Македонија
Поранешните премиери се скараа на „Фејсбук“: Груевски вели дека Заев е дволичен, тој му одговори дека треба да си најде хоби, а не да пишува епопеи од бегство
Поранешните премиери Никола Груевски и Зоран Заев со обвинувања преку социјалната мрежа „Фејсбук“. Груевски го нарече Заев дволичен, а тој му одговори дека треба да си најде хоби.
Во објавата Заев пишува дека било подобро Груевски да ја издржел казната во Македонија за да може да зборува од тука, а не од бегство да пишува епопеи, кои никој не сака да ги чита до крај.
„Никола, тебе навистина ти е досадно, нели?! Читам денес дека си почнал и да се разубавуваш:) Човеку, ти навистина не знаеш што да правиш со самиот себе.
Само да ти кажам, овие твоите те слушаат, гледам дека секојдневно им делиш задачи. Знам, контролата од далечина ти е малку тешка.
Можеше да ја издржиш казната, тоа малку што ти го дадоа, бидејќи да бев јас некој друг и да се мешав во правосудството, ти ќе добиеше многу повеќе. Но, јас не сум како тебе и твоите, јас сепак се борев за слободна и демократска Македонија.
Да ја издржеше тогаш казната и да покажеше достоинство кон народот на Македонија, денес ќе можеше од тука, од Македонија, да зборуваш пред нашата јавност наместо од бегство да пишуваш епопеи за кои тука се тера мајтап дека никој не може и не сака да ти ги дочита до крај.
За разлика од тебе, неуспешниот и поразен „боксер“, ние пред политиката се занимававме со сопствена работа, и тоа успешно. А сега, кога речиси пет години сум во политичка пензија, нема ден да не ме спомнете. Толку ли комплекси сте си натовариле?
За разлика од тебе, кој се капеш во украдените парите на граѓаните на Македонија, јас достоинствено работам и своето време и натаму ќе го трошам на работа, а не на серијали писанија посветени на тебе. Тоа значи дека ова е една од ретките можности кога го добиваш повторно моето внимание.
Затоа, ти предлагам, најди си нешто да работиш. Не мислам да работиш за да заработиш, тоа го имаш оти безобразно и развратно крадеше. Туку мислам на тоа да си најдеш некое хоби, занимација, да ти годи додека се разубавуваш. Научи ли гулаш да правиш?:)
За крај, се надевам и верувам дека ќе дојде денот кога ќе се појавиш во Македонија, а добро знаеш каде ќе треба директно да одиш.
За да разбереш: Јас жеден да сум, Русија капка вода нема да ми даде, а камоли бизнис да ми даде. До свидания Никола! Поздрав од Македонија, полноправна членка на НАТО“, објави Заев.
Претходно, Груевски ги обвини Заев и Филипче дека се дволични и дека едно зборуваат дома, друго прават надвор.
„Во вчерашната моја фејбук-објава со наслов КО О ЧЕМУ, ЗАЕВ И ФИЛИПЧЕ О ПОШТЕЊУ отворив неколку теми и ги предизвикав овие два лика од насловот да одговорат на одредени прашања и информации.
Првата тема беше за дволичноста на Зоран Заев, познат по тоа што секогаш го води исклучиво финансискиот интерес.
Тој одамна во политиката се позиционира, а така ја позиционира и од него контролираниот СДСМ, а денес само формално водена од Венко Филипче, како проукраински, прозападни, проевропски и истовремено со силни антируски ставови.
За време на владеењето на СДСМ, Македонија донира голема количина оружје на Украина набавено од пари од буџетот на Македонија, кој се полни од даноците што ги плаќаат сите граѓани.
Поранешната министерка во владата на Заев безмалку ѝ објави војна на Русија, а нејзината претходничка веќе е и заменик-генерален секретар на НАТО.
Сите заедно покажаа силна подготвеност доколку треба да се испрати и македонска војска во одбрана на Украина доколку така се одлучи во НАТО или ЕУ.
Добро познато ѝ е на јавноста и кој го инсталира Заев на власт како марионетска влада во 2017 година.
Но во заднина „ербап-Европеецот“, спремен да прати туѓи деца на фронтот на големо во стотици милиони рубли, секој месец врши трговија со руско железо и челик, односно купува евтино железо од Русија, чија цена е пониска поради силните западни санкции кон Русија и прави зделки во кои сите имаат заработка, и продавачите од Русија и купувачот фирма на Заев.
Така кажано со сегашниот наратив на европските политички лидери, тој за лично богатење учествува во зајакнување на финсирањето на Русија и приватно како Заев-бизнисмен тој всушност ја финансира војната во Украина, но не Украина.
Значи, за Украина официјално даваше поддршка со парите на сите граѓани и ако затреба и сите така решат, и со жива сила, а за целите на лично богатење – тој е во тесна соработка со компании од Русија, фирми кои од тие заработки плаќаат даноци во буџетот на Русија“, е дел од објавата на Груевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Обвинителството за куќниот притвор на Груби: Се водиме исклучиво од законските основи
Јавното обвинителство како единствен и самостоен орган, при одлучувањето и предлагањето на мерките за обезбедување во сите случаи се води исклучиво од законските основи, велат од ЈОРМ.
„Во однос на реакциите на јавноста во врска определената мерка за обезбедување – куќен притвор за еден од осомничените во предметот „Државна лотарија“, обвинителството нагласува дека, согласно Законот за кривична постапка, мерката куќен притвор, особено кога се реализира со 24-часовен надзор, е исто така притворска мерка, која не се издржува во затворски услови само затоа што постојат специфични услови за тоа.
Таквите услови во конкретниот случај беа исполнети, бидејќи по проценка на надлежните органи – МВР и АНБ постојат сериозни информации дека во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност на овој осомничен. Деталите во однос на ваквите загрозувања беа презентирани пред судијата на претходна постапка.
За обвинителството од исклучителна важност е што овој осомничен е обезбеден и за него продолжува кривичниот прогон за сомненијата за сторено кривично дело – Проневера во службата од член 354 од Кривичниот законик. За него беше спроведена финансиска истрага и се обезбедени најголемиот дел од потребните докази, во кои одбраната веќе врши увид.
Надлежните јавни обвинители во предметот постапуваат одговорно и во согласност со законските надлежности. Јавното обвинителство го разбира интересот на јавноста за овој предмет, но апелира за воздржаност на коментарите во однос на легитимно донесените јавнообвинителски одлуки за да се овозможи ефикасна и правична постапка“, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Судскиот процес за Артан почнува, а допрва ќе почне и за сите негови ортаци, правда ќе има
Го разбираме револтот на граѓаните од одлуката на правосудните органи со 2 посто доверба од граѓаните за случајот со Артан Груби. Тоа незадоволство доаѓа по 7 годишна агонија на правосудните органи кои беа под политичка тортура и притисок на криминалната банда СДС-ДУИ и серија неказнивост за политичарите кои од просечно ситуирани граѓани станаа олигарси на грбот на граѓаните. Тоа време заврши, а криминогениот и до гуша во афери Артан Груби ќе одговара, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Извршната власт во овој случај има обврска да го обезбеди бегалецот пред органите на правдата и тоа МВР го направи.
Што се однесува до лицемерието на СДС тоа се гледа и во фактот што до вчера велеа дека власта го пуштила да избега, а од денес велат дека е договорено неговото обезбедување пред органите на прогонот. Вистината е дека Артан е ортак во криминалите на Заев, Филипче, Спасовски и сите заедно ќе одговараат. Судскиот процес за Артан почнува, а допрва ќе почне и за сите негови ортаци. Правда ќе има“.
Македонија
Дефокус не го полни фрижидерот, потребна е 600 евра минимална плата, велат од СДСМ
Со дефокус нема да ја тргнете темата за 600 евра минимална плата. Дефокус не го полни фрижидерот, истакнуваат од СДСМ.
„Со дефокус не можете да ја тргнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари. Повеќе не можете така да поминувате. На сите им е сè јасно. План за ребаланс на буџетот и кратење на луксузот ви дадовме. Прифатете го предлог-законот, откажете се од авионот, мебелот и луксузирањето. Дајте им на работниците тоа што го заслужуваат за пристоен живот.
Џабе ви се 40% од медиумите во сопственост на Орбан – гладен стомак не можете со пропаганда да го убедите дека е сит. Луѓето живеат тешко додека вие ги полните џебовите со тендери“.
Секојдневно ја задолжувате државата за вашите тендери, ги полните своите џебови додека луѓето едвај врзуваат крај со крај, реагираат од СДСМ за ВМРО-ДПМНЕ.
„Вашите црни кампањи, така наречени новинари како Латас, Ивона, Геро и „суперхероите“ како Бетмен не поминуваат повеќе. Вашите Алфа/Алта мрежи не можат да го запрат незадоволството кај народот.
Прифатете го законот заради работниците – доста беше од вашите игри.
Ќе дојде ден кога правосудството ќе биде слободно – сите ќе одговарате“.

