Македонија
Поради густа магла, намалена видливост во Тетово и на патот Неготино – Демир Капија
Сообраќајот на патиштата низ земјава се одвива по влажни коловози.Поради појава на густа магла, има намалена видливост до 30 метри во Тетово, видливост од 50 до 100 метри има на патниот правец Неготино – Демир Капија, исто така во Скопје, Куманово и Сарамзалино.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15 ноември стапи на сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на временската состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 март 2019 година.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што се бележи појава на утринска магла, а исто така зголемена е и можноста од појава на одрони. На осојничавите места коловозите се наместа влажни, па поради ниските температури карактеристични за вечерните и утринските часови постои можност и од појава на голомразица.
Патниот правец Р2332 Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица (врска со Р1307 Царина – врска со А3 и Р1301 – Трпејца), од 15.11.2018 до 01.04.2019 е затворен за сообраќај за сите видови возила.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Костадинов тврди дека јавната набавка на електрични автобуси е според закон
Поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, ги отфрла обвинувањата за злоупотреба на јавната набавка на електрични автобуси во вредност од околу 430 милиони денари.
„Ги отфрлам во целост наводите за сомнение за сторено кривично дело во врска со јавната набавка на електричните автобуси во Струмица. Проектот од стратешко значење за општина Струмица од кој, денес во пракса сите жители на општината имаат јасни економски, еколошки и сообраќајни бенефити, процедурално е инициран од Општината, изгласан на Советот на Општина Струмица, со јасни насоки за формирање Јавно Сообраќајно Претпријатие, спроведување на јавна набавка за автобуси и имплементација на проектот“, објави тој на „Фејсбук“.
Тој изрази уверување дека овие чекори се спроведени според важечките закони.
„Верувам дека сите овие чекори се спроведени според важечките закони. Истовремено, сакам да потенцирам дека лично јас, а се надевам и сите наведени лица за кои што постои сомневање дека сториле кривично дело, стоиме на располагање на сите надлежни органи и институции со цел да им биде елаборирано и појаснето на каков начин е спроведен овој проект кој денес беспрекорно функционира во пракса. Политички коментар не би сакал да давам“, напиша Костадинов.
Полицијата поднесе кривична пријава против Костадинов, и уште пет лица за злоупотреба на постапка за јавна набавка за електрични автобуси. Од МВР информираат дека биле набавени 10 електрични автобуси за износ од 429.933.595 денари со што е причинета материјална штета од поголеми размери.
Македонија
Фирмата за подготовка на храната во „Димо Хаџи Димов” казнета со 900 евра, во уште едно училиште откриена „ешерихија коли“ во намаз
Операторот за подготовка на храната во основото училиште во Влае, „Димо Хаџи Димов” е казнета со 900 евра откако беа пронајдени бактерии во мусаката, а во уште едно училиште во Општина Карпош се откриени бактерии во намаз.
Инспектори за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), по наредените мерки за генерално чистење и дезинфекција на објектот, опремата и машините во кујната во ОУ „Димо Хаџи Димов”, денес, повторно земаа брисеви од работните површини во кујната, со цел утврдување на најзината безбедност. На вонредни здравствени санитарни прегледи упатени се и вработените во кујната, која ќе остане затворена се до добивање на лабораториските наоди со кои ќе се потврди безбедноста.
АХВ информира дека ги добиле резултатите од лабораториските тестирања на земените мостри храна и брисеви, од работни површини, прибор, машини и од вработените лица во кујната во ОУ „Димо Хаџи Димов” и од вонредните инспекциски контроли кои беа спроведени во кујните на 9 основни училишта во Општина Карпош со кои стопанисува истиот оператор со храна.
„Со 600 евра во денарска противвредност и 300 евра за одговорното лице, казнет е операторот со храна бидејќи со земените мостри храна од ОУ ‘Димо Хаџи Димов’ било потврдено дека послужената мусака, не ги задоволува микробиолошките критрериуми за безбедност, односно утврдено е присуство на бактерија (Enterobacteriaceae)“, соопшти АХВ.
Од земените мостри храна и брисеви во рамки на превентивните вонредни контроли во деветте основни училишта, кај една мостра од храна (намаз) утврдено е присуство на бактерија ешерихија коли, за што е наредено намазот да се исфрли од употреба. Два од тестираните брисеви биле позитивни, но, кај нив не е утврдено присуство на патогени бактерии.
На операторот со храна за утврдените недоследности со превентивните вонредни контроли, изречени му се две парични казни по 900 евра во денарска противвредност ( 600 евра за операторот и 300 евра за одговорното лице), а за непоседување на сертификат за завршен курс по хигиена за едно лице и немање соодветни технички услови за работа ( немање на топла вода) во две училишни кујни изречена е и вкупна казна од 650 евра во денарска противвредност.
Македонија
Кривични пријави во Гостивар за бесправна градба и фалсификување исправа
Полицијата во Гостивар поднесе кривична пријава против А.А. (42) од овој град поради постоење основи на сомнение за кривичното дело „бесправно градење“.
Пријави се поднесени и против фирма од Гостивар за „фалсификување исправа“, како и против Б.И. (33), сопственик и одговорно лице на правното лице, поради сомнение за „фалсификување исправа“ и „несовесно работење во службата“.
Според МВР, првопријавениот во периодот од 2022 година до 10 февруари 2024 година, како инвеститор, изградил индивидуален станбен објект спротивно на издаденото одобрение за градење.
Во пријавата се наведува дека Б.И. изготвил фиктивен завршен извештај за извршен технички прием, во кој внел невистинити податоци.

