Македонија
Поради нерегуларности, привремено запира со работа приватниот Факултет за бизнис економија во Скопје , одлучи МОН
Поради констатирани нерегуларности во работењето и непостапување по задолжение за отстранување на истите, Министерството за образование и наука информира дека е донесена одлука за привремено запирање на работата на приватната висока стручна школа – Факултет за бизнис економија во Скопје.
Нерегуларностите се констатирани од страна на посебна комисија во рамки на МОН за вршење надзор над законитоста во работењето, а одлуката за времено запирање на работата на оваа приватна високообразовна установа е донесена и врз основа на мислење од страна на Одборот за акредитација на високото образование.
На Факултетот за бизнис економија, појаснуваат од МОН, нема запишани нови студенти во академската 2025-2026 година. Кон веќе запишаните студенти, високообразовната установа ќе ги исполни обврските предвидени во Законот за високо образование со цел овозможување непречена понатамошна едукација, односно префрлање на други факултети.
„Почитувањето на законските прописи мора да биде основен принцип во работењето на сите образовни установи. Тоа е единствениот начин да се обезбеди одржлив квалитет кон корисниците на образовните услуги.
Во изминатите 15 месеци затворени се и 14 приватни научни институти, од кои дел поради неактивност, а дел поради неисполнување на условите за работа. МОН и во иднина неселективно ќе продолжи да ја контролира работата на образовните и научните установи и да презема соодветни мерки онаму каде ќе бидат констатирани отстапувања од правните норми“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска: Македонија доби 8,2 милиони евра од ЕУ за спроведување на ЕРАЗМУС програмата во 2026 година
За спроведување на ЕРАЗМУС + програмата на Европската комисија наменета за образование, обука, млади и спорт, Македонија годинава доби најголем буџет откако во истата учествува како програмска земја. Со речиси 8,2 милиони евра ќе се финансираат заеднички проекти на македонските образовни установи, институции и граѓански организации со партнери од земјите во ЕУ, како и кратки истражувачки и студиски посети.
Можностите за вмрежување, приоритетните области, постапката за изработка и роковите за аплицирање со проекти денес беа претставени на конференција на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во присуство на ректори на јавните и приватните високообразовни установи во државава, претставници на училишта, граѓански здруженија и други потенцијални корисници на средства во рамки на ЕРАЗМУС програмата, се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов.
На конференцијата беше посочено дека во фокусот на програмата се младите, односно јакнење на нивното знаење и вештини во границите на ЕУ, со кои потоа ќе придонесат за развој на сопствената држава.
Министерката Јаневска смета дека и оваа година ќе има ефикасна искористеност на можностите, затоа што државата има зајакната законска основа во која задолжителни компоненти се мобилноста, европската димензија и меѓународната соработка, зајакнати се и капацитетите на Националната агенција каде има ново раководство и добра внатрешна структура, а воедно и МОН како национален авторитет ги засилува механизмите за контрола на целиот процес за спроведување на програмата ЕРАЗМУС.
Таа ги повика заинтересираните кандидати да ги разгледаат можностите и со свои проекти да аплицираат на повиците за распределба на средства, што Националната агенција ќе ги објави на 19 февруари, односно на 5 март.
Македонија е дел од ЕРАЗМУС програмата уште од нејзиното воведување од страна на Европската комисија во 2014 година, кога буџетот изнесуваше 3,5 милиони евра.
Македонија
Хоџа-Дрекслер: Поддршката на Германија за енергетската транзиција и Зелената агенда на Балканот е клучен столб за модерен, декарбонизиран и отпорен енергетски систем
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска на работна средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер, изрази искрена благодарност за континуираната и силна поддршка на Германија во спроведувањето на Зелената агенда на Западен Балкан.
Хоџа истакна дека, во време на сериозни глобални предизвици, особено енергетската криза и климатските промени, оваа поддршка е клучен столб за заштита на ранливите категории на население, стабилизација на енергетскиот сектор и забрзување на транзицијата кон модерен, декарбонизиран и отпорен енергетски систем, во корист на граѓаните на Западен Балкан и Европа.
Тој истакна дека ги поздравува напорите на Германија за поддржување на енергетската транзиција во регионот, преку тесна соработка со Европската комисија и европските финансиски институции, со цел зајакнување на инвестициите во чиста и одржлива енергија.
Македонија
Љутков: Руралниот туризам приоритет на Министерството за култура и туризам
Во пресрет на Саемот за рурален туризам, кој ќе се одржи на 31 јануари и 1 февруари во Центарот „Јавна соба“ во Скопје, министерот за култура и туризам Зоран Љутков се обрати на денешната прес-конференција што се одржа по тој повод.
Во своето обраќање, министерот истакна дека руралниот туризам ќе биде еден од стратегиските приоритети на Министерството, при што вакви настани ќе бидат сè почести во текот на 2026 година, а уште поинтензивни во 2027 и 2028 година.
„Преку проектот Е-75, активно работиме на развој на транзитниот туризам. Нашата цел е просечниот престој на туристите долж оваа траса, кој во 2026 година изнесува околу 24 часа, до 2028 година да достигне најмалку 72 часа“, изјави Љутков.
За 2026 година, Министерството за култура и туризам предвидува 36 милиони денари за програмски активности, како и дополнителни 150 милиони денари за субвенции во туризмот. Како што нагласи министерот, овие средства ќе се зголемуваат секоја година, имајќи предвид дека секој вложен денар во туризмот носи четирикратен економски поврат.
Љутков посочи дека руралните домаќинства и малите производители претставуваат клучен двигател на локалниот економски развој и дека токму во нив ќе се инвестира континуирано и стратешки, особено по спојувањето на ресорите култура и туризам.
На Саемот, претстојниов викенд, ќе учествуваат околу 50 излагачи од целата земја, а се реализира во организација на Министерството за култура и туризам, во партнерство со Амбасадата на Словенија, Швајцарската амбасада преку програмата ИМЕ, Земјоделскиот институт и Центарот „Јавна соба“.
Министерот Љутков упати благодарност до сите партнери и информираше дека на Саемот ќе присуствуваат и туристички агенции за дојдовен туризам, со цел остварување директни средби и можност за склучување договори со руралните домаќинства. За посетителите ќе бидат обезбедени и ваучери за попуст за да се поттикне поголема посетеност од домашната публика.
„Ги поканувам граѓаните да дојдат, да ги запознаат автентичните вредности на Македонија, да вкусат локални деликатеси и да ги доживеат руралните убавини на Македонија“, порача министерот Љутков на крајот од денешната прес-конференција.

