Македонија
Поповски: Трендот на ширење „шокантни“ вести е најголем поткопувач на демократијата
Состојбата на медиумите во Западен Балкан, за жал, и покрај сите укажувања, според индексот на „Репортери без граници„, може да се опише накратко како „загрижувачка или сериозно загрижувачка“, дека трендот на ширење „шокантни“ вести – дезинформации, како на национално така и на регионално ниво, е најголем поткопувач на демократските, реформските и на евро-атлантските аспирации на регионот, рече министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, на РОС-РОТ семинарот, во Собранието на Република Македонија.
Исто така, потенцираше и дека активната соработка на медиумите од регионот во насока на запознавање со состојбите во соседните држави е најголем непријател на лажните вести.
„Лажните вести не се само фраза, туку сурова реалност. Тоа е ефект што го гледаме секојдневно по медиумскиот простор, со екстремен пик на дигиталниот простор. Таму информациите се пласираат, се појавуваат и исчезнуваат фреквентно, најчесто без трага, без можност за проверка на фактите и без исклучок со наслови специфично осмислени да бидат мамка за кликови. Најчесто наменети за да дискредитираат личности, заедници, општества“, рече Поповски.
Како пример го спомена случајот со новинарката Џенет Кук од прочуениот „Вашингтон пост“, која во раните 80-ти толку успешно ја пласирала својата сторија за 9-годишно дете зависник од хероин кое живее под мост со родители исто така зависници, за што доби дури и Пулицерова награда за трудот. Но, детето никогаш не беше најдено, наградата беше повлечена, дамката на весникот остана.
Видовме, рече тој, не само деновиве туку и низ годините наназад, колку штетна може да биде пропагандата, дека тие лажни зборови честопати поттикнуваат вистинско и брутално насилство и агресивно однесување.
„Затоа, како Влада, повеќепати повикавме на конструктивна атмосфера и отворена дебата со граѓаните, без страв, заплашување и притисоци да градат сопствени ставови за секое отворено прашање“, рече Поповски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во вториот круг 19.287 неважечки ливчиња, само во Скопје над 10.000
Во вториот круг од локалните избори што се одржа вчера во 33 општини, се евидентирани вкупно 19.287 неважечки гласачки ливчиња или околу 5,6 отсто од сите употребени ливчиња.
Само во Град Скопје се евидентирани 10.528 неважечки ливчиња. За градоначалник на главниот град гласале 167.575 гласачи,. Вкупен број на важечки гласачки ливчиња е 157.047.
Излезноста во Скопје во вториот круг изнесуваше 35,33 проценти, а на ниво на сите општини во кои имаше втор круг таа беше 47,16 проценти.
Македонија
Временска најава: Од попладне дожд, грмежи и северен ветер
Под влијание на влажна воздушна маса денес попладне, во текот на ноќта и утре ќе има повремени локални врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат пообилни (над 15л/м2) и ќе има услови за појава на ретки грмежи, информира УХМР.
Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер (над 60км/ч.), а дневната температура утре ќе опадне за неколку степени.
Во среда и четврток ќе преовладува претежно стабилно време, а нови локални врнежи од дожд повторно се очекуваат во петок и во деновите од викендот.
Во Скопје, кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Во текот на ноќта и утре ќе дува засилен северен ветер.
Македонија
Утре без вода делови од Центар
Дел од корисниците на општина Центар утре ќе останат без вода.
„Поради промена на шибер во шахта на ул.Тасино Чешмиче бб (Градинка Кочо Рацин), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул.Тасино Чешмиче од 09:00 часот до завршување (општина Центар) и поради уличен дефект ф 200 мм на Бул.Партизански Одреди спроти Соборен Храм (Паркинг ЈАТ), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од ул.Максим Горки до Бул.Партизански Одреди и дел од Бул.Партизански Одреди од 09:00 часот до завршување“, соопшти Центарот за управување со кризи.

