Македонија
Поради ужасните услови за живеење во Битола, Лука се враќа во Скопската зоолошка градина
Социјалните мрежи денеска беа преплавени од фотографии од тажното мајмунче Лука, сместено во валкан кафез во битолската Зоолошка градина, без речиси никакви хумани услови за живеење. Во исто време беше споделена и фотографијата на Лука додека тој беше сместен во Скопската зоолошка градина, со банана во раката и задоволен поглед – токму таа фотографија на Горан Анастасовски се најде во изборот на британскиот весник „Дејли мејл“ на највесели фотографии од животни на последната деценија.
Разликата во изгледот и погледот на Лука е повеќе од очигледен.

По жестоките реакции во јавноста, се огласи директорот на Скопската зоолошка градина, Ѓорѓи Галетановски, кој рече дека донел одлука Лука да биде вратен во Скопје.
„Пред извесно време во Скопје ЗОО имавме сугестии од странските ментори да го преселиме мајмунчето Лука некаде каде што ќе живее во заедница бидејќи во Скопје требаше да остане сам. Затоа одлучивме да оди во Битола извесен период. По вчерашните слики од некои граѓани на Битола, видов дека не може да живее таму и денес со мојот тим одлучив Лука да биде вратен во Скопје. ЗОО Скопје секогаш ќе биде спремна за помош на битолската Зоолошка, но и тамошните власти треба да најдат решенија и да створат услови за нормален живот на сите животни бидејќи зоолошките во Европа и светот постојат за едукација и за да ги заштитат и да се грижат за опстанок на ретките видови животни. Кон тоа се стремиме и ние“, напиша Галетановски на „Фејсбук“.
Малечкото мајмунче Лука беше напуштено од својата мајка, па поради тоа, чуварите од Зоолошката градина во Скопје го зедоа под своја заштита и го опсипуваа со љубов и нега.
И така беше сè до денот кога го одведоа Лука во Битола, кога тој целосно ги промени својот изглед и расположение. За среќа, Лука набргу ќе се врати во својот дом во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

