Македонија
Поранешниот министер најави тужби: „Ми го валкаат името со измислици и лажни тврдења“
Поранешниот министер за земјоделство Љупчо Николовски објави дека поради лажни пријави и клевети од ВМРО-ДПМНЕ, ќе преземе соодветни правни мерки.
Во својата реакција на Фејсбук тој обвинува дека наместо да се соочат со проблемите во земјоделството, власта се насочила кон напади врз него како опозициски пратеник.
Николовски истакна дека укажувал на проблемите со ИПАРД, на неисплатените субвенции и на тешката состојба во земјоделството, но наместо конкретни чекори бил соочен со, како што ги опиша, лажни пријави и клевети пласирани преку прес-конференции.
Тој додаде и дека постои тенденција неговото име да се валка со измислици и лажни тврдења, потенцирајќи дека таквите постапки потсетуваат на еден поранешен режим кој неславно заврши, а не на институции посветени на вистински развој на земјоделството. Според него, доколку енергијата била насочена кон поддршка на лозарите, тутунопроизводителите, оризопроизводителите, овоштарите, градинарите и сточарите, резултатите во секторот ќе биле поинакви.
Поради, како што наведува, неразумните обвинувања и обидите за нарушување на неговиот углед, ќе преземе правни мерки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот низ државата во зимски услови, магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица до 60 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 11 степени
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Од среда времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини со врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во среда засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на експресниот пат Кочани-Штип
Од 23:25 часот, вчера вечер сообраќајот на експресниот пат Кочани-Штип целосно е нормализиран, извести АМСМ.
Претходно, од 19:10 часот, поради сообраќајна несреќа на експресниот пат Кочани – Штип во близина на село Тркање, сообраќајот беше во целосен прекин.

