Македонија
Јанева: Боки нема поим од право, може да се разбира од марки
Тужената Катица Јанева, од која бизнисменот бара да врати дел од 1.5 милиони евра, кажа дека нема врска со тие пари. Според неа, ниту во „Рекет“ се товарела дека ги зела тие пари. За случајот „Империја“, каде што според предметот „Рекет“ Бојан Јовановски-Боки 13 влијаел врз неа како специјален јавен обвинител за Орце Камчев да биде повластен, рече дека не е точно:
„Истите мои поранешни колешки, а тие се колешки по ракија и по чашка, во предметот ‘Плацови на Водно’ побараа поблаги мерки за него, најголемиот финансиер и перач на пари во историјата на Македонија. Без срам и перде побараа за неговото сторено кривично дело“, кажа Јанева.
Според неа, таа не сторила никаква штета на Орце Камчев: „ Напротив, според пресудата, таму стои дека сум му овозможила корист во постапката, со спогодба и погодности“, кажа Јанева.
За запленетата гарнитура, посочи дека има сметкопотврда.
Адвокатот Лазар Јанев праша: „ На 21 февруари 2019 година, дејствие кое го има преземено СЈО за Јордан Камчев: До Врховниот суд достави мислење со кое бара предлогот молбата на адвокатите на сега тужителот (Камчев) да биде пуштен од куќен притвор да биде одбиен како неоснован. А Врховниот суд го пушти. Не знам која корист јас сум ја направила. Мислењето на СЈО не го ни споменаа. Не можам јас да влијаам со мислење, а целата пресуда е тоа. Јас се товарам за мислење и дека Боки влијаел. Боки нема поим од право, може да се разбира од марки. Добро е што се најдовме тука па научи нешто“.
Тврди дека никогаш не планирала да бега.
„Јас ја следев снимката, бев на одмор во Грција, па во притвор. Ако сакав да побегнам ќе останев во Грција. Јас се вратив за да докажам дека сето тоа е монтажа, небулоза е тоа. Си останав достојна да ја докажам вистината дека сум чесен човек и дека не сум ја злоупотребила положбата и овластувањето“, рече Јанева.
Јанева кажа дека ѝ е замрзнат целиот имот по пресудата од „Рекет“, како и пензијата која ја зема од нејзиниот починат сопруг.
За парите на маса, за кои Обвинителството кажа дека се 50 илјади евра, Јанева рече: „Не знам кога ме снимал Боки, јас снимката ја видов во Обвинителството. Дали е точна снимката и каква е, никој не знае. Не е вештачен телефонот. Ниту мојот телефон е вештачен“.
„Дали поднела приватна кривична пријава против Бојан Јовановски за неовластено снимање“ праша адвокатот на Камчев, Александар Михајловски, по што, таа рече дека не сака да одговара на тоа прашање и додаде: „Тоа е моја приватна работа“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

