Македонија
Поради сообраќајна несреќа во прекин сообраќајот на патот Кочани – Виница

Од 13.30 часот во прекин е сообраќајот на патниот правец Кочани-Виница кај хотел „Филипо“ поради случена сообраќајна незгода, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2024 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Возење без дозвола, брзање, неправилно паркирање – за три дена во државата издадени над 2.000 платни налози

Во изминативе три дена, од 13 до 15 мај, во рамки на реализираните сообраќајни контроли што полициските службеници во сите сектори за внатрешни работи во континуитет ги спроведуваат на патиштата низ земјава, вкупно беа издадени 2018 платни налози од кои што во најголем број, односно половината се однесуваат на прекршоците: непрописно паркирање 600, брзина на движење спротивна од пропишаната 256, како и управување на возило без возачка дозвола 204 прекршоци.
Покрај овие прекршоци согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, исто така евидентирани беа подеднаков број прекршоци по основ на користење на мобилен телефон и некористење сигурносен појас при што санкционирани се по 117 учесници во сообраќајот, а пак дури 119 возачи на мотоцикли се санкционирани за неносење заштитна кацига. Во рамки на контролите деветмина возачи минале на црвено светло, изречени се 26 мерки возење под дејство на алкохол, а санкционирани биле и 25 пешаци.
По основ пак на Законот за возила од вкупно 67 возила отстранети од сообраќај, 24 биле технички неисправни, а 43 не биле регистрирани.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта.
Македонија
(Видео) Манасиевски: СДС и Филипче да не молчат и да одговорат каде е Венко

Една недела, СДС и Филипче молчат и се кријат, за потеклото на златната виза на чиракот на Заев, Венко Филипче. Откако на Венко му се испушти дека поседува златна виза, за која не го наведе потеклото, го снема од јавноста, а според нашите информации, тој пред 6 дена на граничниот премин Богородица, ја напуштил државата, истакна на прс-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Праша, дали Филипче, кога ја напуштил државата, се упатил кон Солунскиот аеродром и заминал во Дубаи со златната виза, да се најде со неговиот ментор Заев, за да ги проверат градежните активности на 50 катницата.
„Венко Филипче, со оглед на тоа дека не негира, се поставува теоријата дека нашите тези се вистинити.
Венко Филипче, должи одговор на јавноста, доколку навистина заедно со Заев имаат бизнис во Дубаи, од каде му се парите? Дали Венко парите ги има заработено на нелегален начин, бидејќи сума од 500 илјади долари не се заработува така лесно?
Филипче не ја покажа ниту нострифицираната диплома, бидејќи по се изгледа ја нема, ниту одговори за тоа со која болница преговарал за да добие златна виза?
Филипче и СДС, останаа неми на нашите прашања. Денес повторно прашуваме, каде е Венко Филипче?
Дали планира да се врати во Македонија или ќе остане во Дубаи“, праша Манасиевски.
Според него, СДС и Филипче, тонат во бездна.
Како што додава, неискреноста, манипулативноста и корупцијата, се темелите на кои се поистоветуваат и СДС и Филипче.
„Додека тука глумат загрижени, истовремено во Дубаи ги трошат украдените пари, на нас граѓаните.
СДС и Филипче се прочитана приказна, тие се синоним, за неспособност, криминал и корупција“, оценува Манасиевски.
Македонија
Отворен јавен повик за финансирање проекти за воннаставни активности во основните училишта во Центар

Општина Центар објави Јавен повик за финансирање проекти за воннаставни активности наменети за ученици, наставници и родители во општинските основни училишта, на тема „Улогата на наставниците и стручните соработници во пренесување на вредностите и моралните норми кај младите“.
Градоначалникот Горан Герасимовски информира дека право на учество имаат здруженија на граѓани и други организации од областа на образованието, со седиште на територијата на Општина Центар – Скопје, кои ги исполнуваат утврдените критериуми како: досегашно искуство во реализација на воспитно-образовни проекти, проширување на активностите во сите општински основни училишта, вклучување на обучувачи со високо научно звање (доктори на науки) од релевантни области, родова и старосна рамноправност и детален финансиски план.
„Нашите училишта не се само места за настава, туку и средини каде што се градат вредности и се развиваат карактери. Со овој повик вложуваме во образованието како темел на одговорно и морално општество, каде наставниците и стручните кадри имаат клучна улога во воспитувањето на младите“, вели Герасимовски.
Проектните активности треба да се реализираат во периодот мај – јуни 2025 година, а избраниот проект ќе добие финансиска поддршка во износ од 250.000 денари, еднократно исплатени од Буџетот на Општината.
Рокот за поднесување на пријави е до 20.05.2025 година до 15:00 часот. Пријавите се доставуваат лично во архивата на Општина Центар или по пошта на адреса:
ул. „Михаил Цоков“ бр. 1, 1000 Скопје.
Целокупната документација треба да содржи: пријава со опис на проектот и план на активности, портфолио на здружението, биографии на обучувачите, ажурирана тековна состојба или решение за регистрација (не постаро од 6 месеци).
Проектите ќе ги разгледува стручна комисија формирана од Градоначалникот на Општина Центар, а сите пријавени ќе бидат писмено информирани за резултатите.
Повеќе информации за јавниот повик: https://www.centar.gov.mk/?p=25251