Македонија
Поради магла, намалена видливоста на Попова Шапка

Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по претежно влажни коловози, наместа со остатоци од кашест снег на коловозот, информираат од Авто мото-сојузот на Македонија и додаваат дека поради ниските температури, можна е и појава на голомразица.
Поради појава на магла, видливоста на Попова Шапка е намалена до 100 метри, посочуваат од АМСМ и додаваат дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што се бележи појава на утринска магла, а исто така зголемена е и можноста од појава на одрони. На осојничавите места коловозите се влажни, па поради ниските температури, карактеристични за вечерните и утринските часови, постои можност и од појава на голомразица.
На патниот правец Струга-Ќафасан до село Франгово, поради оштетување на коловозот, брзината на движење и натаму е ограничена на 40 километри на час.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Салата Работнички ќе биде готова до октомври, Герасимовски вели дека лично тој, редовно прави увид

Салата „Работнички“ чија реконструкција по 50 години почна во јануари годинава, ќе биде готова до октомври. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски денес извести дека редовно оди во контрола на градилиштето.
„Во полн ек е работата на салата Работнички. Добро одат градежните работи. Имаме редовни увиди од страна на службите, но и од моја страна за да видиме како течат самите работи. Планираме септември-октомври, доколку се оди во најдобар ред, доколку навремено се исплаќаат сите оние ситуации кои што се доставуваат од фирмите кои што работат на салата, верувам дека до октомври месец истата ќе биде отворена“, вели градоначалникот Герасимовски.
Спортската сала „Работнички“ се реконструира со пари од државниот буџет. Во декември 2023 година Владата изгласа 30 милиони денари да бидат префрлени на Општина Центар за оваа намена, а оваа година Општината од Владата доби дополнителни 1,5 милион евра.
Проектот предвидува нов покрив, фасада, проширен терен, нова еластична подлога, подно греење, климатизација, модерно осветлување и на местото на бетонските клупи да бидат поставени 891 седиште.
Македонија
Арсовска до Стојкоски: Дали ги праша жителите на Ѓорче Петров дали сакаат хемиски фабрики и над 30 висококатници?

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, го обвини градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, дека молчи за дивоградби и висококатници кои одобрил да се градат на булевар на небезбедна одалеченост. Таа го повика Стојкоски да организира референдум за ѓорчепетровци да кажат дали сакаат своите деца и домови да им се наоѓаат меѓу хемиски фабрики.
„Стојкоски, освен твоите другарчиња од штаб, сите останати знаат да читаат, тоа ти е сега најголемиот проблем.
Дали ти ги праша жителите на Ѓорче Петров дали тие сакаат хемиски фабрики на 157.000 m2 и над 30 висококатници да се градат сред општината? НЕ! И покрај тоа што како град Скопје дадовме негативно мислење за овој ДУП, ти упорно сакаш да убедиш некој дека хемиски фабрики е супер да се градат во Ѓорче, а ги молчиш дивоградбите таму и висококатниците кои си дал амин да се градат на булевар на небезбедна одалеченост. Никому јас не стварам никаква несигурност, освен на тебе и твоите пајташи!
Ајде сега читај и гледај фото:
1: Како изгледаше ДУПот во Ѓорче Петров 2: Како изгледа ДУПот што си го изгласал за кој имаш негативно мислење од Град Скопје
3: Како изгледа сега таа локација сред Ѓорче
4: Во твојот ДУП објект Хемиска фабрика 1
5: Во твојот ДУП објект Хемиска фабрика 2
6: Во твојот ДУП објект Хемиска фабрика 3
7: Стојкоски кога лаже 1
8: Стојкоски кога лаже 2
Целиот ДУП е достапен на твојата веб страна за ова да си го видат граѓаните: https://opstinagpetrov.gov.mk/wp-content/uploads/urbanizam/vazecki_urbanisticki_planovi/dup_gradska_cetvrt_sz_16_17_02_2024/sintezen_sz_16_gp.pdf
Бидејќи многу сакате референдуми Стојкоски, направи сега еден да ти кажат ѓорчепетровци лично дали сакаат своите деца и домови да им се наоѓаат меѓу хемиски фабрики!“, напиша Арсовска на „Фејсбук“.
Македонија
Стојанче Ангелов ќе зема повисока плата: Владата одобрила покачување

По измената на коефициентот за пресметка на плата, одлука објавена во Службен весник, се зголемува и платата на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов. Синдикалните претставници коментирајќи ја ваквата одлука реагираат дека секој заслужува зголемување на плата но работниците заслужуваат повеќе од функционерите.
„Верувале или не, платите растат, само не на работниците“, реагира претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.
Според него, ако зголемувањето на платите на работниците кое им следува и кое изнесува 12,6% согласно Општиот колективен договор за јавниот сектор, како и потребата од зголемување на минималната плата на 500 евра и за 100 евра зголемување на останатите плати ќе ја зголеми инфлацијата, тогаш зголемување од 13,8% на платата на функционер веројатно исто така влијае на инфлацијата, но изгледа ја намалува ( друго образложение нема), пишува Трендафилов.
Во денешниот Службен весник, појаснува Трендафилов, објавена е Одлука со која платата на функционер избран од Владата е зголемена за 13,8% односно коефициентот од 2,24 се зголемува на 2,55, или точно онолку колку што има предвидено средства во буџетот за раст на платите оваа година.
„Ако се има во предвид дека основица за пресметка на плата на избрани и именувани е просечната плата за претходната година, тогаш моите скромни познавања од математика велат дека :
41.239 ден. x 2,24 = 92.375 ден.
41.239 ден. х 2,55 = 105.159 ден.
Разлика од 12.784 денари зголемување на плата од 1 јуни 2025 година, или раст од 13,8% !
Секој заслужува зголемување на платата, но работниците заслужуваат повеќе од функционерите, а ако нема за зголемување на платите на работниците, како има за зголемување на платите на функционерите“, прашува Трендафилов.