Македонија
Поради реконструкција, привремен сообраќаен режим на улицата Панде Кајзерот
Од утре започнува реализацијата на проектот за реконструкција на канализациона мрежа и реконструкција на коловоз на “улицата „Панде Кајзерот, во должина од 390 метри.
За време на градежните активности сообраќајот на оваа улица ќе се одвива согласно одобрен основен сообраќаен проект за времена измена на режим на сообраќај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николовски: Не се исплатени субвенциите за овци, ниту за млекото, владата ги остави земјоделците на цедило
Пратеникот на СДСМ, Љупчо Николовски, на Комисијата за финансирање и буџет, упати остри критики кон Владата поради целосно занемарување на земјоделците и неприменување на обврските кои државата ги има кон нив. Особено по предложениот амандман на СДСМ за финансиска поддршка на земјоделците, кој беше одбиен.
Николовски потенцираше дека состојбата во земјоделието е катастрофално лоша, не се исплатени субвенциите, скратени се парите, преполовени се програмите а згора на се се случи и најголемиот корупциски скандал.
„Требаше да одговорите: зошто осум месеци чекаат одгледувачите на овци за исплата на субвенции? Зошто млекото не е исплатено повеќе од две години? Зошто сте ветиле 180 милиони евра, а сега ги излажавте граѓаните, ги кратите субвенциите, и тие ќе бидат под 100 милиони? Зошто и со ребаланс и денеска предлагате многу помали субвенции и преполовена програма за рурален развој? Зошто откупните цени се такви какви што се? Зошто земјоделството не ни е приоритет. Со месеци не се исплаќаат субвенции, исплатата за 2025 не е ни започната, а со предложениот буџет се кратат субвенциите и за 2026 година, што значи дека се крати на сè во земјоделството и дека во 2026 ќе имаме катастрофа во поддршката на земјоделците “, рече Николовски.
Скратена е и програмата за свежо овошје и зеленчук за градинките и училиштата, како и интервенциониот фонд.
Тој потенцираше дека Владата не ја разбира реалноста и избегнува суштинските прашања:
„Ништо не кажавте за ребалансот, кога ги скративте 500 милиони, и денеска овчарите ги чекаат 8 месеци субвенциите. Денеска градинарите селективно се исплаќаат, денеска програмите сите коишто ги донесовте каснат, зелената нафта каснеше. Јас зборувам за таа реалност, ја зборувам затоа што е предмет на дебата. Денеска имаме амандман којшто е конкретен. Меѓутоа, бидејќи не ја разбирате темата, бидејќи не ги знаете фактите, бегате од реалноста, криејќи го најголемиот корупциски скандал којшто ви се случи.“, потенцираше Николовски.
Фрустрирани од тоа што немаат успех и резултати, денес се насочија против над 4.000 мали производители на традиционални македонски производи и против оние што добија грантови од 10.000 евра, додека истовремено донесоа мерка со која големите компании ќе добиваат и по 1 милион евра субвенции, додаде Николовски.
Тој откри и можен нов скандал, се подготвува мерка за винарниците кои за неколку дена откупиле вранец за 10 денари по килограм, а повторно нема ниту еден денар за лозарите, што претставува сериозен корупциски ризик.
-Информациите покажуваат дека на Платежната агенција ѝ се потребни 20 милиони евра за да ја заврши 2024 година, а тие пари ги нема. ЕУ јасно порача дека министерството ги напуштило реформите во шумарството и во извештајот по прв пат бара антикорупциски мерки во ИПАРД 3, рече Николовски
Тој истакна дека во отсуство на резултати од Владата, политичарите треба да понудат решенија и да зборуваат за иднината.
„Во отсуство на такви резултати, во отсуство на она што треба да го испорачате, и фрустрации денеска го слушаме ова. Денеска државата не знае кај оди, денеска не знаете да зборувате за предметниот амандман, и денеска тоа што сте си го напишале, тоа ќе си го верглате. Меѓутоа, времето одбројува, и папките и документите и свиркачите за она што се случувало секако денеска се зголемуваат.“, додаде Николовски.
Николовски ја потенцираше посветеноста на СДСМ кон конкретни решенија и поддршка за земјоделците:
„Јас имам целосно право да зборувам и затоа што сме го работеле и за тоа што го предлагаме денеска, да се вратат одредени состојби и земјоделството да имаат поддршка.“, потенцираше пратеникот на СДСМ.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, дожд на запад
Според прогнозата на УХМР, утре времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови од земјата ќе има повремен локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде од -1 до 6 степени, а максималната од 10 до 16 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, а на делови од котлината повремено засилен југоисточен ветер. Температурите ќе се движат од минимални 2 до максимални 13 степени.
Времето во наредните денови
До сабота, под влијание на циклонска активност, ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во среда и четврток, кога на повисоките планини дождот ќе преминува во снег. Од среда ветерот ќе го промени правецот во северен.
Македонија
Свечена седница на Советот на општина Карпош
Во рамки на планираните активности, Советот на Општина Карпош одржа Свечена седница, заседавајќи по третпат откако е конституиран новиот состав на ова тело. Во таа насока, советниците од Карпош разгледуваа две точки кои се најдоа на денешниот дневен ред.
На самиот почеток пред присутните се обрати градоначалникот Сотир Лукровски, кој во оваа пригода ја образложи потребата од одржување на Свечената седница.
– „Почитувани советници. Како што сте веќе информирани, оваа среда Општината го одбележува 49-тиот роденден со Свечена манифестација, во чии рамки врачува Плакета на заслужен граѓанин за 2025 година. Затоа ве повикувам, ова признание да го доделиме достоинствено и обединето, како благодарност и како порака дека општина Карпош знае да ги вреднува своите сограѓани. На тој начин би сакал да покажеме дека зад оваа одлука стои Советот како институција, да испратиме јасна порака, дека секој што работи за доброто на нашата локална заедница, без разлика на неговите политички, верски, етнички или било какви други убедувања, ќе биде препознаен и секогаш поддржан од наша страна“ – истакна Лукровски.
Првиот човек на Општината потенцираше дека на овој начин локалната самоуправа покажува вистинска посветеност, градејќи стабилна традиција како институција која се грижи за своите најдобри сограѓани.
Во таа насока, мнозинството советници постигнаа консензус околу изборот на заслужен граѓанин на локалната самоуправа, која традиционално ја практикува оваа иницијатива во рамки на одбележување на Денот на Општината. Имено, македонската фудбалска легенда, Драги Сетинов е избран за заслужен граѓанин на општина Карпош за 2025 година. Спортската јавност го познава Сетинов по неговите беспрекорни настапи во фудбалските клубови „Победа, „Вардар“, „Хајдук“ од Сплит и „Етникос“ од Пиреја.
Поддршка од Советот доби и Предлог – Одлуката, со која Општина Карпош ја наградува полициската службеничка Елена Дракулевска, која ја извршува својата функција во Полициската станица од општа надлежност – Карпош. За таа намена, локалната самоуправа од својот Буџет обезбеди финансиски средства во висина од 60.000 денари. Дракулевска ќе добие од Општина Карпош парична награда и Пофалница за заслуги, за нејзиниот исклучителен придонес во унапредување на безбедноста и јавниот ред.

