Македонија
Поради несовесно работење на судија, осуденик почнал да издржува затворска казна со задоцнување од една година
Основното јавно обвинителство Велес поднесе обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – Несовесно работење во службата.
Обвинетиот, во текот на 2024 година, додека извршувал функција судија за извршување санкции во Основниот суд во Кавадарци со умисла несовесно постапувал во предмет за извршување затворска казна за еден осуден.
Затворската казна од 3 години и 8 месеци била изречена со правосилна пресуда на Основниот суд во Гевгелија. Меѓутоа, обвинетиот судија, иако примил известување за пресудата на 05.04.2024 година, првиот пат упатниот акт го изготвил со задоцнување и осудениот го упатил на издржување на затворската казна во КПУ Гевгелија, наместо во КПУ Идризово – Скопје согласно висината на изречената казна.
Потоа, откако гевгелискиот затвор известил дека казната не може да се издржува во таа установа, судијата за секоја одлука што ја носел во предметот ги пробивал законските рокови, се до 04.06.2024 година кога добил известување дека осуденикот не се јавил на издржување на затворската казна во Идризово.
Иако согласно закон бил должен во таква ситуација во рок од 24 часа да издаде наредба до МВР за приведување на осуденото лице, обвинетиот судија тоа го направил дури на 07.06.2024 година.
По распишана централна потетница, осуденото лице било пронајдено и лишено од слобода, и започнало да ја издржува затворската казна речиси една година подоцна, на 11.03.2025 година наместо во април 2024 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

