Македонија
Поради обилни врнежи од снег, забрана за тешки товарни возила на патот Тетово-Попова Шапка А2 и обратно
Денеска од 15.00 часот на патен правец Тетово-Попова Шапка А2 и обратно, поради обилни врнежи од снег е воведена забрана за движење на тешки товарни моторни возила, соопшти АМСМ.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Власта незаконски избра членови на ААВМУ – Верзиволи и Селмани не исполнуваат услови, велат од партијата Левица
„Нетранспарентно, политички наместено и со избор на кандидати кои не ги исполнуваат законските услови – на ваков начин коалицијата ДПМНЕ – ЗНАМ ги именуваше новите членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“, велат од партијата Левица.
„Противзаконско е именувањето за членовите на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Афрона Верзиволи и Нафије Селмани, кои се политички истакнати личности преку политички партии од албанскиот блик.
Спротивно на Законот за ААВМУ според кој ,,за членови на Советот не можат да се именуваат лица кои биле дел од органите на партијата во последните 10 години, сметајќи го денот на објавувањето на конкурсот“, Верзиволи е политички ангажирано лице во Алијанса за Албанците, чие име се поврзува со скандалот дека Верзиволи нема лиценца да биде директор во Ревизијата на ИПА фондовите, при што самиот Таравари ја спомна како член на Алијанса. Верзиволи е партиски кадар, бидејќи и нејзиниот сопруг, според медиумските извештаи, е на чело на партиски огранок на Алијанса за Албанците.
Исто така, именувањето на Верзиволи како член на Советот на ААВМУ е спротивно на законскиот услов за осумгодишно искуство во струката, бидејќи Верзиволи има помалку од пет години такво искуство.
Сличен е случајот и со именувањето на Нафије Селмани, која беше член на претседателството на Алтернатива до 2021 година, кога поднесе оставка во знак на незадоволство, бидејќи Алтернатива како дел од Владата на СДСМ-ДУИ немаше најдено место за жените во извршната власт. Потоа, на локалните избори беше кандидат за општински советник во Чаир – функција што ја извршува и денес. Оттука и прекршувањето на член 5, став 3 од Законот за ААВМУ.
Во врска со именувањето на новите членови, Левица ги отфрла изнесените невистини од страна на Илире Даути од Алијанса на Албанците, која во ваквото незаконско именување на членови на Советот на ААВМУ, ја инволвира и Левица во својата изјава за ,,претходно наместена игра од страна на политичките партии” и наводна ,,координација на ВМРО-ДПМНЕ со ЗНАМ, можеби, и со СДСМ и од друга страна со Левица, можеби и со ВЛЕН”.
Левица се залага за транспарентен избор на членови на овој совет; се бори против лажираните податоци на кандидатите и против незаконското назначување на истите. Апелираме – власта да ги надмине своите политички апетити и да именува квалитетни, крајно професионални и непартиски кадри во Советот на ААВМУ!“, соопштуваат од партијата Левица.
Македонија
Муцунски на Европската конференција на Универзитетот Харвард
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, ќе учествува на 11-та Европска конференција на Универзитетот Харвард, со наслов „Лидер или сонувач? Улогата на Европа во фрагментираниот светски поредок“, што се одржува денес и утре во Бостон, САД.
Во рамки на учеството, тој ќе се обрати на панел-дискусијата „Улогата на Европа во глобалната дипломатија – поврзување на Балканот и пошироко“, каде ќе говори за значењето на европската перспектива на регионот, како и за можностите за зајакнување на дипломатската соработка во меѓународниот контекст.
Европската конференција на Харвард е еден од најзначајните настани за трансатлантскиот дијалог и за Европа во САД. Основната цел на конференцијата е зајакнување на трансатлантските односи преку обединување на водечки научници, креатори на политики, лидери и студенти од двете страни на Атлантикот. Настанот претставува уникатна можност за носителите на одлуки и академиците, заедно со идните лидери, да разменат идеи и да идентификуваат нови насоки за соработка и дејствување.
Македонија
Студентскиот отпор: Оваа неправда нема да остане без одговор, сите студенти денеска за Фросина
Студентскиот отпор изразува длабоко сочувство до семејството на Фросина Кулакова.
„Оваа загуба е резултат на системски недостатоци, кои ја загрозуваат безбедноста на сите нас.
Долгогодишната неказнивост, институционалната негрижа и структурното насилство не само што ни ги одземаат можностите во образованието туку резултираат и со трагедии што не може да се преболат. Оваа неправда нема да остане без одговор!“, соопштуваат од Студентскиот отпор.
Од таму ги повикуваат сите студенти денеска во 13 часот пред „Силбо“.
„Затоа што вака се чувствуваме небезбедни. За нашата колешка Фросина. За сите нас“, додаваат од Студентскиот отпор.