луѓе, зошто МВР дозволило настанот со часови да се одвива со преполн капацитет, па дури по полноќ да го прекине и дали МВР ништо не научи од трагедијата во Кочани?
„Фактите се јасни: настанот бил во преполн објект, ризичен за безбедноста и со часови никој не направил ништо. Тоа е класичен рецепт за нова трагедија. Тоа е рецепт за ново „Кочани“. Бараме итна истрага и на МВР и на општината. Бараме санкции за сите кои дозволиле да се загрозат животите на стотици граѓани: од МВР кои не реагирале па се до организаторите. Тошковски да не бега туку да преземе одговорност“, велат од СДСМ.

